Енергијата на панкот ја користевме за да изградиме наш сопствен свет

интервју со John Robb / The Membranes

[ ]

John Robb е легедарен авторитет во панк-рок круговите. ТВ и радио критичар и презентер, наградуван новинар, писател и уредник на влијателниот музички вебсајт и магазин Louder Than War. Но, пред сé, фронтмен на панк-рок составот The Membranes, бенд кој, во задоениот од панк Блекпул, го формираше во 1977 година.
Првпат се сретнав со Џон во 1991, како новинар на неделникот Sounds, каде 1989 го имаше првото британско интервју со тогаш непознатите Нирвана. Го „обвинија“ дека е автор на кованицата бритпоп. Во 1995 настапи на скопскиот Т Фестивал со неговиот тогашен бенд Goldblade. По долго музичко апстинирање, минатата година направи камбек со The Membranes, издавајќи го албумот Dark Matter/Dark Energy. Беше тоа повеќе од доволна причина да го запрашаме за неговите почетоци, годините на панкот и новиот бран, што денес претставува панкот, DIY философијата, контракултурата, за темната материја и енергија, предизвиците.

J-R

Би сакал да започнам со твоја изјава во едно интервју пред неколку години. Имено, “Растењето во Blackpool е различно од растењето на било кое друго место”. Во однос на твоите почетоци во музиката со The Membranes во 1977 во Блекпул, што значеше тоа да сакаш да правиш музика на тоа место на планетата и во тој момент во времето?
Интересно место е. Туристички, класичен британски приморски град, со сé тоа што го повлекува со себе – како пијани лудила, насилство, бетон, дожд и перманентен мирис на ефтино масло и вообичаени ергенски и девојачки забави, многу пијаници, ефтини возбудувања. Но исто така, Блекпул е и прилично груб.
Знаеш, не е вообичаено место од кое музичката култура обично доаѓа, тоа се обично градовите, но затоа имаме своја уникатна музичка историја. Во тоа време во пост-панк ерата беа само The Membranes и бендот од FactorySection 25, како и клавијатуристите на Soft Cell и Pet Shop Boys. Неколку години пред тоа, Jethro Tull израсна таму, а и Lemmy живееше во Блекпул неколку години. Бевме многу горди на тоа.
Како позадина на пост-панкот, иако многу малку веројатно, но имаше доволно место за да се интерпретира панкот од нас самите и да се создава наша музика. Најголем дел од местата за концерти беа позаинтересирани во дискотеки за туристите, така што моравме да свириме во црквени хали, а се раѓаше и чувство на отуѓеност бидејќи бевме на крајот на полуостровот. Настапите во Манчестер секогаш сме ги чувствувале како навистина голема работа – и тоа на само 60 милји оддалеченост. Некако, во исто време, Ian Curtis од Joy Division ќе беше во градот и ќе се дружевме многу со Section 25. На крајот, опкружувањето и општо – средината, се појави и во нашата музика, иако таа никако не се поврзуваше со градот. Ќе седевме на бетонското шеталиште неколку часа во „хемиска состојба на умот“ чудејќи се како баналноста на постоењето во предраградијата наеднаш исчезнува на крајот на морето. Таа финалност се зголемуваше и возбудуваше, а звуците на морето и неговото завивање, моќта на природата беше нешто што се обидувавме да го доловиме во звуците на нашите плочи. Дури направив и бас гитара од едно дрво кое го најдов на плажата.

Ова прашање би можело да звучи како клише, но отсекогаш сум бил заинтересиран да ја слушнам перспективата на нештата на „учесникот“, во обид евентуално да ископам некои претходно постоечки „учесник – набљудувач“ сеќавања. Бевте ли свесни за важноста на она што се случуваше тогаш во Англија, поточно на панкот и новиот бран додека се случуваше?
Секако. Панкот во Блекпул дојде прилично рано. Иако бевме млади, го читавме музичкиот печат, бевме свесни за панкот, но не можевме да го слушнеме бидејќи немаше објавени плочи таа 1976 година. Некако знаевме како музиката звучи според тоа како бендовите изгледаа. Имаше место каде сите висеа во Блекпул во 1976, пуштаа Anarchy in the UK, Ramones и Damned, и тогаш првпат ја слушнавме таа нова музика. Звучеше навистина возбудливо. Потоа следеше вртоглав развој на музиката – секоја недела излегуваше некој одличен седуминчен сингл или пак имаше ново одлично интервју во некој магазин. John Peel беше исто така важен, како што транзитираше од прог во панк во 1977, пушташе широк пресек на она што доаѓаше од надвор. Она што треба да го запаметите во врска со панкот е дека беше контра сé. Северот беше решен да има свој панк – Buzzcocks веќе ја променија агендата на Манчестер, а ние, исто така, бевме решени да одиме по сопствен пат и да не ги следиме доминантните линии.

Како ти отиде во панк?
Беше тоа постепен процес. Не можеше само да излезеш, да купиш облека, немаше панк продавници, немаше вистински панк изглед. Сé беше облека од втора рака, земаш игла и конец и го слушаш John Peel и читаш музички магазини обидувајќи се да се довлечкаш до локалната продавница за плочи за да земеш некоја. Енергијата на панкот ја користевме за да изградиме наш сопствен свет.

Дали е панкот сé уште жив? Или, поточно, дозволи ми да парафразирам – што е денес панк?
Панкот е став на умот, така што може да биде насекаде, каде што сакаш. На многу начини, тоа е единствената култура на младите која никогаш не постоела! На времето, никој навистина не би рекол дека е панк, постоеше натпревар да бидеш индивидуален и да го направиш тоа на свој начин, па така панк беше микс од многу различни култури. Деновиве може или да се даде строга дефиниција за тоа што е панк култура, или пак да се остави слободно да биде она што сакаш да биде. Вистински панк никогаш нема да се приклучи на клубот наречен панк.

Како се заинтересира за музичкото новинарство сакајќи подоцна да станеш и самиот новинар?
Некој во школо го донесе Sniffin Glue фанзинот на Mark Perry и одеднаш сфативме дека можеме да направиме свое списание. Тоа беше она што беше толку возбудливо околу панкот. Беше толку зајакнувачки – пораката што ја добивме беше дека секој може да го направи тоа. Започнавме да пишуваме и да правиме музика – не е како денес кога луѓето одат на часови за да научат како да бидат музичари, го решававме тоа во од, создавајќи свој стил на музика, под наши услови. А, исто така немавме страв. Панкот ни го даде тоа.

Мислиш ли дека Do It Yourself философијата ќе те стигнеше сепак, и да не беше дел од панк движењето? Те прашувам бидејќи сакам да ја разберам подобро врската помеѓу двете, како и улогата на DIY сама по себе.
Најважната работа беше DIY, музиката која ние ја правевме и културата во која бевме вклучени, која беше многу далеку од големите дискографски куќи, бевме во старомоден град правејќи чудна, лична музика, која шанса ја имавме навистина? Ја имавме DIY мрежата и музичкиот прес кој беше за тоа заинтересиран, како и Џон Пил кој ќе ја пушти плочата. Имавме и дистрибуција на изданијата, што целиот процес ни го направи полесен.

Покрај музиката, новинарство и spoken word претставите, ти, исто така, пишуваш книги. Дали можеби работиш на нова книга или ти е во план во блиска иднина?
Работам на мојата нова книга, за темната страна на пост-панкот – за т.н. Goth музика, ќе биде во широк спректар – постои таму индустриал и dark European folk и стар фолк… поглед на меланхоличната европската култура. Готиката беше една од поголемите гранки на панкот и повторно – таа никогаш не беше вистинска сцена, беше збир на, дури и неистомисленици кои се интересираат за темната страна, од Killing Joke до Bauhaus, од Southern Death Cult преку Cure до Joy Division.

T_M

Како би му објаснил на мојот 13-годишен внук зошто би требал да ја прочита твојата книга Панк Рок: Усна историја?
На едно ниво, тоа е книга за историјата, за историјата на народите. Во една друга смила, книгата има одличен саундтрак. За било која декада и да зборуваме, нема ништо повозбудливо од тоа кога луѓето ќе ги надвладеат средствата за производство во културата, а оваа книга ви кажува како ние го направивме тоа во 70-ите.

Во твојот манифест Louder Than War кажуваш дека „сé уште веруваш во контракултура“. Што контракултурата означува денес? Во врска со ова, ​​што е денес мејнстрим? Како тие делуваат заедно во денешниот контекст, или да речам контексти.
Сé уште верувам дека можеби машината не секому му го испрал мозокот. Се надевам во тоа повеќе од било што друго. На многу начини сите ние сме дел од машината и покрај тоа што не ја сакаме. Ја разбирам контрадикторноста, а во тоа можеби е суштината на контракултурата. Тоа овие години е помалку старомоден израз, но се чини дека денес е пожелно уметноста да треба да биде непријатно близок другар со капитализмот. Овие денови се чини дека бендовите се големи фанови на Доналд Трамп. Повеќето од нив и изгледаат како него. Некои од нив дури и звучат како Трамп. Денес мејнстримот е насекаде, што ни дава можност од него да направиме саундтрек. 21-от век е чудна мешавина од андерграунд и мејнстрим, хипнотизирани сме од играчките на капитализмот и можеби делува смирувачки, но знаеме дека тоа не е ок. Сликите на нашите телевизии трепкаат со сиромаштии и војни додека ние се расправаме за X Factor. Зоните на војната кои изгледаа толку далечно се доближуваат секој ден, а ние сé уште се давиме во тривијалност. Како да живееме во средината на планетарниот нервен слом. Пишуваме за андерграунд културата на нашите Apple компјутери додека терористите ја мразат Америка во нивните Најк патики… збунет сум.

Би сакал да се навратам на твојата музика и новиот албум. Како се чувствуваш кога снимаш албум по толку многу години, што те привлече да го направиш тоа?
Едноставно беше потребно да се направи тоа. Се наталожија многу идеи за неколку години кои бараа слобода за да се снимат. My Bloody Valentine ме прашаа да настапиме на ATP фестивалот, а потоа и Shellac сакаа да свириме на еден концерт со нив. Не сакав да бидам ретро бенд, Па, така, одлучивме да напишеме целосно нов сет за бендот. Потоа се сретнав со еден научник од CERN, се роди идејата да направиме албум за универзумот, сексот и смртта, и сé тоа се вклопи совршено. Сакавме да направиме музика каде бас гитара би била водечки инструмент, додека гитарите би создававале чудни звуци, притоа да биде возбудлива и да можеш да скокаш наоколу. Сакавме да снимиме плоча која ќе има свој наратив, и да направиме албум кој ќе се вклопи во разговорот кој го водев со раководителот на ЦЕРН проектот за Универзумот. Целевме да ги доловиме „црните слики“ кои се раѓаа поттикнати од разговорите за темната енергија. Токму тоа и го направивме.

Доста интересно ми беше тоа што вашиот последен албум ми даде пофокусирана слика за нештата така што го тргна фокусот од нив и го премести на “големата бесконечност”. Ме остави да се прашувам дали би бил во право да заклучам дека темната материја/енергија е движечката сила во Универзумот?
Можеби сега тоа се гравитациските бранови. Универзумот е толку полн со мистерија и тоа ме опседна. На средбата со шефот на ЦЕРН проектот разговаравме за темната материја и темната енергија, а тие идеји беа толку многу возбудливи и мистериозни што се одразија на расположението на плочата, додека музиката е направена да одговара на идеите. За време на снимањето на албумот мојот татко почина, па тоа се испреплете и во самата плоча. Универзумот е крајната мистерија, но, исто така, и дел од нашите животи, живееме во тој универзум, не е некаде на друго место, тука е! Ја сакам пространоста која ја нуди. Идеата дека ѕвездите кои што ги гледаш на небото не постојат и, дотолку повеќе, дека одамна не постојат, а не можеме да ги видиме поновите ѕвезди бидејќи нивната светлина сè уште не стигнала до таму!

Со речиси 40 години креативна работа како музичар, како гледаш на твојата работа од денешна перспектива?
Најдоброто нешто што ми се случи е тоа дека најдобрата плоча која сум ја направил е најновата, The Membranes – Dark Matter/Dark Energy. Работата на тој албум понекогаш беше непредвидлива, но тоа е поради тоа што бевме искрени луѓе кои попатно учат. Сега имаме можност нашите идеаи да направиме да функционираат. Ова е само почеток.

Кои се најголемите предизвици за светот денес?
Ги има толку многу. Толеранцијата и разбирањето се едни од нив. Се чини дека сите копаат ровови околу своите позиции. Така, наместо светот да се отвора – тој се затвара. Некогашните локални недоразбирања се претворија во глобални проблеми поради наоружувањето и интернетот. Има толку многу тензија на планетава и толку многу конфликтни агенди, отсекогаш и имало, но овие денешниве се целосно вооружени. Технологијата која ја имаме денес е толку многу опасна… а ние ја сакаме технологија. Можете да се вооружате до заби со високотехнолошко оружје и да го искористиме јонскиот акцелератор ненадејно. Се чувствува дека е тоа многу опасно во моментов. Технолошкиот свет се тетерави на работ и сите ние треба да се држиме заедно да се обидеме да го спасиме. Тоа не е толку будалесто колку што звучи – сите сме живи во истото време и не сме толку немоќни колку што ни кажуваат дека сме. Среде распадот на државите-нации, Европа се враќа на средновековните градови-држави, а сепак – старите империи р’жат заедно со подемот на повеќевековните религиски агенди. Се чини дека живееме во тек-верзија на 1450 година, со опасни оружја и лудаци чие постоење се прикажува на ТВ на целата планета наместо да бидат пуштени да лутаат во некоја шума. Секој сака да има сé и тоа да го има веднаш, а нема толку многу за да има доволно за сите. Тука доаѓа стравот кој ги тера луѓето во чудни расположенија. На многу начини на светот му треба прегратка.

Се познаваме одамна, но никогаш не сум те прашал што всушност знаеше за Македонија пред да дојдеш тука за првпат, 1995-та со Goldblade на T фестивал?
Читав многу за тоа. Бев фасциниран од сè. На едно патување во Солун дознав за Македонија во една друга форма, прочитав многу книги за источно-европските земји. Отсекогаш знаев за Александар Македонски и за историјата таму и бев фасциниран од местото, па кога ти ми понуди концерт таму беше фасцинантна можност да дојдам и да се проверам од прва рака.

Еден гулаб ми донесе порака дека постои можност да ве видиме со The Membranes во Скопје.
Да! Зборуваме за доаѓање во текот на оваа година, можеби во септември, да ги средиме датите и подготвени сме.

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...