Престар и премногу тврдоглав за да се откажам

интервју со Robert “Bucket” Hingley од The Toasters

[ ]
tt-p© Зденко Петровски

 

Петар Младеновски: Колку долго сте веќе на оваа турнеја?
Robert “Bucket” Hingley: На оваа турнеја до сега 6 недели и уште две остануваат. Оваа е од пократките.

Ама никогаш не застануваш. Со години така, бевте во Мексико, Сад, Финска, Европа, секаде!
Подоцна оваа година одиме за Хонг Конг па за Тајван, Јапонија па подоцна и на Хаваите. Ама ова е посрана работа која некој мора да ја сработи. (се уфрла момче од 30-ина години „Извини плочи да не продаваат Тоустерс? – Да да, продаваме подоцна ќе има штанд.). Ете по оваа комерцијална пауза продолжуваме…

Да да, секако, продолжуваме. Што се случува со Д Тоустерс сега? Кои се сега Тоустерс?
Тоустерс се еден куп момци кои ги познавам низ светот. Малку сум уморен од плаќање на прекуокенските летови за артистите од други континенти од причина што авиокомпаниите упорно ги поскапуваат истите, да донесам еден музичар од САД кој свири за Тоустерс сега ме чини 1500 долари.

Порано не само што соработуваше со музичари од САД туку и ги носеше на турнеи со вас низ Европа. Цели бендови од САД, како Deals Gone Bad, GO Jimmie GO, Westbound Train.
Да, но тоа стана прескапо затоа што не е лесно со овие летови да ги донесеш од САД во Европа поради тие цени на летови, од друга страна ни европскиот музички пазар не е она што некогаш беше. Многу потешко се доаѓа до настапи во клубовите како што и претходно разговаравме. Конкуренцијата е преголема и на бендови и на промотери па и ризикот да ги донесеш, посебно помали бендови, е навистина голем.

tt-p1

Зборувавме пред малку и за тоа. Што се случува со сцената? Воопшто глобалната сцена? ска сцената?
Па на некои делови е прилично „здрава“ и се движи некако па… ете имаше навистина сцена која расте на места каде најмалку очекуваш како во Јужна Америка на пример, која е еден навистина голем музички пазар, но и на места како Тајван каде ска сцената е навистина присутна и расте.

И Јaпонија веројатно?
Да и Јапонија која отсекогаш имала голема ска сцена но проблемот е што станува многу тешко да се настапува таму затоа што се трошоците за самиот бенд преголеми. Едно пивo чини 20-ина долари па сега ти види.

Кога првпат ве гледав во белградска „Академија“ некаде таму во 2003-тата и 2004-тата година во СКЦ, по концертите имавме кратки разговори каде ти ми велеше дека ска музиката секогаш доаѓа во некаква форма на бранови. Што се случува сега? Мој личен впечаток е дека некако ска звукот мирува..нема некој нов „бран“.
Па знаеш што, јaс сега ја отфрлам таа теорија на „ска бранови“ која едно време беше толку прифатлива. Јас тврдам дека ска сцената е како желката. Ќе ја извади главата па по некое време ќе ја повлече назад до следниот момент кога пак ќе ја извади.

Ја следам и преслушувам новата СКА сцена. И мој впечаток е дека немаме многу нови “херои“ од оваа сцена меѓу новите бендови.
Па да, нема многу нови. Има неколку кои доаѓаат од сцената на Лос Анџелес како The Interrupters на пример кои свират одлично валкано ска. Но нам ни се потребни многу повеќе нови бендови кои би ја направиле ска сцената посилна и популарна. Знаеш, ска сцената нема да стане повторно глобално популарна додека не се појават десетици нови, добри, свежи бендови.

Зборувавме и за тоа, што се случува со младите луѓе како публика на концертите на ска бендовите? Доаѓаат ли?
Мислам дека младите луѓе денес се заведени од социјалните мрежи. Она што социјалните мрежи го направија е дека го убија „племето“! Децата денес не се дружат надвор, сè што прават прават преку нивните мобилни телефони па…

…Добро, а како се случува тогаш некој како Beyoncé да има по 50000 млади луѓе на нејзините концерти? Како ова не влијае на неа и слични артисти?
Па затоа што е под „етикета“ која има пари да си дозволи нејзината фаца да се „врти“ цело време. Можеш да ја чуеш нон стоп на некое усрано радио и останатото, па сега имаме ситуација на пар бендови кои се „на врвот“ и им оди одлично. И стотици бендови кои се на дното и не им оди баш, а во средината имаш – ништо! Затоа што, целата „независна“ сцена во смисол на независни куќи или „независна“ дистибуција е уништена и тоа е голем проблем.

И ти имаше сопствена издавачка куќа некогаш.
Да имав и јас, не една! Имав три и навистина е тешко затоа што не можеш да продаваш повеќе изданија како некогаш. А ако не можеш да продаваш плочи тогаш не можеш да си „рекорд лејбл“ И тука за „независните“ бендови кои свират станува многу тешко и невозможно да ја издадат или рашират својата музика на тој начин. Луѓето не купуваат повеќе изданија, ќе дојдат на шоу и ќе купат некоја плоча можеби, но целиот феномен на издавање ЦД-а и нивно продавање – исчезнува!

Ама ти и понатаму не се откажуваш од својата приказна?
Не!

Како тоа?
Па едноставно сум престар за да се откажам. И престар и премногу тврдоглав!

tt-p2


Стигнавте веќе до 36 и влеговте во 37-мата година од постоење како Тоустерс. Имавте и сингл пред година две кој носи наслов House of Soul.

Да, нашиот заеднички пријател, академскиот сликар Славко Круниќ го направи омотот за истиот!И заврши одлична работа.

Е па можеме ли да очекуваме нов студиски материјал? Некаков албум или слично? Што се случува?
Па да, ете не слушна пред малку на тонската како пробуваме една нова тема која носи наслов You could have done better!

Да да ве слушнав! Очигледно беше затоа што тромбонистов толку ја грешеше!
Да да! Хаха, треба да му објаснам убаво што да свири. Ќе го снимиме ова во текот на летото. И она на што дефинитвно се фокусирам периодот е издавање на сингл 45-ка како некогаш, во старите времиња, како во 50-тите. Затоа што луѓето не можат да го „симнат“ тоа. Па знаеш, не ми е поентата да влезам во студио и потрошам 3000 долари за албум кој ќе звучи лошо а од друга страна, за да снимам квалитетен албум треба да потрошам 20-30.000 долари кои никако не можам да ги вратам со продавање на истиот во продавниците а и ќе се појави на Спотифај, уште пред да се појави на друг формат на пазарот. Па затоа се враќам на она од 50-тите а тоа е да имаш едниствен сингл кој би се „вртел“. А за да го направиш тоа треба да направиш навистина добра песна и да ја исфрлиш како сингл и на тој начин да пристапиш. Ете на тој стар начин! Тоа значи дека треба да се направат многу нови добри песни а за повеќето нови бендови тоа е тешка работа затоа што не пишуваат добри песни!

Ок па која е тогаш иднината на ска сцената? Што мислиш?
Тешко е да се каже. Но, ќе продолжи да се движи! Повеќе во некаков вид на фестивалско одржување и ширење на истата. Ете во САД минатата недела имаа еден одличен СКА фестивал наречен BACK TO THE BEACH кој е всушност една „собиранка“ на сите популарни ска и ска-панк бендови од 90-тите. Прилично супер! И во исто време ќе треба тоа да се искомбинира и со неколку млади бендови од оваа сцена кои би ја делеле сцената со ветераните. Значи мора да ги охрабриме новите бендови да влезат во ова, ете тоа очекувам да видам – нова свежа крв во сцената наскоро.

Значи сепак си оптимист за сцената?
Секогаш сум бил..ако не беше така одамна ќе се откажев, хаха.

 

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius
Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

28.10.2018

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои ...