Секогаш работевме по наше

интервју со Christian Savill / Slowdive

[ ]

Поинерите на shoegaze-от Slowdive по 22 години се враќаат на сцената со својот истоимен камбек албум. Пред нивниот настап на фестивалот Здраво Млади, со гитаристот Christian Savill разговаравме за Slowdive некогаш и сега.

s1

Поминаа 22 години од вашиот последен албум. Враќањето беше ентузијастички најавено. За почеток, зошто престанавте баш тогаш и како собравте мотивација да се вратите на сцената со камбек албум?
Бендот сам се распадна после Pygmalion. Поминавме пет години заедно и снимивме три албуми и пет ЕП-а. Нè исфрлија од Creation и сите бевме без пари и не сакавме да направиме уште една Slowdive плоча. По неколку години забележавме дека Slowdive изгледа станува популарен. Се повеќе и повеќе луѓе не прашуваа дали размислуваме да се вратиме. Првично нè спречуваше фактот што сите тековно работевме на различни работи. Но, во 2014 година се собравме и решивме да прифатиме неколку настапи на фестивали и да се обидеме да направиме нов албум. Не предвидовме дека на крајот ќе изведеме толку настапи. Затоа ни требаше подолго да направиме нов албум отколку што се надевавме, но на крај успеавме.

Вашиот работен век беше за време на гранџ и бритпоп доминацијата. Во таков контекст, што беше решавачко за вашата музика да стигне до пошироката публика?
Кога почнавме, немаше брит-поп сцена. Американскиот гранџ дефинитивно го имаше, но сè уште не беше меинстрим. Тие две сцени ја окупираа Британија во последните денови на Creation. Очигледно ние не припаѓавме на таа сцена, но мислам дека тоа не ни значеше нам ништо, бидејќи секогаш работевме по наше. Мислам дека тоа и беше причината зошто нашата музика допре до поголема публика. Секогаш правевме албуми што ние ги сакавме и не се адаптиравме на тогашните трендови.

После сите овие години уште не разбирам зошто медиумите се свртија против вас наеднаш во 90-тите?
Мислам дека имаше повеќе причини зошто медиумите се свртеа против нас во 90-тите. Првично имавме огромна поддршка од музичкиот печат. Ги пуштаа сите песни од нашите први ЕП-а и тоа во период од, отприлика, шест месеци. Кога дојде до правење албум немавме ништо ново. Подоцна, нашиот прв албум беше напишан и снимен за околу шест недели. Некој дел од критиката на нашиот прв албум беше оправдана бидејќи не беше толку добар. Гледајќи наназад, можеби требаше да се поставиме постратешки и да зачуваме дел од песните, па и да експериментираме малку повеќе со ЕП-ата. Но, едноставно, ние се фокусиравме на еден албум и пробувавме да го направиме што е можно подобар. Уште една причина зошто се свртеа против нас беше бидејќи станавме лесна мета. Нè критикуваа дека не бевме работничка класа и неоправдано нè етикетираа како богати деца на кои родителите им ги купиле инструментите, а всушност ние сите работевме на никакви работни места за да си ги платиме засилувачите и гитарите. Впрочем, како и повеќето од другите бендови. Но, со сувото гори и суровото, па претпоставувам така и ние.

Може да ни кажете малку за вашето разбирање на шугејзот и каде ја гледате неговата оригиналност како жанр?
Ние, се разбира, бевме свесни дека нè етикетираат како шугејз и сме ок со тоа. Но, не е дека размислувавме нешто посебно околу тоа во кој жанр припаѓаме. Мислам дека првично многу од бендовите сакаа да направат нешто различно и ново, а не стандардни рок албуми. Очигледно како и со секој жанр мора да има бендови што ќе бидат подобри и бендови што само ќе пратат. Добрите бендови се тие што ќе успеат да направат плоча што звучи ново или различно комбинирано со добри песни. Претпоставувам дека има многу заблуда дека тоа се само ефекти. Дел од причината што бендови како My Bloody Valentine се толку влијателни и популарни е дека тие направиле звучно предизвикувачки албуми, но исто така дека и бидејќи песните им се неверојатни.

Што правеа членовите на Slowdive сиве овие 22 години; некои активности на платен, неплатен или емотивен труд кои би се чувствувале комотно да ги споделите со нашите читатели? Или, да поедноставиме – што ве држеше зафатени?
Големата причина беше дека сите формиравме семејства. Нил, Рејчл и Симон продолжија да прават музика во поголемиот дел на тие 22 години. Јас бев во помал обем активен во музика. Кога Slowdive прекинаа за првпат, тогашната жена на Ник беше менаџер во ИТ компанија. Сите бевме неквалификувани, но таа успеа да ни најде работа таму, па можевме да ја скриеме нашата некомпетентност неколку години. Јас се преселив во Америка и неколку години бев хаусмајстор во продавница за органска храна. Еднаш некои деца дојдоа во продавницата и ме прашаа дали навистина сум бил во Slowdive. Мислам дека поправав количка во моментот.

s2

Што беше најголемиот предизвик во правењето на вашиот нов албум?
Просто кажано – времето. Сите живееме во различни делови од земјата и имаме семејства. Поголем дел од времето бевме зафатени или со настапи или со заработување за живот. Кога бевме млади бендот беше сè што имавме и оттаму заработувавме, така да беше лесно. Потоа моравме да видиме каква музика ќе излезе после 22 години. Моравме да ја надминеме сомневањето во самите себе во смисла на “дали е ова доволно Slowdive” или “дали е премногу Slowdive” Полека се опуштивме и песните си дојдоа природно. Влеговме назад во студиото Courtyard каде што ги снимивме повеќето од нашите претходни албуми. Чувството беше како враќање дома, а плочата почна и да си добива облик.

Овие неколку години добивме вистинска шугејз гозба; дојдоа новите албуми на Ride, My Bloody Valentine, Jesus and Mary Chain и Lush, а и Swervedriver најавија нов албум. Некои ова го сметаат за своевидна преродба, а други дека шугејзот никогаш не го ни снемало – можеби не беше во центарот на вниманието, но секогаш тука некаде. Во Beautiful Noise, Robert Smith дури и кажа дека шугејзот е, во културен контекст, едно од најуспешните движења во изминатите 40 години. Што мислиш за местото на  shoegaze-от  во светската музиката денес и воопшто во музичката историја?
Одлично е што некои од овие бендови направиле албуми кои притоа имале голем импакт на многу луѓе влијаеле на некој начин на создавањето нови бендови. Ние навистина не размислуваме за овие работи. Ние само се обидуваме да направиме Slowdive албум кој ни се допаѓа. Одлично ни е кога свириме, а на нашите настапи доаѓаат и луѓе што не ни биле родени кога ние почнувавме.

Дали ќе чекаме уште две децении за вашиот нов албум или овој пат ќе бидете понежни ? :)
Со овој албум се чувствува дека ни се отворија некои нови можности кои би ги истражиле на некоја следна плоча. Имаме шестмесечна турнеја пред нас, но дефинитивно сакаме да се вратиме во студио.

Дали сè уште ја гледате жената со метлата?
За среќа, не се гледаме во последно време… Но, ако ја видам ќе знам дека е време да аплицирам пак за хаусмајстор позиција.

Дали можеш да ни откриеш што ни подготвувате за настапот на фестивалот Здраво Млади?
Прилично сме возбудени со доаѓањето во Македонија бидејќи никој од нас не бил таму претходно. Не сме сигурни дали таму некој има слушнато за нас, но ќе уживаме. Ќе свириме некои од старите песни, како и некои песни од новиот албум.

 

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...