Don't! Who? One.‎

Higherground

Додека во пролетта 1997, во екот на големите студентски и средношколски протести на улиците се протестираше против употреба на јазик, сплетот на околности сакаше во исто време, во едно мало студио во хаусторот на една зграда во скопскиот Капиштец да започне снимањето на еден од најпотценетите протестантски музички остварувања во поновата историја на нашата нова музика – албумот Higherground, на еден, тогаш малку познат прилепски двоец – Don’t! Who? One.

DWO_K

За мене среќно револуционерна спојка на авангардниот и еден поинаков мејнстрим звук. Pop chkart (1994) God and Bad (1996) албумите од нивниот каталог како сериозни претходници, од оваа слушна точка како да го подговтвуваа теренот за (тогаш тоа не го знаевме) нивниот последен албум Higherground. Рубин Кантар и Горан Апостолоски како алфа и омега на бендот, во позадинска поддршка на продуцентот Владимир Каевски од “Cyber Space” студиото и Венцислав Смаќоски, како и големо количество недозволени супстанци, реставрираа сензитивна поп граѓа на трагите на тогаш популарниот трип-хоп кој тие години го доживуваше својот зенит. Higherground донесе, со значително дрска доза на автентичност, нежанровски песни за загубената транзициска генерација и контракултурата оставена на маргините. Им се може. Денес ужива култна репутација и е сведоштво на кретивниот занес на накострешените емоции на едно време „кога тука се создавеше оригинална музика“. Органска алхемија.
7-те песни – Through the Eagle Eyes, Metropolis, Clouds, …For Ziggy, Secret Between Now and Then, Chasing Satellites и Out of Use, можеби нема да ви го сменат животот но засигурно ќе направат да се почувствувате дека за момент не сте тука. И од тука. И повторно да се вратите тука. На „Повисоките места“.

Саша Павловиќ | Коза Ностра 5 | 22 октомври 2015