Hardfaced

Dying Lake

Hardfaced се бенд кој повеќе од една деценија ја одржува во живот македонската хардкор/металкор сцена. Без разлика дали преку нивните веќе три албуми, локални концерти, балкански и европски турнеи (од кои две во 2014) или преку вклученоста на нивните членови во Diehard екипата, која издава локални бендови и редовно носи квалитетни имиња од нивната сцена, тие заедно со нивните партнери во криминал Smut, се едни од малкуте артисти во тешката хардкор сцена кои вистински работат.

Охриѓаните Hardfaced ги следам од моментот кога отприлика 2004-та ми улета нивното прво демо со три песни, на кое и покрај екстремно валканиот звук можеше да се осети нивниот потенцијал, тежина и бруталност.

Од тоа демо па преку нивните два претходни албуми, More Than Hate од 2007 и Show Them What They Fear од 2011, може да се забележи голем прогрес во нивнот звук, што разултира со нивниот најзрел албум досега, симболично именуваниот Dying Lake, издаден 2014.

Иако ја има тежината од претходните изданија, Dying Lake се издигнува над нив со својата зрелост, темнина и константно чувство на очај. Звукот варира од класични металкор влијанија како Biohazard, All Out War, Hatebreed, Arkangel, Stampin’ Ground, свежи тешки бендови како Harm’s Way и Nasty, доста мелодични моменти, како и за нив претпознатливите долги епски гитарски солажи, но овој пат и со многу повеќе метал од претходно. Влијанијата од Slayer, Crowbar, Pantera, Obituary, Machine Head… може да се осетат низ целиот албум.

Текстовите, слично како и музиката, се причично неагитвни, полни со гнев, очај и безнадежност. Таа безизлезност, која верувам ја чувствуваат мнозинството млади луѓе кои живеат тука, може посебно да се забележи во стиховите на насловната Dying Lake посветена на нивниот роден град “This is a song for a dead city/A hymn of a dying lake/Where rules are no rules/And sinners write the fate”. Но, наместо укажување на решенија или обид да се дојде до подобро утре, на Dying Lake изгледа како да се помируваат со ситуацијата и со раширени раце го чекаат крајот.

Со секое издание и секој нивен настап на кој сум присуствувал тие звучат сé позрело, но притоа не ја губат онаа адолесцентска искреност, енергија и ентузијазам, која би требало да ја поседува секој хардкор, па и општо рокенрол, бенд. Искрено се надевам дека тоа ќе продолжи и понатака.