Како сме сè уште живи после сè?!

кон “Експеримент” во режија на Јане Спасиќ, Артопиа, 2017

[ ]

Во најавата за претставата „Експеримент” стои: „Главна инспирација за претставата е книгата The Lucifer Effect на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот.” Иако не е најважно да ги разберете сите нејзини паралелни содржински и значенски линии за да ја доживеете жестоко, оваа претстава меѓу другото ги поставува старите прашања: Што е тоа во човекот што го прави да премолчува, поддржува и учествува во злосторства и зошто човештвото не учи од историјата туку ја повторува? И најважно, зошто ги дозволивме и како сме сè уште живи по 27.03.2009, 06.06.2011, 24.12.2012, 05.05.2015, 13.04.2016, 30.06.2016, 27.04.2017…

Eksperiment1

 

„Експеримент” на Јане Спасиќ е (уште една) важна претстава на Артопија. Таа е важна за Спасиќ, за Артопија, за МКЦ, за локалната независна културна сцена и за современиот македонски театар.

„Експеримент” е лекција, вклучително и за нејзиниот автор (а тоа е само уште еден од низата аргументи зашто е одлична), за тоа како се прави авторска претстава. Дека тоа е сериозен, одговорен, напорен, истражувачки процес во кој се фаќате во коштец со она што од секогаш сте сакале да го пробате в театар, а не сте имале прилика или смелост или сте се осмелиле, па сте се изгореле, и најважно, со она што го сакате и во што верувате во театарот. Процес во кој во исто време сте и тактичен како професионалец и смел како аматер. Во кој чесно, одговорно и храбро работите ги правите на потешкиот начин! Созреаниот театарски режисер Спасиќ знае дека тоа е единствениот начин да се искористи ретката прилика со одлични, отворени и посветени актери, во слободен креативен простор, во исклучително деликатен општествен момент да се направи добра и важна претстава, и дека Јане – тврдоглавото еnfant terrible кое одбива да порасне, му е најважниот соработник за оваа задача. Доследен на својата автентична естетика – на детската перспектива, на непријатните приказни за станувањето човек и за динамиките на моќта, кои ако не ги наоѓа во драмската литература, седнува и (сè подобро) ги колажира или пишува самиот, на инсистирањето на динамична, жестока актерска игра и на зачудниот полу осветлен сценски простор поделен по вертикали, Спасиќ на голема врата се враќа на сцената со сериозна, квалитетна и важна претстава. Неколкугодишната пауза во која најмногу учи или работи филм, не само што не го оддалечила, туку била неопходна потребите, размислувањата и пристапите во театарот да му созреат. „Експеримент” е негов (со сета почит кон колегите актери кои во секоја смисла на зборот му го овозможиле тоа) успешен обид да се направи претстава која ќе го архивира и артикулира ужасот во кој живееме во последниве десетина години, а нема да биде само документарен театар. Автентичното театарско, драмското во оваа претстава е така умесно реализирано за да може документарното – она просто преземеното од историјата, науката и политиката на човековата ништожност, да не плесне в лице и да ни зарие нож во стомаците. Во оваа претстава, документарното знаечки е доведено до драмско и тоа е исклучително важно за начините на кои современиот македонски театар (секако вонинституционален, зашто театар иманентно кај нас на друго место нема)  се обидува да постои и да ја артикулира актуелната стварност.  

Актерите, кои заедно со Наташа Петровиќ ја создадоа Артопија одбивајќи катастрофалните репертоарски политики во нивниот матичен Театар за деца и младинци да им ги уништат највозбудливите години од животот на сцена, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Симона Спировска Костовска и Мартин Јорданоски, овој пат придружени од штотуку дипломираната актерка Матеа Јанковска и малите-големи глумци Марија Јанчевска (12 години) и Михаел Стојановски (9 години) во “Експеримент” играат буфони кои живеат во паралелната димензија и понекогаш навраќаат во нашиот смрдлив и расипан свет. Нивниот јазик е валкан, телата им се деформирани од напади, суровост и ниски страсти, маските им се грди и страшни. Но ништо од тоа не е доволно за да ги заштити од нашиот смрдлив и расипан свет. Од спомените на американскиот војник кој во Виетнам учествувал во уништувањето на село во кое имало само старци, жени и деца, од пиењето цијанид во рајот на Џим Џонс, од геноцидот во Руанда, од Холокаустот… од Скопје 2014, од крвта на Мартин Нешковски на плоштад, од #Ж и братучедите, од тепањето на пратениците, новинарите, стечајците, студентите… Професионалните актери се прецизни и интензивни во своите задачи, свесни за своето место и важноста на својот влог во претставата. Тие знаат дека таа е поважна од нив самите како актери, но и од сите нас како луѓе. И така и ја играат. Марија и Михаел се внимателно водени низ оваа исклучително деликатна тема за нивните години, за да се чувствуваат сигурно и слободно на сцената и нивната детска спонтаност и чистота да бидат еден од најважните квалитети на оваа претстава. „Експеримент” за Артопија е извонредно квалитетен чекор потаму по ланската “Да ми го поздравиш и да ми го бациш” не само во актерска, туку и во содржинска и програмска смисла.

Eksperiment2

Заслужува честитки и останатиот дел од креативниот тим на претставата – Бранкица Јорданоска која со секој следен ангажман се потврдува себеси како нов, специфичен израз во македонската театарска костимографија и одличниот Кирил Василев чија што соодветно ‘рѓосана сценографијата е совршено вклопена меѓу металните столбови на задсценскиот простор на киното во МКЦ.

И секако раководниот и програмски тим на МКЦ, кој во последниве години ги препозна и поддржа некои од најсмелите театарски експерименти кај нас, останувајќи значаен потпорен столб на независната културна сцена, онака како што јавните културни институции треба да ú бидат. Давајќи им простор, комплетна креативна и идеолошка слобода и поддршка на ваквите проекти, оваа куќа во која многумина од нас растеа професионално и ден денес ја имаат како свое најдраго место за делување, имаше знаење и волја, во време во кое културата беше згазена од чизмата на пропагандата, да се прероди себеси во најважната јавна културна институција во Македонија.

„Експеримент” е одлична претстава, толку добра што во неа е добро и она што (сè уште) не е. И она што се чини недоволно прецизно и јасно (светот на буфоните и некои од моментите на премин) и тоа е добро. Зашто таму му е местото. Зашто без тоа нема да можеме да го преживееме останатото. Појдете во МКЦ и гледајте ја, следните изведби се на 18 и 19.06. На крајот ќе плачете пред видео материјалите на Горјан Атанасов, зашто нема да добиете одговор на прашањето “Како сме сè уште живи после сè?!” И не треба. Најдобрите претстави всушност не даваат одговори, туку ги поставуваат најнепријатните прашања во вистинско време.

Сè уште силно ракоплескајќи.

17.11.2017

Кога нешто доаѓа „со љубов од Русија“, особено доколку е насловено „Нељубов“, тогаш мора да му се посвети особено внимание. Но, својата особеност рускиот режисер ...

17.11.2017

Секоја чест за селекцијата „Гала премиера“ во киното „Милениум“, во чии рамки на „Синедејс“ можат да се видат новите остварувања на ѕверки како Акин, Ханеке, ...