Аудио-визуелна фарса во еден чин

„И коњите ги убиваат зар не!?“ 3Д Мапинг шоу

[ ]

Квалификативите кои однапред го оправдуваат промашениот концепт се веднаш препознатливи уште во најавата за проектот „И коњите ги убиваат, зар не!?“ Телевизиската реклама и флаерот (со грешка) најавуваа „Не пОропуштајте го најголемиот 3Д мапинг спектакл“… „актерското мајсторство на Дејан Лилиќ“… „неповторливиот музички аранжман на маестро Џијан Емин“… „режисерската виртуозност на Златко Славенски“…

икгузн

Неверојатна доза на претенциозност која помогна салонот на Македонската филхармонија да остане речиси една третина со непотполнети седишта.
Освен за референците на режисерот, нималку не се сомневавме во квалитетите на остатокот од најавениот тим. Емин Џијан е секако вешт аранжер и тоа го покажа и на меѓународен план. Лилиќ е искусен актер кој лесно се справува со предизвици, а Милчо Узунов е доволен авторитет во својата професија. А што се однесува на музичкиот концепт: Лед Цепелин (со големи букви) па Шостакович и Хачатуриан како некаков додаток (со помали букви), па Кјубрик (спомнат?)… Народот вели баби и жаби! Демек, ако се измешаат уметностите и авторите добиваме мултимедијален проект?
Не останува друго освен да се шегуваме со „шегите“ од претставата. Пантомимичарот Лилиќ изџвака завидна количина партитури во име на уметноста. Со надеж дека „мајсторството“ на актерот во свирење на триангл ќе биде докрај усовршено, со нетрпение ја очекуваме репризата на „виртуозниот“ Славенски. По се изгледа дека во случајов Лилиќ и не е толку виновен!
Ако не сте правеле (Вие, возрасна публико) разлика помеѓу храброст и кукавичлук, помеѓу иронија и сарказам, помеѓу благо и кисело и уште многу „суштински работи“ за чесните наспроти политичарите, ќе научевте за само 45 минути.
„Проектантот“ се сетил да ни пласира ангажирани текстови од англискиот публицист Џулиен Барнс, а според потребите на актуелниот политички down во земјава. Википедија поуки за животот, вистинска средношколска настава по етика и филозофија. Инфантилна визија за љубовта помеѓу уметностите, нешто како мутант да се дотера во листер тукседо.
Памфлет за уметноста, цитирам „…Уметноста не постои заради себе самата – уметноста постои заради луѓето, кои како топки од светлина…“ Така, во амбиент на мизансценска конфузија зборовите на Барнс звучеа крајно патетично, како рецитација на основец кој воопшто не ги разбира стиховите од песната а мафта со рачињата. Или, „…Угледни спонзори на суморни творби… компании кои само играат ком-па-ни-ја…“ Како сето ова има врска со „Кашмир„ на Лед Цепелин или со „Валцер бр. 2“ на Шостаковиќ или со спомнатиот Кјубрик? Потребно е сериозно појаснување.
„Неповторливиот“ Џијан се изнадиригира на снимена музика. Го изнаслушавме на playback виолинското соло во придружба на исто така отсутната од сцена ритам секција (тапани и баси). Тоа е слично на оние „спектакуларни“ изложби на Салвадор Дали или Вазарели со репродукции.
И за да не биде царот сосема гол се погрижи Милчо Узунов со својата 3Д визуелна архитектура, која патем речено може да се искористи за многу посериозни режисерско-музички проекти.
Не можам да го наречам измама зашто добиви гратис влезница, но… ако платев ќе го употребев и тој збор.
А „Коњите ги убиваат, зарем не?“ – Сигурно, ако наместо со зоб ги храните со нафта (не се однесува на автомобилските коњи).

 

 

12.10.2018

„Слугинки“ е една од најизведуваните пиеси во историјата на театарот. Напишана и изведена за првпат во 1947 година во Париз во режија на легендарниот Луј ...

01.10.2018

Јетон Келменди е поет кој првиот чекор во стихот го прави од стаменоста на молкот. Кога ја читаме неговата поезија имаме впечаток дека неговиот стиховен ...