Книжевната инсомниа на Мураками

Постсимболистичка вивисекција на ликовите на Мураками во романите „Кафка на брегот“, „1Q84“ и „Безбојниот Цукуру Тазаки“

[ ]

Харуки Мураками во светот на маѓичниот реализам се фрла со голем ризик да се удави во неговите длабочини. Но, брановите на персонификантните тиради на кои им веруваме како да се народни приказни секогаш го исфрлаат на површината. Неговите дела собираат дождовница од неискористени животни шанси и од тоа прават филозофија чии постулати не се слични на ниедна која се обидела да ја објасни човечката спиритуална кохабитација. Читајќи ги неговите круцијални дела се радувате на тоа дека „магичниот реализам“ како веќе излитена фраза нема да може да важи за урбаните сивила и суштествата кои живуркаат се несвесни дека времето станало иреверзибилно и деталјите што ги забележуваат им го прекројуваат целиот сензибилитет. Урбаната експропријација на чувствата и на физичките предодредености кај Мураками го разбива самиот епистемолошки кредибилитет на „магичниот реализам“. Таа намерно широко дисперзирана и архотектонски извитоперена матрица бара нова терминолошка детерминација затоа што овој талентиран автор веќе добро се снаоѓа во реалитетите на природните чудности претставувајќи ни животни кои говорат, девојки кои не се знае дали се духови, како и реквизити несоодветни за временскиот показате, и не само тоа – со себе носат и консеквентна егзистенцијална ориентираност.

haruki-murakami-2

Кафка Тамура, Цукуру Тазаки и Тенго и Аомаме се специмени на таа дијалектолошки креативна инсинуација опишана со раскошно лингвално проседе. Поставуваме едно сосема едноставно прашање: зошто овие ликови (секако дека ги има и уште многу други интересни за анализа) имаат некаков сомнабулен прерогатив? Фројдистичката компонента кај сите четири лика се движи од Едипалната стигма (како иницијација за заплет) преку машко-женската взаемна доминација па се до первертните опресии како дел од цивилизацијата која во „Кафка на брегот“ Мураками ја смета за токсична, а тоа е американската. Сомнабулната варијанта писателот ја поддржува затоа што тој е чекор подалеку од оставината на Франц Кафка и не издржува, а да не го нарече така еден од неговите најсигнификантни ликови. Сонот кај Фројд е искривено огледало на страстите и желбите, но и на стравовите. Во овие три романи на Мураками отсонуваните или сонувачите се однесуваат како негативци со грижа на совест или позитивни ликови со первертна биографија, како што ќе посакаме. Сонот не е јаве, а ликовите се повеќе од живи, а тоа е само затоа што писателот во сите нивни дијалози не тера да ѕирнеме таму каде што навистина не можеме – во првите слоеви на потсвеста. Така сонот на младата Фукаери во „1Q84“ да стане голема писателка се претвора во опасна плагијаторска спирала, така Кафка Тамура бегајќи од својот дом и Едипалните вкрстувања тоне во полиците на библиотеката каде што запаѓа во мрежата на постоечката или непостоечката Г-ца Саеки и на андрогинот Ошима, така Цукуру Тазаки е единствениот безбоен без никакви објаснувања па целата негова потрага по докажаните пријатели се претвора во сомнабулен реквием на стравот од осама. Сомнабулноста во овие три романи е начин на мислење, а наместената опскурност во секоја ситуација наметнува една многу заумна предодреденост на тоа дека кај овој автор (посебно во овие дела) нема позитивни и негативни ликови. Тој и самиот во неколку наврати говори дека коментарите и ставовите на неговите ликови се движат во зависност од неговото лично искуство како автор, една прилично контрадикторна изјава затоа што чудноста на самите приказни и ситуации логично не можат да кореспондираат со неговото лично искуство (тој никогаш не разговарал со мачка), но веројатно кореспондираат со неговите инсомнии и недоречености од кои тој прави уметнички ремек дела. Заедно со сите други ликови во овие три романи на Мураками, главните ликови никогаш не се разбудуваат. Тие ги одживуваат своите судбини низ лавиринтот на соништата и продуцираат извесна надрелана диспаратност која создава многу интересна тензија и многу продуктивен заплет. Имено, приказните во „1Q84“ и во „Кафка на брегот“, се одмотуваат преку судбините на два лика кои на самиот крај од нив се наоѓаат еден со друг. Тенго и Аомаме влечат две ингениозни приказни за кои сосема на крајот од оваа замашна трилогија дознаваме дека имаат добро фундирана компактност. Истото се случува и со „Кафка на брегот.“ Две приказни: едната на петнаесет-годишниот Кафка Тамура, а другиот на стариот и одземен Наката минуваат низ сосема различни струи за на крајот да се сретнат во една типично постмодернистичка варијанта на неодлучност и неодреденост. „Безбојниот Цукуру Тазаки“ има друга конструкција, но двете приказни со истиот лик течат со извесен временски јаз кој ја первертира целата сторија на овој меланхоличен лик. Кога сме веќе кај меланхолијата, и Кафка Тамура, и стариот Наката, дури и камионџијата, случајниот другар на Наката, Хошино кој дури и гине за него без никаква причина, а исто така и самиот Цукуру Тазаки, се до крај меланхолични ликови. Овој автор инфериорноста ја поврзува со сомнабулноста по чисто семиотички канали. Бројките, урбаните симболи, боите и отровите како реминисценции се знаците кои меланхолијата ја заменуваат со инсомниа, а реалитетот со сон. Така и чудните ситуации на полицајците во првиот дел од „1Q84“ кога носат електронски пиштоли во седумдесеттите години на дваесеттиот век, стануваат поприште на тој „урбан квазиреализам“ со една поетична дистопичност, а на истиот начин и каменот кој Хошино успева да му го донесе на Наката станува елементарен како и монолитот во „Одисејата во вселената 2001“. Симболистичката колоратура на овој автор варира со динамика на океански бранови. Ликовите на овие три романи имаат повеќе значенска историографија отколку животни приказни. Така и нивните сеќавања се непостојани и стануваат цел на трилерот што Мураками успева да го истегне во долги реторички пасажи, но сепак тој останува во вниманието на читателот токму заради неговата многузначност.

Генерално, не можеме да читаме роман од 1500 страница со подеднакво внимание. Нешто мора да ни избега и да го побараме назад низ страниците кога ќе констатираме дека сме го читале, а не сме го забележале како важно. „1Q84“ има многу такви места. „Војна и мир“ на Толстој има цврста органика иако е количински поголем роман од овој на Мураками и скоро натуралистичката логика која не подразбира неконзистентност. Мураками неконзистентноста ја користи како мамка. Ликовите минуваат преку низа апсолутно нелогични ситуации, но нивната животна сторија е некаде далеку, зад нив, во сонливата имагинерија и тие и нивните ситуации стануваат интересни со нивната сопствеа поливалентност. Претпоставувам дека тоа е кардиналната причина зошто Мураками не само во овие три романи, туку и во другите нема позитивни и негативни ликови. Има меланхолични судбини кои не личат едни на други, а заедно создаваат чуден свет кон кој оваа цивилизација ита со чекори од седум милји. Погледнувајќи ја целата човечка историја ќе констатираме дека сите тенденции кон уништување на човекот и неговата околина се без никаква причина како што и првото убиство на Аомаме во горенаведената трилогија кое е од феминистички причини и во име на сите обесправени жени, а не е заради одмазда или некоја друга конкретна причина. Цукуру Тазаки завршува со чекање, долго чекање после констатацијата дека неговите обоени пријатели го напуштиле заради него, а не заради нив самите и дека неговата меланхолија се продлабочила после посетата на сите нив и слушајќи ги нивните тажни приказни. Наката во „Кафка на брегот“ тргнува на своето последно патување свесен дека нема да се врати назад носејќи ја последицата од атомската бомба . Симболистичката мапа на Мураками добива облик на систем кога ликовите обременети со чудни деталји ја подигнуваат својата сомнабулност на ниво на парадигма. Во таа насока ние ги сфаќаме како органични и ситуациите стануваат исклучително интересни. Читателската иреверзибилност во овој случај е начин да се склопи целиот мозаик, да се побараат причините во оној момент кога ќе се дознае причината зошто ликовите се нераскинлив дел од општата инсомниа каде дијалозите се дел од едно непосакувано/посакувано живеење.

Kafka on the ShoreThe Colorless Tsukuru Tazaki1Q84

Заедничките компоненти на ликовите од овие три романи на Мураками се музиката, болеста и книгите. „Годините на аџилак“ на Франц Лист кој и самиот страдал од инсомниа, како и „Синфониетата“ на Леош Јаначек, еден исклучително динамично класично дело штедро препорачано за лекување на инсомниата, музички дела кои се појавуваат во „Безбојниот Цукуру Тазаки“ и во „1Q84“ отвораат канали низ кои се гледаат артериите на заедништвото на ликовите од овие три дела. Исто и страдањата на стариот Наката од ментална попреченост, како и деслексијата на Фука-Ери се оној органски девастирачки елемент кој Мураками го гледа од една сосема поинаков агол, како дел од болната меморија и копнеж по креативна и животна целина, кон реализираност на духовниот живот, спиритуална егзалтација која овие ликови никогаш нема да ја достигнат, но ќе бидат нечија друга инспирација и едно филозофско ткиво кое својата дијалектолошка предодреденост едноставно ја пермутира во нео-егзистенцијалистички парадокс. Книгите како семантичка доминанта кај Мураками ги има во сите три романи и тоа во различни форми: како ракопис кој треба да ја одживее својата најлоша болест – плагијаризмот, како веќе напишани дела во огромен број – библиотека која пружа засолниште и на младиот и изгубен Кафка Тамура и како приказни кои Цукуру Тазаки допрва треба да си ги состави во својата хиперсензитивна меморија после посетата на своите обоени пријатели што се откажале од него.

Цукуру Тазаки од своето патешествие (аџилак) се враќа помудар. Како, Мураками не конкретизира. Остава ние да размислуваме малку поиреверзибилно повикајќи ги своите потиснати трагични сеќавања и споредувајќи ги со она што тој го нуди како совршено густа матрица. Мураками не е дистописки автор. Тој не не носи во разбиена цивилизација и згаснати вредности како продукт од лошото поимање и конзумирање на оваа цивилизација, тој низ овие (како и низ другите) ликови ни предлага една психо-егзистенцијалистичка magica lingua во која треба на некој начин самите да го препознаеме она темно место во нашите ненаспани души. Си мплифицираната формулација „ненаспани души“ ми се наметна како синтагма која можеби одговара на континуираниот немир што надојдувачката информатичка бура ни го предизвикува секој час, а кој порано беше секоја година, па секој месец, секоја недела, секој ден, а сега ќе го има и секоја минута. Така треморот го разбираме како „поле за културна стигма меѓу непрепознатливите антиетникуми“, или како едно однапред генерирано развивање на „сега и овде“ позиционирани хомо самиенси.

Интимно, инсомниата си ја нарекуваме „некако“ и тоа во оној момент кога ќе мораме да живееме со неа. Кај Мураками неа ја носат Малите човечиња, а Тенго и Аомаме дури при крајот стануваат свесни за тоа, потоа тука се потсетувањата на дечињата кои биле контаминирани, а едно од нив бил Наката, како и симболистичката (без никакво објаснување) предодреденост на обоените пријатели на Цукуру Тазаки. Ние не знаеме кој ја донесол. Едноставно се обидуваме да се справиме со последиците и да спиеме мирно. Ликовите на Харуки Мураками не спијат мирно. Тие се вечно будни и се некаде во оние што ги сонуваме кога ќе заспиеме, така што и тогаш немаме мир. Лично, повремено (а за жал се случува се почесто), чувствувам дека сум буден додека спијам. Контрдикторно, но точно. Секоја секунда од часовникот ја чувствувам како удар и си го одбројувам тој дел од животниот пат. Верувам дека тоа се случува и со многу други луѓе и тоа не е инсомниа. Тоа е тој копнеж кон креативната целина која овој голем автор без сомнение ја достигнал и напишал навистина извонредни и бесмртни дела.

 

Апотеза на моралната дисторзија
кон „Мизантроп“ во продукција на Комеди Франсез

05.08.2018

режија: Клемен Ервиен Лежер главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала   „Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, ...

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...