Midge Ure

Fragile

Мошне софистицираниот албум на фронтменот на Ultravox се открива кога длабоко ќе влезете во него. Открива многу, но и сокрива сплет на лесен synth-pop и уште некои prog-rock/ambient сфери по кои беше популарен.

Постојано активниот Шкот Midge Ure само во 21от век реализираше дури 13 албуми во живо. Некои од нив се стари снимки од концертите на Ultravox од најпопуларната фаза од раните 80ти, некои се од неговата подоцнежна соло кариера, а повеќето се автохтони записи од неговите соло настапи во 21от век одржани на многуте фестивали и турнеи во Америка и Велика Британија. Во 2009та година повторно ги собра Ultravox, по 13-годишната пауза и со нив, најпрво, го објави концертниот Return To Eden: Live At The Roundhouse (2010), а веднаш потоа и одличниот повратнички студиски Brilliant (2012). Уште порано освои Grammy и Brit Award, а во 2005 година, по повод осмото издание на Live Aid, ја освои и титулата британски офицер, и е награден и со медал на честа на британското кралство. Го основаше дописничкиот сектор за докторат по уметност во рамки на универзитетите во шкотските Dundeeu и Edinburghu а, студирајќи со паузи, докторираше музика и прими бројни награди за својата хуманитарна работа, станувајќи амбасадор на организацијата Save The Children, работејќи на проблемите во Етиопија и Сиера Леоне во 2010 година.

Последното вистинско солистичко студиско дело “Move Me” го објави во далечната 2001 година, поминувајќи скоро незабележано. Инаку, сингловите кои некогаш знаеле многу добро да котираат на листите (во 1985 година имаше UK хит број 1 If I Was”, број 9 No Regrets” во 1982 година, и “Cold, Cold Heart“ како број 17 во 1991 година), овој пат поминаа разочарувачки. “You Move Me” и “Beneath a Spielberg Sky” не се вртеа на радиата. Да не заборавиме, заедно со Bob Geldof ја напиша Do they know it’s Christmas?”, сингл со продадени неверојатни 4 милиони примероци само во Британија, и втор најтиражен сингл на островот. И сам има изјавено за оваа песна дека е една од најлошите кои ги напишал, и тоа набрзина во својата кујна, на детски синтисајзер со 7 типки, а дека благодарение на бројните гости за вокалите цела таа проѕирна слабост на песната е целосно потисната во втор план.

Било како, за овој седми студиски албум, тој се затвори во своето приватно студио во Bathu и со месеци работеше на него, продуцирајќи и свирејќи сам скоро се. Реализираше, ако не импозантна колекција на нови композиции какви што беа оние на одличниот Brilliant” на Ultravox, барем само за нијанса-две послаби, бидејќи, сепак, работа со бенд е нешто сосема друго. Повторно создаде класичен поп албум полн со софистицирани песни во кои вешто го крие својот приватен живот. Дури во автобиографската книга “If I Was” спомена дека е рехабилитиран алкохоличар и дека имал страшни проблеми со алкохолот уште од времето на своите први бендови Stumble, од крајот на 60те, Salvation, од почетокот на 70те, и подоцна прославените Silk со кои во 1976 година имаше и UK хит број 1 “Forever and Ever”. Подоцна славните Ultravox вешто ја криеа оваа негова слаба точка; ќе беше неумесно човекот кој е автор на огромниот new-romantics хит “Vienna” (UK хит број 2 во 1980 година) и организатор на Live Aid, човек кој спасил милиони животи, да исплива на површина како тешка пијандура. Но, сепак, на крајот заради тоа и се разидоа. Потсетете се само на хитот на Ultravox “Dancing With Tears In My Eyes” (UK хит број 3 во 1984 година) и стихот “we drank” (пиевме)…

Midge, кој овој прекар го доби кога свиреше во Salvation од 1972 до 1974 година, а кој е всушност неговото оригинално име James по обратен фонетски редослед, односно Jim (бидејќи во бендот имаше уште еден Jim, Jim McGinlay на бас гитара), се потруди да направи разнолика песнарка на која стилски се протегаат неколку негови успешни творечки периоди. Секако, во прв план е synth-pop, потоа малку progressive rock, ambient и atmospheric pop.

Воведната лесна елегија “I Survived”, со преклопување на клавирски мелодии и прозрачни synth линии со многу нежен вокал и на моменти пресладок текст, на прва топка звучи патетично но позади него стои длабока интимна приказна за тоа како успеал да го преживее својот личен пекол и да остане при себе. Веднаш потоа следи најинтересната “Are We Connected” со елементи на мрачниот албум на Ultravox “Rage In Eden” (UK хит број 4 во 1981 година, и USA број 144), во која продираат софистицирани гитарски дисторзии и раскошни инструментализации, а лириката е повторно софистицирана приказна за неговите “blackouts”, наведувајќи ги слушателите во сосема друга насока – да си помислат како песната е за воспоставување на некаква врска, емотивна или можеби интернетска. Многу интересно направената, Bowie-евска, балада “Let It Rise” помеѓу редови споменува една од одлуките да се подигне (“сигнал од твојата душа”) и да се обиде да ја заврши својата приватна агонија; потоа, психоделичниот dark-ambient/ chilli-out/ synth-pop “Dark Dark Night” во соработка со Moby на синтисајзер и електронски ефекти, кој повеќесмислено алудира на бројни интимни настани полни со солзи и разочарувања на неговите најблиски (има сопруга и дури 4 ќерки од двата брака), додека во завршната насловна лесна “Fragile” преку комплексен prog/sympho-rock аранжман, полн со гитарски солажи, преку интервенции на исповедите од својот живот зборува како го упропастил својот прв брак со глумицата и книжевничка Annabel Giles, но и целиот свој живот. Секако, никогаш не е директен во лириката и оди по заобиколен пат, налик на Bryan Ferry или Bowie, инсинуирајќи нешто сосема друго, со желба да не го открива туку така лесно она што всушност го инспирира.

 

Првиот сингл Become” е најигривата песна која потсетува на Pet Shop Boys и Depeche Mode, на кои тој им е и духовен татко, и во неа нема многу приватизирање. Веднаш влегува во уво како потенцијален радио адут на долги стази. Лесната “Star Crossed” доаѓа како нешто како чисто пополнување на просторот, а “For All You Know” делува како идниот романтичен хит со радиофонична мелодија полна со изливи на емотивни страсти. Во неа најверојатно се заблагодарува на својата сегашна сопруга Sheridan Forbes за тоа што не го оставила и што била со него во време на најголемите животни опструкции (од тој брак има 3 ќерки). Двете инструменталки, “Wire and Wood” со progressive-rock перформанс (синтетички оркестрации на гудачи и дувачи) збогатени со амбиенти, акустични гитарски стаката, “неми вокали”, дури и се чини со врескање потиснато во позадина, и атмосферичната “Bridges” во trip-hop темпо со неколку пресечени гитарски дисторзии, се некоја приказна сама за себе. Можеби се криел од јавноста пиејќи во некоја шума или под некој мост? Кој да знае…

Елем, “Fragile” е една многу интимна приказна на Midge, со која големиот и некогаш исклучително познат автор сакал да се ослободи од своите тешки, длабоко скриени и непознати еминенции од минатото на многу пријатен поп начин. Не открива многу, а тоа не му е ни намерата. И понатаму е комерцијално ориентиран, се уште не е за на отпад; како и секогаш, сака да патетизира и меланхолично да ламентира, преплетувајќи филмски сцени од својата реалност. Голем дел од приватниот дневник овде го има испорачано на уметнички начин; доколку не знаете дека имал вака страшни проблеми, тогаш албумот ќе ви звучи онака како што и сакал synth-pop мајсторот, кој всушност измислил цел жанр на музика и му дал печат на крајот на 70те. А кога ќе ве вовелече во својот основен проблем, тогаш приказната станува далеку поразлична, скоро Флојдовска кои целата своја кариера без престан ги софистицираа приказните за Syd Barrett.

Има теза според која егоцентризмот во уметноста, т.е. пишувањето на песни и книжевни дела за сам себе, е затоа што се нема способност за перципирање конкретни и сложени облици кои се однесуваат на целата заедница. Меѓутоа, кај Midge ништо не е стриктно прецизирано како приказна за неговиот живот. Таа тоа е, но тоа не се гледа и не се слуша додека не се навлезе длабоко во суштината, бидејќи ама баш никој никогаш не обрнувал внимание на оној погореспоменат стих од “Dancing with tears in my eyes”, туку на самиот впечаток кој песната го остава и на емотивните разочарувања на подиумот за танцување. По тоа е Midge и специфичен и посебен – бидејќи умее да ги одведе слушателите во сфера во која тој сака, а при тоа да остане искрен. Овде е исклучително инспириран, ни најмалку банален и сладок како што би се чинело на првото преслушување, па затоа “Fragile” и тоа како не е албум кој треба да се отфрли. Дотколку повеќе – сјаен е. Прав уметнички поп за кршење глави.

 

Песни: 1.I survived, 2.Are we connected, 3.Let it rise, 4.Become, 5.Star crossed, 6.Wire and wood (instrumental), 7.Dark dark night (with Moby), 8.For all you know, 9.Bridges (instrumental), 10.Fragile

 

Оцена (1-10): 7

Web: www.midgeure.com

 

Дискографија:

The Gift (1985)

Answers To Nothing (1988)

Pure (1991)

Breathe (1996)

Went To Coney Island On A Mission From God… Be Back By Five, soundtracks (2000)

Move Me (2001)