Сам против сите

интервју со Кире Митрев, КИМ бенд

[ ]

Од Битола, преку Београд до Беркли. Од репродуктивец и аранжер, преку автор до педагог. Беа потребни 35 години неговата музика да добие општа верификација и признание. Кире Митрев и неговиот КИМ бенд, за многумина до скоро непознато име. Џез-рок, поп, фанк, или нешто друго, секогаш ќе имате проблем да го сместите во некој стил.
Неговата работа е воглавно препознатливо сместена во 80-тите години. Откако го препозна органичувањето на тогаш униформираниот музички свет околу себе, избегнувајќи ја замката на немилосрдно комерцијалниот систем, се впушти во потрага по „совршениот звук“. За неполни 4 години, во време на тогаш хајпуваниот „нов бран“ издаде 3 револуционерни албуми.
Се сретнавме на Скајп и ги отворивме темите. Кире Митрев за Критика зборува за своите почетоци во родната Битола, за екстремниот избор на тромбонот како инструмент, за совршената интонација, маратонските турнеи во Русија, забранетата песна Југославија, за револтот и шундот…
Особен, полемичен, истраен. Едноставно поинаков. Едноставно, Кире Митрев.

 

kire mitrev - foto dragan vidanovic

 

 

Добровечер Кире, дали се слушаме?
Да, врската е одлична.

Одлично изгледате, ве паметам по фотографиите од плочите, поминаа навистина многу години, во форма сте очигледно.
Добив комплимент, благодарам. За жал, одамна сум заминат од Македонија. Но, како велат кај нас – „За многу години“. Можеме да работиме, нели.

Секако, затоа сме тука. Забележавте, годиниве некако спонтано се случи голем камбек на ретро звукот од 80-тите, особено на вашиот, ве откриваат и ги вртат вашите плочи. Кажете ми за вашите почетоци во Битола, кога и како почувствувате дека сакате да бидете во музиката.
Секогаш со задоволство зборувам за мојата врска со Македонија, од неа го добив најважниот дел во музиката – талентот. Почнав да свирам гитара рано, уште на четиригодишна возраст, имавме едно културно-уметничко друштво, се викаше „Стив Наумов“. Цел ден го поминувавме таму, пола ден на училиште, пола ден таму, каде ги впивав сите тие наши ритми и хармонии. Подоцна се запознав со класичната музика и ја стекнав таа култура, а потоа во средбата со џезот го развив и својот талент за креација и импровизација, бидејќи џезот ти нуди најмногу можности за слободно изразување. Во класичната музика можете да бидете добар репродуктивец, додека џезот претполага продуктивност, а јас таму најмногу се снајдов. Имавме среќа да имаме прекрасни професори, Мими Шперовиќ, Михајло Николовски, Петар Сидовски, кои беа не само професори, туку и родители и воспитувачи и другари. За нас музиката беше нешто возвишено, имагинарно, светот во кој влегував од ден на ден сé повеќе ме фасцинираше и решив да му се посветам во потполност. Немаше двојба дека ќе бидам музичар, од мене секогаш најмногу очекуваа, бидејќи многу посветено работев.

Каде живеевте во Битола?
Кај киното „Партизан“, прекрасен дел на Битола, од една страна беа бавчи, од другата страна куќите, а бидејќи јас ја обожувам природата цел ден го поминував надвор. Битола важеше за највесел град, а тоа навистина и беше. Знаеш како, секој ќе излезе пред својата куќа, ќе замете и тогаш ќе седневме на оние камења и ќе пеевме, беа тоа прекрасни обичаи, се дружевме, си помагавме, убави беа 60-тите во Битола. Прво одев во нижо музичко училиште па потоа заминав во средно.

Зошто од сите инструменти на светот токму тромбонот?
Ова е одлично прашање, досега никој не ме прашал. Имавме прекрасни професори кои нé третираа како нивни деца. И тогашниот професор, воедно и директор, на прашањето што би сакал да свириш, му одговорив дека сакам да свирам на некој инструмент кој не го свират сите. Бидејќи тогаш најпопуларни инструменти беа виолина, клавир, гитара… а знаете, јас уште оттогаш бев малку екстремен, ми понудија да свирам тромбон. Дури ни не знаев што е тоа, ми донесоа некој голем војнички тромбон и прашав дали на ова може да се свири некоја мелодија. Професорот ми отсвире едно парче музика и веднаш решив дека сакам да свирам тромбон. Така сé започна.

Веднаш го засакавте инструментот?
Апсолутно. Драго ми е дека ме прашавте. Да отидам малку подалеку, јас и Гоце Димитровски, членот на мојата група и човек со светски квалитет, со кого бевме истомисленици и имавме практично иста енергија, цел живот бевме во потрага по звук, уживавме во таа потрага кога ќе достигнеме некој добар саунд. Бевме опиени со тоа, трагавме по племенити тонови кои тешко можат да се опишат со зборови, го чувствувавме тоа кога усните беа доволно подготвени за квалитетен тон, тогаш се случува повисоко тонско свирење, што не е можно на тромбонот бидејќи е моно инструмент, но кога е совршена интонација, тогаш тие аликвоти сами се појавуваат.

GSS

Очигледно дека Битола беше претесна за вас, зошто се одлучивте да заминете во Београд?
Ќе бидам искрен и се надевам дека нема да ми замерите, Скопје и Београд ни ги извлекуваше професорите, сите полека заминуваа. Тоа е судбина на сите помали градови покрај метропола, поголем град нуди повеќе можности, за бизнис, за подобра работа. Битола имаше прекрасна традиција, но немаше шоу бизнис. И ден денес размислувам на сите тие талентирани луѓе кои беа генијални но не го добија заслуженото признание, немаа можност да се искажат во мал град. Бев нетрпелив да отидам понатаму. За нашата работа е потребна голема инфраструктура, место каде има многу случувања, да постои можност да ја пласираш својата работа, Београд тогаш го нудеше тоа. Бев познат по тоа, кога дојдов на Музичката академија во Београд, на приемниот испит побараа од мене да отсвирам некоја мелодија, а јас од нив побарав да го слушнам најпрвин професорот. Се зборуваше за тоа долго време – дошол некојси таму од Битола и бара да го слушне професорот како свири. Кога влегов на Академијата набргу потоа имав среќа да влезам во Ансамблот на Саша Субота, подоцна „Оне и они“, во тоа време најдобриот ансамбл во Југославија, кој ги пратеше сите најпознати артисти од тоа време. Со нив работев 10 години, можев несметано да студирам и воедно да имам обезбедена работа, бидејќи самиот морав да се борам за мојата егзистенција. Имавме маратонски турнеи, по 200 концерти годишно. Со ансамблот на Саша Субота свиревме многу надвор, особено во тогашната СССР, која беше затворена за „западна музика“, а ние бевме најатрактивни од источните земји. Русија беше гладна за нашата музика, имаше публика за практично сите музички стилови кои тогаш егзистираа. Постоеше легенда која велеше дека во Русија се случуваа по 600 концерти во еден ден. Имавме турнеи во просек по 3 до 5 месеци, знаете, секој ден концерт, а некогаш два па и три концерти на викенд.  Сите настани ги организираше државната агенција Госконцерт. Како за илустрација, само во Русија имавме некаде околу 1800 концерти. Се сеќавам кога настапувавме во Ленинград (Санкт Петербург), во ист ден настапуваше и тогаш популарниот James Last, неговиот концерт беше помалку посетен од нашиот бидејќи настапуваше таму за првпат, а нашата публика ни приоѓаше да ни пренесе дека во другата сала настапува некојси англиски музичар кој се обидува да нé имитира, не знаејќи дека е тој поголема ѕвезда од нас. Русија беше големо искуство за мене.
Се разбира, дојде и моментот кога почувствував дека тоа не ме привлекува повеќе и отидов во Бостон на Berklee School of Music. Кога се вратив, започнав со мојата музика. Чудни работи се случуваа. Јас до мојата 30-та година немав ништо авторски напишано, но и ако нешто имав не бев сосема од тоа задоволен, во принцип работев аранжирајќи песни за други. Одеднаш, во тој период сé што акумулирав од музика заборавив и започнав да пишувам своја. Беше тоа одличен историски музички период, Steely Dan, Earth, Wind and Fire, Blood, Sweat and Tears, Miles Davis, ги обожувам Weather Report, најдобрите работи се случуваа тогаш, џез-рокот направи најголем исчекор како музика.

KIM3Тогаш започнува и проектот наречен КИМ бенд.
Да, ги земав моите иницијали како име за бенд…

…простете, една мала случка, кога на еден мој пријател му кажав дека ќе го интервјуирам фронтменот на КИМ бенд, ме запраша дали името можеби означува дека е тоа Косово и Метохија.
Хахаха, со тоа имав големи проблеми. Кога мојата прва песна „Југославија“ стана хит, тогаш се најде некој „паметен“ уредник на некоја емисија кој ја забрани таа песна, бидејќи на некој форум изјавил дека е тоа всушност Косово и Метохија, па така бев принуден во секое наредно интервју да го објаснувам името на мојата група. Знаете, секогаш има малициозни луѓе кои се среќни да бидат „паметни“. За „Југославија“ постои уште една приказна која вели дека беше забранета и поради тоа што кралот Александар I кога заминувал изјавил – „Чувајте ми ја Југославија“. Сé се тоа глупости кои немаат врска со музиката.

Но, вам музиката ви беше најважна.
Да, секако, исто како и идеите. Бев полн со набој и тоа беше еден мој жесток период на креативна инспирација, имав слобода да пишувам музика и да се занимавам со она што вистински го сакам. Но, не играв мудро, пребргу ги издавав плочите, не оставаав секоја композиција да одживее. Знаете, имав премногу енергија, мојата музика за тогашниот простор беше шок, не им беше баш јасно што се случува со тој нов надоаѓачки стил. На некој начин јас бев сам против сите, ниедна инстутуција не стоеше зад мене, сакав да направам музика со која ќе покажам дека сум навистина добар. Не сакам да бидам скромен, навистина така верував. Тогаш започна таканаречениот „нов бран“, се вртеше лесна музика, лесни ноти, мојата музика во тој момент беше прекомпликувана, премногу нова. Се сеќавам дека прочуениот диригент Миљенко Прохаска ми кажа: „Знаете Кире, вашата музика е 30 години понапред од музиката која сега ја живееме“. И ете, со ривајвлот на мојата музика годиниве тоа и се случи. Сé што работев, работев импулсивно и без многу размислување и калукалции.

Времето на „новиот бран“ не беше добредојдено за вашата комплексна музика.
Така е. Сакам да кажам пар зборови за мојата музика, поточно аранжманите и композициите. Ја разбив формата на создавање музика „А – Б – рефрен“, најмногу бев фокусиран на воведот и на кодите. Воведот во моите песни секогаш најавуваше дека ќе се случи нешто посебно, поинакво, авангардно. Композициите ги правев во помалку невообичаени форми, така да мене никогаш не можеа да ме сместат ниту во џез-рок, ниту во поп, ниту во рок, бидејќи направив своја музика која не припаѓаше никаде. Подоцна слушнав дека Шостакович својата 16-та симфонија ја направил токму така, на база на реминисценција, сеќавања на разни дела на Бах, опери, Чајковски… јас не размислував на тој класичен начин, туку го направив на свој. Кога луѓето денес ќе ги слушнат моите плочи веднаш велат – „Тоа е КИМ, тоа е Кире“. Но знаете, нашата музика е скапа, подразбира најдобри аранжмани, најдобри тон инженери и продуценти, најдобри студија, секако и музичари, а нив ги имаше малку. Морав сите кои доаѓаа во бендот да ги обучувам, да ги учам. Така да, низ КИМ поминаа голем број музичари и пејачи, за моја среќа најдобрите во тоа време – Владимир Фурдуј, Гоце Димитриовски, Бобан Марковиќ… сакав да ги земам сите Беркли музичари кај мене бидејќи беа некако во позадина, на маргините, а КИМ за кратко време стана институција. Кај мене вокалите беа третирани како инструмент, затоа имаа такви улоги, како промена на боја, како игра помеѓу инструментот и вокалот, не се во прв план туку се во функција на инструмент. И на крајот, не бевме група која беше погодна за афери, не бевме група која ќе ја прави својата кариера на тој начин. Нас во тоа време нé поддржуваа сериозни станици, кои за жал широката публика помалку ги слушаше. А тогаш дојдоа и војните и кариерата морав повторно да ја започнам од почеток, во Германија. Бев разочаран од нашето поднебје, си реков „Еве ви ја Лепа Брена, радувајте се со неа, одам јас во светот“. Едноставно барав публика за мојата музика, интелектуална, подготвена за нешто ново.

 


За вас печатот во 80-тите пишуваше дека сте прилично арогантен.

Бев свесен за своите квалитети и добро знаев што се случува околу мене. За жал, многу музичари во тоа време живееа на стара слава, имаа институции зад себе и сигурни примања, имаа и пристап до медиумите, а ние кои бевме ни на небо ни на земја можевме до издание да дојдеме само со знаење и конкретни вредни дела, никако поинаку не беше можно. Сега е друго време, сега можете да направите кариера со афери. Но најважно е да оставите дело кое луѓето ќе го препознаат. Би ве лажел кога би ви рекол дека ми е сеедно кога ќе ми се јават луѓе од сите краишта да ми кажат дека мојата музика им значи, еве пред некој ден ме интервјуираа и на една скопска радио станица – Канал 103, прекрасни дечки. А сé тоа говори дека не сум го поминал животот залудно, тоа ќе остане. Музиката која јас ја создавав во 80-тите подоцна доби и своја потврда, Incognito, Brand New Heavies, Jamiroquai… Постојано добивам комплименти од млади луѓе за мојата музика и тоа ме прави навистина среќен.

Ви беше уште на самиот почеток јасно што сакате.
Да, носев во себе револт. Беше тешко да се создава уметност, да бидеме искрени, кај нас преовладува шундот. Ја носев во себе желбата да направиме нешто што ќе биде посебно и уметнички издржано, поинакво. Тоа музичарите околу мене го почувствуваа и прифатија и покрај тоа што немавме изразена финансиска поддршка, музиката ни беше најважна. Во Радио телевизија Београд, при музичката продукција постоеше редакција за нова музика, па така и се отвори можност да се снима нешто ново. Тука можеше секој да конкурира, добиваш студио и ништо повеќе. Но, тоа за мене беше доволно. Направив пар композиции, ми дадоа термини за снимање, повикав екипа и ја снимивме првата композиција – „Југославија“. Веднаш на сите им се допадна и рекоа – ајде да продолжиме да снимаме понатаму. Во меѓувреме направив десетина нови композиции и така се создаде нашиот прв албум „Не, заиста журим“. Во прв план продукциски беа ставени дувачите, композиците беа комплексни и песните понекогаш не можеа да се отсвират од почеток до крај па бевме принудени да доснимуваме. Гоце и јас снимавме дувачи, но бидејќи бевме само двајца – доснимувавме, па така некаде во снимките звучат како да се 8, некаде како да се 16 дувачи. Вокалите ги снимаше мојата сопруга Силва Деловска. За кратко време снимив уште два албуми за Продукцијата на грамофонски плочи на Радио Телевизија Београд (ПГП РТБ), плус неколку компилациски, како и песни за некои други луѓе. КИМ тогаш почна да доживува промени, некои музичари отидоа во странство.
Албумот „Не, заиста журим“ ми отвори големи врати, со него добив работа и на џез школа, свирев и во Биг бендот на Џон Вест – “John West & Singers” Big Band. Во тоа време се расформираа сите Биг бендови во Европа, пред сé Франфурт, Минхен, Цирих, беа тоа државни бендови. Оној момент кога нивната продукција стана неисплатлива сите станаа „телефон бендови“ – кој има продукција, се јавуваат и се снима. Така на пазарот одеднаш се појави огромна бројка на брилијантни музичари, слободни за соработка. Тогаш мојот пријател, диригентот Џон Вест направи Биг бенд и ги превзема водечките бизниси, но тоа воглавно беа гала бизниси, како на пример големи компании кои имаат гала прослави, како Луфтханза или Јамаха, кога промовираат нови производи прават голем гала-парти, ангажираат најскапи класични, балетски и џез уметници. Џон Вест во својот оркестар имаше ѕвезди како што се Donna Summer, Shirley Basey, La Toya Jackson, Cliff Richard… работата беше доста напорна но мошне интересна, а во краен случај прилично исплатлива. Многу се работи но многу и се заработува. Со Џон Вест работев 9 години, додека и таму не се случи криза за таков вид на работа.
Но, да се вратам на КИМ, мислам дека првата плоча е најбитна, тука се внесува ударната енергија, после сé станува рутина, на првиот албум имате можност најмногу да се искажете. Подоцна сé влијае на вас, печатот станува критичен, дискографската куќа бара да сте комерцијални, тие ги гледаат само финансиите, а од друга страна јас ја гледам само музиката. Правев компромиси за тие што морав да ги правам, немав неограничени часови во студио, морав за кратко време да одлучам дали ќе ја дадам снимката или не. Но, сакам и ова да го кажам – целата моја снимена музика не излегува на хај-фај уредите кои не се совршени, знаете, во тоа време беше лошо печатењето на самите плочи, а за мојата музика беше потребен совршен фрекфенциски опсег за сето тоа да го слушнете, аранжманите кои ги правев се испреплетуваа, совпаѓаа, дополнуваа, акцентираа.

 

 

Аранжманите ги студиравте на Беркли?
Да, кај Herb Pomeroy, тогаш еден од најдобрите, беше водач на одделот, имав навистина среќа да ме прими во неговата група. Бев таму 6 месеци, како стипендист на фондацијата Quincy Jones. Работев со староцрквени скали. А интересно е дека на Беркли дипломирав со нашата песна „Мамо, кој чука на порти“.

Целото тоа искуство го пренесовте во песните на КИМ и на вашите два извонредни албуми „Не, заиста журим“ и „За ким звона звоне“. Точно е дека тие албуми не се продадени во големи тиражи, но контекстот во кои се направени, како и значењето и влијанието кое го имаат денес покажуваат нешто друго.
Точно е, да ви кажам дека тоа можеби е и судбината на тие големи групи кои се подложни на постојани промени, бидејќи немаат фронтмен, луѓето немаат кого да запамтат, но тоа е веќе психо-социолошки контекст на работите. За мене останува најбитна музиката. Сега се присетив на една случка, ова морам да ви го кажам: кога дојдов на Музичка академија, при пополнувањето на апликацијата ме прашаа – Кој отсек си? велам „Тромбон“, – Име на татко? „Тромбон“, хахахаха. Навистина бев и сé уште сум опседнат со музиката и сé уште создавам песни, но не сум веќе расположен да ги трошам на половни проекти, навистина правев доста компромиси, ќе причекам на вистинскиот избор. Знаете, јас создавам жива музика, не работам со компјутери.
20 години не бев тука, работно престојував во Германија, Данска, доста време поминувам во Истра, така да не знаев што се случуваше во меѓувреме, но гледам дека мојата музика самата си го прооде патот, колку е постара толку е повредна. За мене е доволно ако денес успеам да направам неколку песни кои ќе отидат надвор, но морам да кажам дека, за жал, нашиот простор е доста затворен, немаме пазар. Знаете, се случи тоа да, веднаш по нашиот прв албум, во Русија бидат редови за мојата плоча. ПГП РТБ можеше таму да продаде само 5000 примероци од мојот ЛП, а за возврат да купи 5000 руски плочи со класична музика, стануваше збор за договорен реципроцитет. Моите 5000 плочи во Русија беа продадени за 5 минути, редови беа за да ја купат, но знаете, сето тоа беше лимитирано. Исто така, на MIDEM во Кан, ПГП РТБ имаше свој мал штанд, каде јапонската Yamaha ја слушна мојата плоча веднаш јавија дека се заинтересирани да направат промоција во пакет – турнеја, промоција и албум, меѓутоа чиновниците во ПГП куќата не беа во дослух со времето и предизвикот, така да таа извонредна шанса пропадна.

KIM1

Повеќе од јасно. Кажете ми што денес Кире Митрев работи на музички план.
Малку пишувам, не свирам еве има веќе неколку месеци, бидејќи е потребно да вежбам многу а немам адекватна работа која би барала таков огромен труд. Мислам дека и малку заслужив да се одморам, така да ги намалив активностите. Единствено пишувам кога имам инспирација, ова лето напишав 3 песни и се надевам дека со тоа во наредниот период ќе направам нешто. Во меѓувреме, ми се јави еден пријател снимател, со информација дека би можеле да направиме проект со еден музичар од Африка, кој некогаш бил студент тука, па би се вратил заеднички да направиме музика, што е за мене сосема прифатливо, така да во наредниве месеци ќе се посветам на тоа. До неодамна бев професор на Џез академијата во Фрајбург – Jazz & Rock Schule, имав своја интернационална класа, предавав тромбон и водев 3 проекти – Project band, Small band и Big band за мјузикли, така да го стекнав и тоа интернационално искуство во педагогијата. Кај нас состојбите се поинакви, професор, па неговиот син, корупцијата нé завладеа.

Забележувам дека на светско ниво авторската музика е во криза.
Сé се работи брзо и површно. Во светот денес не постои некоја нова значајна музика. Мислам дека 70-тите и 80-тите беа последното големо нешто.

Ја следите ли ситуацијата во Македонија?
Колку што можам. Насекаде е непријатно, се плашам како ќе биде во иднина, знам што се случува, не следам сосема внимателно, но насекаде е исто на Балкан, затоа ги бараме можностите надвор, ние тука немаме услови за нормален живот, а камоли за работа.

Постои ли можност можеби да ве видиме со настап во живо наскоро?
Би сакал. Во Македонија сум настапувал само еднаш, и тоа во едно амбициозно телевизиско шоу, во продукција на Телевизија Скопје и Телевизија Београд, беше тоа одличен проект. Подготвен сум за нови предизвици.

 

The Love Witch
режија: Anna Biller

21.07.2017

Хоророт често бил начин да му се погледне на табуто во очи. Во ера кога политички некоректните потези се дочекуваат на нож, хорор филмовите стануваат ...

20.07.2017

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони ...