Melanie

Candles in the Rain

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

Љубовта и протестот на Мелани

И денес кога ќе се потсетам на времињата од пред, ете, четири децении и повеќе, барем онолку колку што ме држи помнењето, секогаш првин помислувам на неа. И не е прашањето тука дали таа пресудно влијаеше врз мојот музички вкус (а влијаеше); не е ни во прашање тоа што таа ми беше првата детска љубов: и сензуална, и ментална, и секаква; не е причината ни тоа што уште ја сакам, и физички, и музички, и секако – и тоа таква каква што е: убаво пополнета бабичка од 67 години што уште настапува со своите синови во некои чудни казина и лицемерно луксузни локали, наменети за декадендните возрасни милијардери, на кои за скапи пари им ја продава нивната „жал за младост“. Причината е една и единствена – Мелани беше пресудна за моето севкупно формирање и форматирање, за градењето на моите етички, политички, културолошки, па ако сакате и уметнички светоназори. Е, сега прашање е дали е тоа добро или лошо завршена работа, но, што се однесува до мене, јас тешко би се менувал себеси, а уште потешко би ја менувал Мелани.

За жал (или можеби за среќа) Мелани во овие краишта остана доволно анонимна, така што ја имам таа чест одново и одново да им ја откривам не само на новите генерации, туку и на мојата, па и на постарите. Дури ни „Suzy“, агилната загрепска продукција што редовно лиценцно ги издаваше најважните актуелни светски рок-албуми, никогаш не издаде нејзино изданија. Божицата на фестивалот во Вудсток ја немаше ни во документарниот филм за овој фестивал. (Мартин Скорцезе, инаку монтажер на овој филм, во едно интервју ќе посведочи дека неверојатно тешко му било кога ја исфрлал младата американка за сметка на Џо Кокер). Ама така требало да биде – Мелани да остане оној драгоцен, благороден камен, достапен само за сладокусците и за вистинските следбеници.

Melanie_Safka

Сепак, ако треба веќе да се одредам за само еден албум од нејзината робусна продукција, тоа секако ќе биде нејзиниот трет албум и првиот од четирите (!) што ги издаде во 1970 година, „Candles in the Rain“. Причините за овој избор повторно се субјективни и објективни. Во оние лични, сосема приватни, причини спаѓа и фактот што очајнички сакав да го имам овој албум. Бев премлад да патувам до Трст или некаде каде што би можел да го купам, но затоа за мене го нарача еден мој сосед, голем дискофил (сега живее во Загреб и за жал ги изгубивме контактите), а јас се обврзав седум месеци да му го давам мојот џепарлак за да ја платам плочата. Арно ама, неполн месец откога во моите раце дојде скапоценото издание, гордиот сопственик го однесе на една журка и таму – плочата беше украдена! Гневот и нагонот за самоубиство го ублажив со тоа што на истата журка и јас зедов некоја плоча и ја ставив во празната опаковка на Мелани. Утешително беше дека плочата што ја украдов, без да знам која е, беше некоја од оние избори „Најдоброто од…“, во случајот од Ела Фицџералд. Уште не знам која мајка Ела Фицџералд бараше на една предпубертетска журка, ама и оваа плоча ме удри како чекан по глава, но тоа е друга приказна… Во секој случај, ако некој што го чита овој текст, препознае дека украдената плоча е негова, ете јас и сега искрено се извинувам. Како и да е, јас плочата на Мелани ја плаќав уште шест месеци после тоа.
На оваа плоча се наоѓаат девет песни, мастерписа, што би се рекло, и еден рецитатив (односно рецитаторско интро). Сите, освен две, се авторско дело на Мелани (дури многу подоцна разбравме дека презимето и е Сафака, со додадено Шекерјак, инаку презиме на нејзиниот сопруг и продуцент Питер Шекерјак). Тие два исклучока се неверојатниот кавер на „Ролингстоунси“ „Ruby Tuesday“ и исто толку впечатливата обработка на стандардот на Џемс Тејлор „Carolina In My Mind“.
Но, на оваа плоча има две песни кои не се важни само за мене, туку буквално за целиот музички свет. Тоа се насловната, ако може така да се каже, односно „Lay Dawn (Candles in the Rain)“ и „Look What They’ve Done To My Song, Ma“. И двете, се разбира, авторско дело на најважната претставничка на хипи-генерацијата. Апокрифната легенда вели дека за време на нејзиниот ноќен настап на Вудсток врнел најсилниот дожд. Таа ја пеела „Birthday of the Sun“, а секој од оние стотици илјади посетители (се шпекулира дека на Вудсток имало 570.000 публика) што имале нешто што се пали: запалки, кибритчиња, па дури и свеќи, ги запалиле (за неупатените: мобилните телефони доаѓаат многу подоцна). Мелани сведочи дека глетката била незаборавна и набиена со емоции. И… дождот прекинал и сонцето почнало да изгрева. Од тој момент до денес на сите концерти, на сите меридијани во светот, кога ќе се засвири некој „сентиш“ (што би рекле ние старците), се палат мобилни, запалки и се’ што може да свети. Веднаш потоа (и буквално веднаш потоа) ја компонира својата легендарна „Lay Dawn (Candles in the Rain)“, ја снима заедно со „Edwin Hawkins Singers“ (оние што ја имаат најпознатата верзија на спиритуалот „Oh Happy Day“ и песната не станува класик, туку епик. И денес делува неверојатно моќно. Иако е отсвирена акустично, благодарејќи на госпел-гласовите во придружбата, но и на совршено-несовршениот глас на Мелани, звукот е толку силен што неминовно ви го крева адреналинот. Гласот на Мелани е изваден од стомак, искрен, протестен, пробивен… Токму како со него да се бори да не ја проголта мракот на ноќта. А, стиховите, текстот… Па, не знам, ќе го најдете на Гугл. Тука само мал цитат, поради нас, тука, денес: so raise the candles high cause if you/ don’t we could stay black against the night/ oh raise them higher again and if you/ do we could stay dry against the rain.
Кога сме веќе кај стиховите, песната „Look What They’ve Done To My Song, Ma“, со нејзиниот етеричен, да не кажам ентропичен и надреален текст што кажува многу повеќе од било кој текст на овдешната музичка сцена, па дури и од било кој реалистичен (нека биде и хипер-реалистичен) поетски текст од овдешното милје, делува истовремено и бунтовнички и мирољубиво, и љубовно и кавгаџиски, и сентиментално и арогантно… „Look What They’ve Done To My Song, Ma“ е една од најпрепејуваните и најпреработуваните песни во историјата на поп-музиката (секако, тоа не е случајно). Еден од првите што ја каверизираше беше легендарниот Реј Чарлс. Во нашиве краишта најпознатите преработки беа на „Бајага и инструктори“ и на Дејан Цукиќ („Види, шта су ми урадили од песме, мама“).
А Мелани… таа бринета, со долга костенлива коса и со цветови во косата, тој лик што послужи како прототип за секоја замислена хипи-девојка, таа Мелани, па…, благодарам за прашањето, добра е, жива е, здрава е и сака да се сеќава на времето кога беше скапоцениот, недостапен камен во круната на љубовта на една младост. Исто, впрочем, како и јас.

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...