Продолжуваме таму каде што застанавме

интервју со Сашо Кленкоски | Телонаука Совршена

[ ]

По долги 30 години, Телонаука Совршена настапи за првпат во својата родна Струга, на 25-ти јули на Дримon фестивалот. Беше тоа уникатна прилика да се види и слушне еден од најрепрезентативните состави на некогашниот југословенски нов бран.
Телонаука Совршена престанаа со работа во 1992 година, а оваа продолжуваат таму каде што застанаа, креативно фокусирани на нов музички израз и концепт. Разговаравме со алфа и омега на бендот – Сашо Кленкоски, кој ни го најави третото откровение на Телонаука Совршена – ТЕЛОНОВА.

 

После 23 години Телонаука Совршена со освежена постава се враќа на сцена. Зошто воопшто престанавте да настапувате и зошто се враќате токму сега?
Причината за престанувањето се самите „невременски“ услови кои тогаш владееја на тогашните југословенски простори, односно војната во Хрватска и Босна и Херцеговина која ги растури сите врски и контакти со останатите делови од земјата каде што ги имавме поголемиот број настапи. А што се однесува до тоа зошто токму сега, веројатно затоа што работите некако созреале и Телонаука Совршена заслужува да го продолжи патот онаму каде што застанавме.

Од каде името Телонаука Совршена?
Името доаѓа од истоимената збирка песни на Методија Златанов, денес Митрополит на Американско-Канадска-епархија. Некаде на почетокот од 80-тите во потрага по име, при средба со Методија ни беше понудено ако ни се допаѓа да го земаме насловот на, тогаш излезената збирка песни, кој необично на сите ни се допадна.

Историски гледано, Струга во почетокот на 80-тите беше вистински музички креативен центар, од кој и самите бевте дел. Кажи ми за вашите почетоци во трошната барака на тогашната струшка општина.
Поцетоците се слични или исти како и на скоро секој денешен бенд…подрум, од кој после неколку други слични простории се префрливме во, тогаш баш и не трошната барака која до ден денешен ја има истата функција, да ги прибира сите бендови од градот.

TNS.1

Од формирањето на бендот па до вашиот деби албум во 86-та ви беа потребни 3 години, зошто?
Од проста причина што самиот живот беше многу спор и неоптеретен, а и издавање на албум баш и не беше нешто што можеш тукутака да го направиш и објавиш. Во 1986 ни се даде можност да се направи едно издание преку СКЦ Ниш, за кое е многу заслузен Горан Трајкоски Готра, кој несебично се заложи и заедно со Предраг Цветичанин, инаку гитарист и вокалист на Добри Исак, го истуркаа овој проект на виделина.

Во 1991 добивте понуда за југословенска турнеја и за снимање на нов албум за кој продуцент требаше да биде Милан Младеновиќ, што се случи?
Да, после настапот на YURM (Југословенски рок момент) во Загреб и Омладина ’89 во Суботица остваривме повеќе контакти, беа закажани, ако не се лажам, дваесетина свирки во Словенија, Хрватска, Босна и Србија, во Македонија, за жал ниту една, па дури и Милан Младеновиќ, фронтменот на Екатерина Велика, слушајќи го настапот во Суботица се заинтересира да продуцира албум на Телонаука Совршена но, се случи војната на југословенските простори. Војната ги растури сите планови па сето тоа падна во вода. Ние во тоа време не гледавме баш некоја перспектива или простор за наши настапи, па така последен обид беше концертот во тогашниот „Дом на млади 25 мај“ во 1992, кога и прекинавме со работа како бенд.

TNS.4

TNS.5

TNS.3

Вашиот прв настап беше неодамна во Струга на Дримon фестивалот кој годинава се одржа по трет пат. Телонаука Совршена е оформена во Струга, па затоа и е интересен фактот што никогаш не настапила во овој град. Какво е чувството да се настапува пред домашна публика, да се почне од почетокот, од местото на зачнување?
Пред отприлика една година се роди идеја, да се обидеме повторно да ја оживееме Телонаука со една цел, верувале или не – за првпат да свириме во својот град. Иако се роди и твореше во Струга, Телонаука никогаш не доби прилика да отсвири пред своите во градот, па затоа настапот на Дримon беше одлична прилика тоа да го направиме и верувајте чувството… да си пред публика која стрпливо чекала 23 години, да бидеш почестен со луѓе кои специјално допатувале од повеќе градови, да го видат повторното раѓање е секако нешто што те исполнува со енергија, онаа истата што ја добиваш на само раѓање.

На концертот во Струга беа отсвирени неколку песни од вашиот албум „Кадис“, но и неколку необјавени песни од „пост-кадис“ периодот? Што сугерира тоа, дали Телонаука Совршена планира нов албум или за почеток некакво ново издание на првиот албум?
Идејата е, една по една, да се промовираат неколку нови записи од првиот албум кои се веќе во завршна фаза, а со намера да ги заменат сите оние изгужвани снимки кои можат да се најдат на интернет, да се промовира вистинскиот звук на Телонаука. Паралелно работиме и на нов материал кој, се надеваме дека веќе на следниот настап ќе има своја промоција, но и на материјалот од неиздадениот втор албум кој поради очајниот квалитет на снимките не доживеа свое издавање. Накратко, работиме на материал за концертен настап.

Новата постава брои два стари и тројца нови членови. Што е со стариот состав на Телонаука Совршена и од каде идејата звукот да се збогати со тромбон?
Како што кажав, почетокот на третата Телонаука (ТЕЛОНОВА) е пред една година. Тогаш имавме обид да се обидеме да функционираме на релација Струга-Скопје, бидејќи останатите ченови живеат и работат во Скопје, но се испостави дека тоа не функционира и поради тоа имавме застој од неколку месеци, за на крај да се одлучиме да побараме нови луѓе кои што би можеле да одговорат на потребите, па така, покрај Ненад и Јован налетавме и на Никола, кој без сомнение донесе многу свежина во звукот на Телонаука.

Кадис, Шејка, Медијала, византиско пеење, христијанска симболика. Дали Телонаука Совршена ќе продолжи по зацртаниот пат и ќе продолжи со третманот на метафизички теми во својата лирика или можеби се планира нешто друго и во таа насока? Што знаат 23 години и како евентуално истите се одразуваат на филозофијата и концепцијата на бендот? Откриј ни како ќе изгледа второто откровение на Телонаука Совршена.
Би рекол дека е сепак трето откровение. Секако дека покрај коренот што го носиме кој со себе носи и свои траги, носиме и години на зреење, кои пак концептуално влијаат на односот кон самата идеја да создаваш аудио визија за нешто што извира одвнатре, а оттука е и копнежот да се тежнее кон еден концептуално позрел израз.

 

Кога денот немаше име
режија: Теона Стругар Митевска

10.10.2017

Изминативе денови се крена многу врева и прав околу новото остварување на Теона Митевска, „Кога денот немаше име“. Како фино маркетиншко надоврзување на фокусот врз ...

Истребувач 2049 | Blade runner 2049
режија: Denis Villeneuve

07.10.2017

Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на ...