Екстремно машки

[Насловна фотографија – од учебникот по Граѓанско образование на Костовска, Угриновски и Василески / 2010]

 

Покрај тоа што е процес во кој се стекнуваат знаења, вештини и се поттикнува интелектуалниот развој, образованието е исто така и процес кој има клучна улога за подобрување на општествената еднаквост бидејќи го помага развојот на размислувањето и процесот на предизвикување на воспоставените хегемонистички норми (Атаи и Дању, 2012). Екстерната проверка (екстерното тестирање) е дел од образовниот процес и, по трите пробни тестирања, се спроведува веќе втора година. Во редовите подолу не се навлегува во оправданоста на ова тестирање, туку само во начинот на кој тоа се спроведува.

Во отсуство на официјална и јасно дефинирана цел, можеме само да претпоставиме која е целта на екстерното тестирање, доколку воопшто ја има. Но, ајде да претпоставиме дека целта е да се провери наученото, да се осигура дека ученичките и учениците знаат онолку колку што нивните учителки и учители и наставнички и наставници ги оцениле. Ако на ова додадеме и дел од аргументите споменати во контекст на можноста за воведување на екстерно тестирање во високото образование, можно е една од целите да е и обезбедување на минимално познавање на најважните прашања од материјата која се изучува. Ова упатува дека на екстерното тестирање се поставуваат прашања кои се врзани за минимумот без кој ученичките и учениците не би требало да продолжат во наредниот степен на образование.

Во медиумите веќе се појави веста за едно вакво минимално знаење кое учениците треба да го стекнат, а тоа е дека Македонците се интелегентни, снаодливи и вредни, додека пак Албанците се неснаодливи и живеат во семејства кои не ја разбираат вредноста на образованието и експлоатираат детски труд на штета на најдобрите интереси на детето. Ваквото претставување на измислените ликови во прашањата за екстерно тестирање во најмала рака поттикнува негативни стереотипи за припадниците на немнозинските заедници и може да се смета за продолжување на хегемонистичките норми против кои, како што беше погоре наведено, токму образованието има моќ и обврска да се бори.

Мојот фокус на екстерното е од еден друг аспект – родов. Ги разгледав прашањата кои им беа дадени на ученичките и учениците за да се подготват за последното екстерно тестирање од нивното основното образование – прашањата за деветто одделение. Ме интересираше:

  • Дали, каде и колку се застапени и како се претставени жените како авторки?
  • Дали, каде и колку се застапени и како се претставени жените како научнички?
  • Дали, каде и колку се застапени и како се претставени жените како значајни историски и/или општествени личности?
  • Дали, каде и колку има измислени женски ликови во прашањата и кои карактерни особини им се припишуваат на истите и што ни кажуваат прашањата за родовите улоги?
  • Дали, каде и колку има измислени женски ликови во прашањата кои се во интеракција со машки ликови и што ни кажува таа интеракција за карактерните особини и родовите улоги?

 

Жените како авторки

Одговорот на ова прашање е многу краток и поразителен – нема ниту една жена авторка во прашањата за екстерното тестирање за деветто одделение. Според авторките и авторите на прашањата за екстерното тестирање нема ниту една поетеса, писателка, музичарка или уметничка која е вредна да се научи и да биде запомнета од ученичките и учениците. Автори се споменуваат во многу од прашањата по историја, македонски јазик и англиски јазик. Но, помеѓу нив нема ниту една жена.

Има неколку жени помеѓу ликовите во извадоците од литературните дела наведени во прашањата, но тие скоро без исклучок се во својство на мајки на хероите/јунаците од делото.

 

Жените како научнички

Во предметот физика се споменува една жена – Марија Кири.

fizika_Marija_Kiri

Таа е спомената заедно со нејзиниот сопруг – Пјер Кири. Освен тоа што се прашува во прашањето, Марија Кири е и првата добитничка на Нобелова награда од семејството Кири (и единствена жена која двапати добила Нобелова награда, но и која добила две Нобелови награди од различни области – хемија и физика), изумителка на бројни изуми, раководителка на многу научни проекти, а го пронашла и Полониумот. Да кажеме дека ова и не е проблем бидејќи според наставниот план и програма токму откритието со Пјер Кири е она што најмногу одговарало да се спомене и да се запомни за едно минимално знаење. Останува фактот дека во сите прашања од екстерното тестирање има прашање само за една научничка.

* Во отсуство на посебен дел за иновации во овој текст, тука треба да се спомене дека по предметот англиски јазик има прашање поврзано за Рут Хендлер – креаторката на Барби куклата. Таа дури и е наведена во прашањето како “businesswoman”.

 

Жените како значајни историски и/или општествени личности

Повторно краток и поразителен одговор – според прашањата од екстерното тестирање, жените не се значајни историски и/или општествени личности. Затоа и ги нема во прашањата по историја ниту пак во прашањата по граѓанско општество. Единствена личност која се споменува е принцезата Дијана во прашањата по англиски јазик. Но, начинот на кој и таа е спомената не сугерира дека таа била значајна општествена личност.

angliski_diana

Единствената жена – општествено важна личност е спомената (1) за нејзината работа како учителка и (2) низ призмата на мажот – принцот Чарлс. Притоа, две третини од извадокот е за тоа што Дијана му кажала на принцот Чарлс кога дошол во посета на школото, додека пак една половина за нивното познанство. Во другата половина од извадокот за прашањето таа е во улога на учителка, која е грижлива и сака деца. Толку во екстерното тестирање за жената која се бореше против рак, ХИВ, сиромаштија и глад.

 

Измислени женски ликови во прашањата: Карактерни особини и родови улоги

Во прашањата постојат измислени женски ликови. Да видиме кои им се карактерните особини и родовите улоги.

Во предметот Граѓанско општество, и покрај бројното реферирање на машки ликови од општествено значење и бројни примери со измислени машки ликови, измислен женски лик се појавува само еднаш. Тоа е Суада.

gragjansko_suada

Суада се наоѓа збунета во определена ситуација која не знае како да ја реши, а која ја споделила само со една нејзина другарка. Таа е жртва на малтретирање (bullying). Покрај ова, некој ѝ краде предмети и пари, а таа не знае како да се снајде во ситуацијата. Voilà! На сите вредни, талентирани и умни измислени машки ликови (кои се, патем, без исклучок Македонци), ова е единствениот измислен женски лик во прашањата за граѓанско општество. Ова не е само продолжување на негативниот приказ на припадниците на немнозинските заедници во негативен контекст за кој, како што беше споменато погоре, веќе известија медиумите. Тука во игра, покрај етничката припадност е и она што е во центарот на интересот на овој текст – родот. Тука жената е прикажана како неснаодлива, неинформирана и е жртва на малтеретирање (bullying).

Сличен лик на Суада има и во измислените женски ликови во прашањата по македонски јазик – уште една девојка која е збунета и не знае што да прави. Таа е еден од двата женски ликови кои се појавуваат покрај бројните примери со измислени машки ликови. Вториот женски лик се јавува во улога на записничарка од состанокот на извесен Совет на претседатели. Кој е претседателот на Советот? Се разбира – машко.

мак

Во прашањата по предметот Иновации има (дури) три измислени женски ликови. Сите други се измислени машки ликови кои се или вработени или со добри бизнис идеи, добра или одлична заработувачка и карактерни особини кои одат рака под рака со неолибералните вредности. Еве само за пример неколку од прашањата каде се појавуваат измислени машки ликови (премногу простор би бил завземен доколку се постават слики од сите прашања каде тие се присутни).

inovacii_more_meninovacii_marko

1 2inovacii_uste_poveke_primeri inovacii_uste_primeri

Кои се тогаш трите измислени женски ликови? Запознајте ги Марија, Марија и Валентина.

Првата Марија аплицира за вработување на менаџерска позиција во фармацевтска компанија. Не знаеме дали од ова треба да заклучиме дека Марија е веќе вработена на друго место или не; логично би било да е, а бидејќи аплицира за висока менаџерска позиција што подразбира претходно значително работно искуство, така што ова може да се смета за добар пример (во потрага по родово-сензитивни примери, ќе заборавиме дека позицијата е наведена во машки род – маркетинг менаџер).

3

Втората Марија, пак, е еденствениот женски измислен лик кој има бизнис идеа во прашањата по предметот иновации. Што е бизнис идеата? Планирање на свадби. Ова е сосема логично бидејќи секако жените постојано мислат на свадби и на тоа како да се мажат, нели?

inovacii_svadbi

Валентина работи во туристичка агенција и прави телефонски презентации на аранжманите кои ги нуди агенцијата, како што може да се види од текстот на наредното прашање.

inovacii_turisticka_agencija

Зборот “нејзината” може да значи или дека таа е сопственичка на агенцијата, или дека тоа е фирмата каде таа работи. Бидејќи после сите илјадници заработени денари, успешни бизнис идеи, статус на вработени лица, и одлични менаџерски способности во примерите со Никола, Горан, Марко, Стефан, Владимир, Игор, Дарко и многу други трагам по родово-сензитивни прашања по предметот Иновации, наспроти логичниот заклучок според работната должност која ја врши Валентина (агентка за патувања, промотерка на понуди), одбирам да верувам дека таа е сопственичка на туристичката агенција.

Прашањата по англиски јазик (како прв и втор јазик) ветуваа поради зголемената видливост на родот преку користењето на двата рода во именките во четири наврати, како и преку споменување на измислени женски ликови надвор од домот – жени кои се на патување/одмор. Но, потоа доаѓа поголемиот дел од прашањата во кои има само повторување на она што и досега го добивме од разгледувањто на другите прашања за деветто одделение – зацврстување на стереотипите за родот и родовите улоги.

Постои силно претставување на жените во корелација со нивни обврски поврзани со домот и домаќинството (со исклучок на градината која е задолжение на мажот). Питите во примерите сé секогаш направени од мајката, а готви или мајката или бабата или девојката.

angliski_majka_pita

Додека мајката прави пити таткото спортува.

angliski_tatko_tenis

Но, да се вратиме на храната. Доколку не знаете дали дома има сирење или нешто друго, ја прашувате мајка ви, се разбира.

4

6

А нормално и дека мајката е таа која ве вика да јадете.

5

Во улога на грижење за друг ја има и Симона – девојче кое се грижи за своето домашно милениче, и за неговите штотуку родени кученца.

Исто така, беше интересно да се прочита како е прикажана мајката, а како таткото во две од прашањата. Мајката сака да гледа филмови кои се романтични бидејќи тие имаат едноставен заплет. Зошто инаку жена би се оптоварувала со други филмови за кои таа всушност би требала да искористи повеќе од својот интелектуален капацитет (ако воошто го има)?

angliski_majka_filmovi

Таткото, пак, е човек кој воопшто нема страв – не се плаши од ништо. Најверојатно одговорот на ова прашање е храбар, а можеби и бестрашен.

angliski_tatko_bestrasen

Машките се тие кои што спортуваат, како што видовме во примерот погоре, (со исклучок на еден пример каде две другарки скијаат), како и тие кои што купуваат подароци за девојките или жените на 14-ти февруари.

angliski_sv_valentin

Впрочем, се знае кој дава чоколади и цвеќе.

Ваквото прикажување е штетно како за ученичките, така и за учениците. Ученичките се наведени да мислат дека тие мора да се емотивни, едноставни и домаќинки, додека пак учениците дека мора да спортуваат, да се секогаш најдобри во тоа што го работат и да ги исклучат емоциите. Единствен пример каде маж изразува емоции е во случај каде таткото е лут на синовите затоа што не му помогнале со работата во градината.

Помеѓу примерите има и неколку ликови кои се поврзани со вистински настани. Таков женски лик во прашањата по англиски јазик е г-ѓа Астор од извадокот за бродот Титаник. Г-ѓата Астор била млада (19-годишна) и омажена за еден од најбогатите луѓе на светот. Од примеров е јасно дека собите “како во скап хотел” и вечерите со пријателите ги плаќа мажот.

7

Од примерот во кој се прашува за серија напишана од двајца машки сценаристи, Big Bang Theory, Пени работи како келнерка, има само општо знаење и е духовита, за разлика од машките ликови кои се заинтересирани за наука, поточно физика.

angliski_bigbang

 

Измислени женски ликови во интеракција со машки ликови во прашањата: Карактерни особини и родови улоги

Измислените женски ликови се во интеракција со машките ликови, но во многу малку наврати. Ова, без исклучок беше во прашањата по предметите по странските јазици (англиски, германски, руски и француски јазик).

Генерално, овие интеракции не се дискриминирачки на родова основа ниту пак поттикнуваат родови стереотипи, со исклучок на примерот од Титаник наведен погоре и уште еден друг пример (кога момче и девојче одат на гости кај баба им, а баба им нема зготвено јадење, па затоа девојчето само приготвува нешто за јадење).

 

Родот на екстерното тестирање е машки

Во прашањата за екстерното тестирање за деветто одделение жените скоро и да ги нема. Жените не се значајни општествени и/или историски личности, ниту пак авторки, а доколку се присутни во измислените женски ликови во прашањата (од кои во најголем број се во предметите по странските јазици, а скоро да ги нема во другите предмети), најчесто се со стереотипни лични карактеристики или пак родови улоги (повторно, со само неколку исклучоци во прашањата по странските јазици и еден исклучок во предметот иновации). Доколку ова е минимумот со кој сакаме да ги испратиме ученичките и учениците во погорен степен на образование и доколку прашањата се репрезентативни или пак се базираат на материјата која била предавана во соодвеното одделение, а надлежните велат дека тоа е така, тоа значи дека најверојатно ситуацијата не е многу поразлична ниту во самите учебници од кои ученичките и учениците учат во текот на целата година.

Родовите улоги се учат и усвојуваат во детството, а образованието има значителен удел во крајниот исход, бидејќи, покрај домот и поширокото општество, е еден од трите фактори кои делуваат во оваа насока. Според она што можевме да го видиме во прашањата за екстерно тестирање, образованието делува во насока на утрврдување, повторување и зацврстување на родовите стереотипи. Со тоа, потенцијалот на образованието за делување кон зголемување на еднаквоста во општеството е сузбиен, а нееднаквостите продолжуваат и се продлабочуваат. Дополнително, на ученичките и учениците им се диктира кои се (не)прифаливи лични карактерни особини, избор на професија и начин на организирање и водење на приватниот и општествениот живот. Ваквото отсуство на родова сензитивност во образованието го ограничува потенцијалот и интелектуалниот и личниот развој, како на ученичките, така и на учениците.

Покрај ова, содржината на прашањата за екстерното тестирање укажува на целосна родова бинарност. Ова значи дека постои и дополнителен проблем – отсуство на разбирање на комплексноста на родот, родовиот идентитет и родовата експресија.

После сите забелешки изнесени на прашањата за екстерно тестирање во медиумите, вклучително и за расизам и дискриминација на етничка основа, како и после утврдените случаи на дискриминација во образованието (учебниците) на различни основи од страна на надлежните институции, потребно е надлежните во секторот образование да отворат процес на ревидирање на наставните програми, планови и материјали, но и да внимаваат кој и какви прашања подготвува за екстерното тестирање. Образованието треба итно да ја насочи и искористи својата моќ за делување кон зголемување на еднаквоста во општеството, како и да ја завземе својата улога на катализатор на предизвикувањето на хегемонистичките норми.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...