Хамлет меѓу Апдајк и Шекспир

За интерпретацијата на Џон Апдајк на митот за Хамлет во романот „Гертруда и Клаудиј“

Вилијам Шекспир ги градел своите бесмртни трагедии од сублиматите на митовите што го возбудувале неговиот драмски и книжевен талент. Приказната за Хамлет е цивилизациска парадигма, литерарна и театарска координата и извор на анализи и толкувања од филозофски, книжевен и театарски аспект. Трансверзалата Апдајк – Хамлет – Шекспир наведува на едно сосема поинакво размислување кога се во прашање конкретните ликови транспонирани од митови во книжевни форми. Франсоа де Белефорест во „Историските трагедии“, печатени во далечната 1576 година го поместува и митот за младиот и меланхоличен Хамлет, чија семејна трагедија ја первертира целата негова личност токму заради родосквернувањето и несфативоста на ситуацијата што прави огромен пресврт во неговиот живот.

h2

 

 

Романот на Џон Апдајк „Гертруда и Клаудиј“ го следи временскиот период до враќањето на Хамлет од Витенберг. Она што кај Шекспир е некако намерно профано и до крај девстирано е љубовта. Кај Апдајк таа љубов е зовриен флуид кој предизвикува да се случи фаталната трагедија. Релацијата Хамлет – Офелија низ оваа приказна многу пред да се случи, истата се повторува меѓу Гертруда и Клаудиј чии архаични имиња се Герута и Фенг и Геруте и Фенгон во горенаведените интерпретации. Дефинитивно, причината за погрешно толкуваните и пред се погрешно интерпретирани  релации лежи во длабоката генеалошка сонда на суб-цивлизациските племиња во Данска во зората на вториот миланиум. Стариот крал Рорик има желба неговата тенка и сензуална Герута да се омажи за моќниот јунак Хорвендил Јут, а не за неговиот несериозен бонвиван Фенг во кого пак, токму Герута е вљубена до уши. Едноставно изрецитирана матрица која пред очите на читателите и гледачите се отвора како книжевно и драмско оригами со циклична филозофска предодреденост. Имено, Хамлет, не сакајќи ја повторува истата релација со наметнатата релација со Офелија, но во друга околност која самиот ја конструира имајќи ги во предвид претходните случувања во неговото семејство. Апдајк и Шекспир третирајќи различни временски периоди од Хамлетовото семејство, всушност градат една паралелна приказна која ја обелоденува другата страна на медалот. Гледајќи ги ликовите на Гертруда и Клаудиј во една црно-бела варијанта имаме впечаток дека тоа се злите карактери кои ја предизвикале генеалошката катастрофа, а кои конечно и од следната генерација направиле и интимна и политичка колатерална штета. Но, Апдајк вели дека тоа воопшто не е така. Злостроството од страст е чин кој се извршил во моментот кога лончето прекипело и капакот паднал. Жешката вода се излеала и ги изгорела оние што се наоѓале блиску до зовриениот лонец. Тоа бил стариот Хамлет или со архаичното име Хорвендил Јут или Хорвендиле. Младиот Хамлет бил далеку и не бил зафатен од оваа немилосрдна лава. Гертруда и Клаудиј се жртви на задушена љубов, на неможноста искреноста во сакањето да биде до крај реализирана во брак. Овде забележуваме дека и во историјата на Шекспир и во онаа на Апдајк бракот е институција чија емотивен постамент е прилично фрагилен. Во оној момент кога требало да се реализира, љубовта меѓу Гертруда и Клаудиј станала последица од сокриено убиство и таа како таква веќе нема позитивно влијание во нивните животи. Дотолку повеќе, таквата, веќе нагрдена и извалкана со крв љубов продуцира манипулантство кое во дупката на ѓаволот го вовлекуваат и единствениот наследник – Хамлет, но и целата држава. Фортинбрас, како патник намерник (како што, всушност се и денешниве јунаци) ја ќари моќната Данска империја која стариот Рорик ја замислувал како најимпактна и најбогата.

 

Hamlet
Gertrude and Claudius

 

 

Зошто сакаме да поверуваме дека со ослободувањето од стегите на начин што ќе ги елиминираме правејќи си последица на самите себе, нашиот живот ќе заземе позитивен правец? Утопијата на градењето на монархии врз темелите на класичните и современите атентати Шекспир ги анализира во многу свои трагедии. Таква е заблудата и на Макбет, таква е измамата и на Отело, такви се групните атентати врз Јулиј Цезар и Кориолан итн. Љубовната синтакса во Елсинорското семејство се претвора во излез на погрешна врата и во страствено лудило од кое разбудувањето е многу  болно.

Хамлет вака метасемантички поставен меѓу циничната матрица на Апдајк и класицистичката дихотомија на Шекспир повторно не може да дише. Визуелната интерпретација секогаш има нови и нови варијанти. Затоа митот за Хамлет е драмска и театарска парадигма со која манипулираат огромен број на уметници и плагијатори. Никогаш големите дела не се интерпретирани на најразличен начин заради својата слоевитост, туку заради својата подложност на манипулација.  Светот во сите свои сегменти се стреми да стане манипулантен. Инаку, цивилизациски се докажа дека догматската стаменост е безидејна замена за крутост. Така и митските перпетуирања стануваат повеќе „вистини“ од „верзии“. Хамлетовиот експресионистички амалгам и во двете верзии е доминантен. Кај Апдајк и тоа како, токму затоа што физички не е многу присутен. Во ироничната експлоатација на овој мит, Хамлет е духот кој се исткајува скоро во сите дијалози или како нечиста совест, или како неминовност од која зазираат дури и оние кои најмалку имаат врска со него. Тој во Апдајковиот роман тој плови низ первертираната приказна како Јорик што плови како визија меѓу главните ликови, а само Хамлет се осмелува да го спомене. Љубовната приказна меѓу Гертруда и Клаудиј ја нарекувам первертна затоа што таква ја прават околностите – таа е искривеното огледало на оние Гертруда и Клаудиј во сторијата на Шекспир. Таму околностите се  первертирани, а нивната приказна е најпосле логична, но како и во секоја трагедија сето тоа не причинува задоволство: ниту во едната, ниту во другата верзија.

Времето е безмилосно. Созревањето на Хамлет е како лошо преживеан пубертет – остава неизбришливи последици и тоа се рефлектира на сите. Затоа младиот Хамлет во романот на Апдајк е многу поотсутен од возрасниот Хамлет кај Шекспир. Тоа не е последователно, тоа е наметнато како карма или како лудило, се разбира, наследено. Освојувачкиот карактер на кралството носи извесен навев на варварство, така што лудилото е карактеристика која не е еклатантна, туку е нормално психолошко наследство против кое никој од кралското семејство не се бори – напротив, тоа се развива како храброст и доблест. Така есенцијалната фраза „да себ иде или не“, всушност се однесува на варварскиот контекст во семејните навики на Елсинор, а не на животната определба на меланхоличниот Хамлет, кој Апдајк го нарекува по неговите архаични имиња: Амлет и Хамблет. Варварството го има, за жал, и во дваесет и првиот век и тоа во најжестока и (контрадикторно) во најсофистицирана форма. Не сум видел досега претстава работена по Шекспировиот Хамлет која е инспирирана од тој аспект. Литерарно, Апдајк инсистира на варварскиот начин на живот, на неговата ројалистичка варијанта кога Рорик опишува како Хорвендил Јут го распорил норвешкиот принц и дека тоа е  крунската причини што му ја дава својата единствена Герута. Епохална е варварската интоксикација и во двете дела инспирирани од митот за данскиот принц. Во овие контексти Фенгон (Клаудиј) е совршено чист. Тој е бонвиван и се занимава со матни трговски зделки. Прилично меко за да биде кралски зет, но према старата фраза „буф од орел“, истата приказна многу помеко се чувствува и од животниот стил на Хамлет. Глобалното воено омекнување на Данска како моќно кралство фундирано на многу крв и освојување е најголемата причина што оваа земја пропаѓа и е освоена од Фортинбрас, кој, пак од друга страна, е следниот мекичок владетел на истото тоа тло. Генеалошкиот перверт е само изговор. Затоа и Шекспир и Апдајк се безвременски. Заради механизмот на изговор. Тој механизам совршено функционира кога се во прашање гломазни митски теми, или барем нивна интерпретација во денешни временски рамки.

 

Hamlet 1

 

Ако се вратиме на интимистичкиот аспект, приказната има мелодраматска содржина која само го профанисува ефектот и има голема опасност од заборав. Хамлет меѓу Шекспир и Апдајк може да се гледа единствено како цивилизациска болка која дури и пет векови подоцна метастазира во најцврстото социјално јадро – семејството. Сенката на жанрот и филозофската обоеност не го прави Хамлет ингениозен, го прави само подискутабилен и тоа е, што се однесува до уметноста, многу продуктивно. За разлика од другите митски ликови од кои Шекспир како драматичар напишал пиеси, зад Хамлетовата биографија нема скриени и темни места. Тоа не е случај со Макбет, со Отело, со Цезар, со Кориолан, со Лир. Тие имаат мрачни моменти кои избиваат во дадени околности, но Хамлет тоа го нема. Тој е едноставно духовно (веројатно и физички) интактен. Апдајк го затскрива зад описите и проблемите на Гертруда и Клаудиј, но една од најинфлуентните околности во целиот роман е токму неговиот статус. Овој генијален автор и секоја глава ја започнува со неговото споменување од страна на Хорвендил Јут.

Митот за Хамлет има разни интерпретации, токму заради неговата интактност. Тој ја спушта сондата на пороците надолу до најтемните длабочини, а уметниците кои пишуваат за него само се обидуваат да влезат најдлабоко што можат. А има уште многу да се копа, многу да се пронајде.