Кога почнуваш да го разбираш светот сфаќаш дека си аутсајдер

интервју со Shabazz Palaces

[ ]

Предконцертно интервју со Shabazz Palaces на Cinedays во Скопје – сиетлското експериментално хип-хоп дуо открива нешто повеќе за себе, за својата музика, ставовите и гледиштата околу трендовите во хип-хоп индустријата. Упатувајќи се кон бекстејџот во предконцертно и еуфорично расположение, прво налетав на Ishmael “Butterfly” Butler, поранешен член на легендарното хип-хоп трио Digable Planets и зачетник на дуото Shabazz Palaces, кој темпирано нè осветли со својата холивудска насмевка на терасата во МКЦ.

ibb


Добровечер, како ти се допаѓа Скопје, дали дишеш нормално, како би го споредил со Сиетл?

Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Ова ни е прво доаѓање во Скопје, само малку успеавме да ѕирнеме низ градот бидејќи сме тука само два нецели дена, но она што успеавме да го видиме со побратимот Тендај е фино. Немавме баш време да сме на отворено, па не ја приметивме толку загаденоста во градот, но Сиетл е тотално друга приказна, многу дрва и шуми, океан, езера и реки, така да воздухот ни е топ. Но сепак, Скопје е добро место и би сакал да се вратам повторно.

Ок, но ајде да прејдеме на посеризните прашања за вечерашново интервју, зошто и од каде дојде идејата да и пристапите на сцената анонимно, кога за првпат започнавте да функционирате како експериментално хип-хоп дуо? Дали на ум ја имавте филозофијата дека со тоа ќе оставите впечаток дека ја вреднувате уметноста повеќе од артистот т.е името кое стои позади самото дело?
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Разбирам што сакаш да поентираш, но за мене беше поинаку, бидејќи пред оформувањето на Shabazz Palaces јас бев член на Digable Planets и не сакав луѓето да ја слушаат и перцепираат новата музика која ја создавав, а притоа да ги имаат Digable Planets на ум. Навистина, ми беше потребен начин, музиката на Shabazz Palaces да ги претстави моите нови размислувања и ставови без да се врзува за моето минато кaко артист.

Дали ви изгледаше како храбра одлука, да се пристапи анонимно на сцената при самиот зачеток на Shabazz Palaces? 
Тендаи „Баба“ Марер: Очигледно ние сме храбри, но мислам дека храброста е дел од шоуто. Мислам дека секој артист треба да го прави она што му прилега, но мислам дека делот поврзан со анонимноста се навраќа на имање свеж старт, не оставајќи ги луѓето да глават во минатото, затоа што очекувањaта кои се продукт на социјалните медиуми и нивната пропаганда често ги наведуваат на погрешни заклучоци. Дури и кога одам дома во Зимбабве луѓето ќе ме прашаат на што работам и ќе им покажам, па веднаш потоа ќе ме запрашаат „А зарем веќе не се бавиш со перкусии?“ Тогаш им кажувам „Не значи ако правам рап дека не можам да се бавам со перкусии кога сум мулти-инструменталист“. Но, сè што сакам да објаснам е дека човек не сака да е суден според своето минато, не во некој негативен контекст, но не сака да креира никакви лажни очекувања кај луѓето.

Дали воопшто имавте претстава дека ќе потпишете за дискографската куќа Sub Pop и ќе го издадите Black Up во 2011 и што претпоставувате дека беше резонот Sub Pop, кој е познат по популаризацијата на гранџот во доцните 80-ти, да ве потпише токму вас како експериментален хип-хоп состав, не ви беше малку чудно?
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Не, воошто немавме никаква претстава, едноставно испадна така. Sub Pop е лоциран во градот во кој живееме и имавме менаџер со кој работевме во тоа време, тој беше поврзан со куќата и знаеше доста луѓе оттаму на кои им се допадна нашaта музика. Беше чудно, но сепак не до толку чудно. Знаеш, сè расте и се развива, тие почувствуваа дека треба нешто различно, па наместо само дотогашната тенденција да се фокусираат на еден тип на музика, иако тоа не беше баш така, едноставно тоа беше типот на музика во која беа добри во тоа време. Но тогаш рекоа – „Човече, па нас ни треба музика која ја репрезентира идеологијата на Sub Pop. Не, не мора да има ништо заедничко со звукот, но мора да има заедничко со пристапот кон музиката и бизнисот“. Ние како состав го делиме тоа размислување со нив, исто како да си нашол заеднички јазик со пријател.

Досега сте сметани за еден од најневообичаените и најекспресивните рап состави на денешницата во Америка. Земајќи го предвид тамошното општеството, политиките на моменталната гарнитура во САД и она што го работите дали се чувстувате како аутсајдери?
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Пред да го земеме сево ова во предвид, би напoменал дека ние бевме родени црни, да се биде аутсајдер за нас не е чувство туку колективен идентитет, ние сме аутсајдери. Кога почнуваш да го разбираш светот сфаќаш дека си аутсајдер, отсекогаш сме се чувствувале така. Америка сака да се чувствуваме така и токму тоа и е потребно.

Која е разликата да се биде изведувач и да се настапува со Shabazz Palaces споредено со Digable Planets?
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Хмм, која е разликата… тоа му доаѓа како да погледнеш во фотографија од себе од пред 20 години кога си одел по забави и да го видиш изгледот на косата, начинот на облекување и целиот фазон, си мислел дека е тоа закон тогаш, знаеш… но го има и сега тоа кај мене, па имаш носталгија, помешана со некое ново чувство исто така. Shabazz Palaces е доста поинаква приказна, да не речам многу поинаква од таа во девеесеттите.

Ако зборуваме хипотетички, кои би биле артистите со кои би соработувале како дуо и би сакале да снимите албум, но за жал, не се меѓу живите? Дали први на листата би се нашле Gil Scott Heron и Fela Kuti ?
Тендаи „Баба“ Марер: Оууу, има доста артисти, но овие двајца дефинитивно би биле луѓе со кои би сакале да соработуваме.
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Работиш со оној со кој си вообичаено заедно. Овој нов фазон од типот на „Оууу, ми се допаѓа типов, одам да уснимам трака со него“ Од каде тоа? Не го знаеш, не ти е пријател, не знаеш ништо за него. Одиш да правиш музика, музиката е интимна работа, знаеш, коплицирано е да се создаде нешто сјајно само затоа што сте се нашле со некој да висите заедно во студио. Луѓе кои се заедно со години можат да ги прават работите природно, што е доста различно да соработуваш со некој што го знаеш од вчера. Да, точно, им се восхитуваш на овие луѓе, но само поради тоа што ти се допаѓаат и им се допаѓаш не значи дека ќе можеш да работиш со нив.

Дали ти како артист и изведувач Батерфлај, кој имал можност да работи и твори во периодот на златната ера на хип хопот во деведесеттите, ја сметаш трап музиката како закана за вистинската рап музика, или само како моментална закана кој ќе ја снема за кратко време?
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Не ја сметам трап музиката за закана воопшто, бидејќи трап музиката е создадена од истата срж, истиот материјал, истата борба, истата болка, истата радост, истата имагинација. Без рап музиката т.е. осумдесеттите и деведесеттите, трап музиката никогаш немаше да биде измислена. И исто така, трап музиката и најголемиот дел од уметноста е резултат на општеството, па така трапот е всушност резултат на материјализмот, индивидуализмот и мизогинијата, сево ова е поради тоа што го претставува Америка, па му доаѓа како експресија на тоа, но е прекрасно. Секако, постарите луѓе ќе гледаат на тоа како шунд, но кога ние правевме музика во деведесетите луѓето велеа рап музиката нема да истрае, ќе изумре. Беше гледано на неа како на некој моментален тренд кој нема да трае долго. Но, она со што луѓето одбиваат да се соочат, кога го толкуваат трапот како неиздржан жанр, забораваат дека рапот поминуваше низ истото во текот на деведесеттите. Златната ера се сметаше за ѓубре од музичарите, да, верувајте ми… „Што програмирате перкусии на ритам машини, не се зезајте, одете и најдете си тапанар, свирете музика…“, тоа беше она што го мислеа за нас. Не треба да гледаме на новите работи како да се лоши или безвезни, само треба да ги разбереме без притоа да судиме.

Во вашата трака 30 Clip Extension постои големо разграничување помеѓу тоа што е всушност вашиот омилен рапер и „нивниот омилен рапер“, фраза која преносно ја користите да го опишете архетипот на рапер кого широките маси го обожаваат. Што мислите за целите на помладите генерации рапери во индустријата генерално, дали им фали ентузијазмот, критицизмот и поривот да станат созреани емси-ја и да дадат нешто ново и вредно за сцената, како во времето на Public Enemy или не ги интересира ништо друго освен да бидат во центарот на вниманието?
Ишмаел „Батерфлај“ Батлер: Сфаќам, но музиката е само мал дел од мозаикот наречен Америка. Дали мислиш дека Америка сака да биде центар на вниманието во светот? Нормално дека одговорот е да, па и секој продукт кој е создаден во Америка ја има истата цел. Музиката не се создава сама ниту одлучува сама за себе, општеството е тоа кое ја создава нејзината експресија. Така да, канцерот или проблемот доаѓа како резултат на американската култура од врвот на хиерархијата и раководството сè до индивидуалецот. И не можеме да ја посочиме вината само кај изведувачите кои доаѓаат на сцената сега, бидејќи тие не се ништо друго освен продукт на машината во која живеат. Но да, навистина, се чини како да нема вредности, како да нема сушност, како да нема ништо. Но, во Америка, другар, нас не нè боли за ништо друго освен за пари и тоа за жал ќе биде така сè додека не се случи некаков си пресврт во нашето општество.

 

23.11.2018

Средновековното превирање на Словенските народи во седмиот и осмиот век веројатно криело многу приказни и легенди каде се преточувала судбината на многу великодостојници. Пребонд, старешината ...

Го окупирав Wall Street во 84-та
интервју со Lydia Lunch

22.11.2018

фотографии: Зден   Здраво Лидија, фантастично е да те имаме во Скопје, некои од нас го чекаа ова со години. Ја обожавам твојата работа и ...