Мис Слобода е излив на фрустрации, тага и надеж

Интервју со Телемама

[ ]

Во месец јуни во издание на Ако никој не свири се појави Мис Слобода, албумот првенец на Драгана Заревска, девојката која се потпишува како Телемама. Доволна причина да поразговараме со неа за нејзините инспирации да направи албум во домашни услови, но и за некои други нешта.

 

Фотографии: Љубица Манасиева и Тања Јакимовска

Telemama
Зошто Телемама? Поврзано е со ТВ или?
Многу ми се допаѓаше тоа зборче. Искрено, не мислев дека ќе се бавам сериозно со музика па затоа се ставив под псевдоним. Телемама… па затоа што во рамки на две години останав и без мајка и станав мајка. Префиксот е за мајка-машина или мајка на даљинско. Иако после видов на Гугл дека под тоа име постои некој руски кабелски оператор како и некој шпански социјален проект кој овозможува да се изнајми мајка ако вистинската мајка не може поради разни причини да се грижи за детето. И сето тоа е телемама. Сигурно и други работи би можеле да бидат телемама. Како и да е, мојот родителски и музичарски идентитет хронолошки – се поклопија.

Пред 3 месеци излезе твојот албум првенец Мис Слобода. Кои се твоите први впечатоци? Дали си задоволна и каква е реакцијата на публиката?
Да, има феноменални реакции, воопшто не ги очекував во ваков формат и димензија. Албумов го направив во тераписки цели, за себе, како документ на последните неколку години. Почнав да свирам пред две години, мојот сопруг е тој што дома повеќе се бави со музика, ми купи укулеле и така почна приказната. Сакав нешто ново да направам за себе. Си реков „ќе полниш 30 години направи нешто!“. Немам некои гранде цели да станам виртуоз за свирење. Текстовите, односно вокалот и лириката се мојата силна страна. На луѓето им се бендисува тоа што е на македонски. Другарки ми велат “Ти си за мене женски Архангел”, хаха, “скромно”, нели?. Сé уште не ме привлекува идејата да пишувам на англиски, сакам да се помачам уште малку на македонски. Веројатно и следниот албум ќе си го испеам на македонски. Можеби и тие потоа.

Зошто Мис слобода?
Епаaaa, од мaка. Дали некој не сака поголема слобода во општеството во кое живееме? Знам дека идеална држава не постои, немам такви илузии, ама дека јажето овдека ни е стегнато до помодрување, во последните години – тоа е факт. Значи гушење во најпоетска смисла 24/7. И така како изблик на фрустрација и тага, но можеби и како надеж испроектирана дека во некоја блиска иднина малку ќе се разлабават работиве. Иако штетите на секој план, посебно во културата, се веќе направени.

Дали е тешко да се издаде албум кај нас?
Не знам како било претходно, но денес технологијата го помага процесот на издавање. Но, и покрај тоа требаат пари за да се направат работите како што треба. Мислам, да се плати мастеринг, хонорари за сите кои се вклучени во издавањето итн. Сега, „Ако никој не свири“ сами ги покрија сите трошоци. Јас на пример сакав да го издадам и на плоча ама ќе остане за во иднина. Оваа издание беше пријателски направено и во него најмногу помогнаа Ѓорѓи Јаневски и Ненад Тонкин кој го правеше мастерингот. Љубица Манасиева направи прекрасно видео за “Вале Терешкова”. Албумот се снимаше во домашни услови па се приметува машина како пере, мачки како мјаукаат. Ама во тоа луѓе му го наоѓаат шармот. Скроз е прљав и домашен, и мене тоа ми прави ќеиф.

Веќе спомна како си почнала да се бавиш со музика, но сакам да те прашам зошто создаваш музика?
Мислам дека кај нас до извесна мера е табу да се бавиш со различни работи паралелно – јас сум визуелна уметница која се бави со перформанс иако образованието ми е филмска режија, а магистратурата сосема друго. Скокањето од еден во друг професионален жанр се смета како извољевање, како да не знаеш што сакаш. Во други контексти сум забележала како тоа се вреднува, па дури и стимулира. Особено во бизнис средините во развиените земји – пожелно е да се “движиш” интердисциплинарно што е можно повеќе и поактивно. Дипломирав филмска режија во Софија, а потоа почнав да се бавам со визуелна уметност, поточно со перформанси, и еве на крај завршив со музика. Мислам со перформанс и музика да се бавам до крајот на животот. А музиката ме интересирала уште од средно кога ме примети професорката по музичко и ме спремаше, т.е инсистираше да се запишам на Музичка академија. Таа беше убедена дека јас ќе станам егзотика во светот на операта, затоа што во светот немало многу сопрани од метар и педесет. Во перформансите кои сега ги спремам се обидувам да внесам повеќе музика.

Дали е битно образованието за да се бавиш со некоја уметност?
Мислам не. Јас просвирев и издадов албум кон својата 30-та, мислам дека воопшто не е битно што имаш завршено. Најбитно е тоа што ти сакаш да се занимаваш и самиот да си го земеш како образование од светот. Растев со илузијата дека никогаш нема да се бавам со музика затоа што не сум завршила музичко школо. Дома имам книга од типот “Пиано за почетници” кој ја напишал човек кој на педесет и нешто години почнал да учи да свири пијано. Сега ја читам и ми се случува магија. Тврдам дека без оглед на образованието и годините, секој може да се бави со музика. А во врска со интердисциплинарното работење и живеење, да ги охрабрам другите ако се колебаат – Нури Билге Чејлан секоја година “собира” палми во Кан, а не студирал режија, Ксавиер Лероа, еден од револуционерите на современиот танц и перформанс, е доктор по молекуларна биологија, а еден мој другар од Софија е програмер којшто повеќе сака да се бави со домашно производство на сирење. Ете.

Ајде да се вратиме на албумов. Имам чуство дека инспирацијата за повеќето од текстовите ја наоѓаш во актуелните настани во нашата земја. Повеќето од песните се бават со актуелни теми, како студентска на пример. Те погодува ли ова што се случува во Македонија?
Многу ме погодува и мислам дека секогаш ќе ме погодува. И на Аљаска сега да отидам, знам дека секој ден ќе отворам на интернет вести од земјава за да проверам што се случува. Јас ја разбирам срединава како една проширена фамилија и да имаше малку повеќе меѓусебна почит немаше да дојде до ова што се случува денес. Тука луѓето не се толерантни, не се трпат меѓусебе. Во другиве земји, Германија, Шведска итн, постои таа една техничка почит на едни кон други и мислам дека тоа е многу потребно за да функционираат работите. Дали понатаму тие ќе се зближуваат на некое друго ниво е веќе друго прашање, и не е ни битно, но онаа почетна, сосема техничка почит е нешто што нам ни фали. Во оваа насока -“Студентска” ја напишав за 15 минути. На телефон ја испеав. Секоја чест на студентите – го направија тоа што никој претходно не го има направено кај нас. Почестена сум да живеам во нивното време.

Една од песните е посветена на Валентина Терешкова. Исто така настапи на Фестивалот Прво па женско. Дали Телемама е феминистка?
Секако. А инаку за Валентина… кога ја пишував „Вале Терешкова” не знаев дека вистинската Валентина Терешкова пред да стане космонаутка работела како текстилна работничка. Мојава Вале е обична девојка која не добила шанса да стане космонаутка, иако заслужува. И денес многу наши девојки, без оглед на тоа дали се талентирани за уметност, математика итн. единствената можност за работа ја имаат само како шивачки, особено во источна Македонија. Бев сведок на тоа бидејќи пораснав во Кратово – имав соученички математичарки, атлетичарки, инженерки, кои немаа инфраструктура и поддршка да се доразвијат и сега работат како текстилни работнички. Целиот албум е фабрика и вселена (и сé помеѓу), бидејќи и мајка ми еден период од моето детство работеше како текстилна работничка. Мене тој живот ми е познат. Секогаш кога фрлам пари за алишта низ продавници, ми текнува на неа, и ми се гади од себе кога преплаќам нешто, а некоја жена негде на друго место – земала само трошка од тие пари работејќи во три смени. Постојано имам чувство дека така нешто и одземам на мајка ми. А не знам што.

Има ли доволно жени на музичката сцена кај нас?
Мислам дека не, исто како што нема и доволно луѓе кои се бават со музика. Многу луѓе се селат од државава, па секој ден ми се жалат пријатели од бендови дека не можат да функционираат нормално, дека не можат да најдат нов член на бенд, или техничко лице за некаков тип на поддршка. Инаку фалат повеќе жени и мислам дека еден од факторите зошто доста луѓе ги радуваше мојата појава на сцената е поради тоа дека сум жена.

Лазаре е љубовна песна или?
Не, „Лазаре” е песна за мојот најдобар другар кој почина од канцер во 2011. Последниве години беа прилично интензивни за мене. Прво, почина тој, па јас се омажив, станав мајка, па мајка ми почина. Како зипуван фајл од силни лоши и добри чувства беа последниве години кои беа навистина тешки за носење. Мислам дека во албумот е сумирано.

Ја обработи и Песна за песот од Ласт Експедишн.
Да. Сакав да обработам некоја македонска песна. Прво мислев да ја ставам обработката „Ти си сам“ од Royal Albert Hall која ја свирев на промоцијата на компилацијата “Некои девојки”, но се решив за нова обработка и се одлучив за Песна за песот. Ми се допаѓа, оригиналната верзија е ептен ударна, интензивна. Прво ја уснимив на електрична гитара на мини Маршал појачало, баш мини – 10 на 10 на 4 сантиметри), но на промоцијата со Дарко ја свиревме со гитара и бенџо и испадна folky. Игрива.

Telemama na Desonanz - fotografija Tanja Jakimovska

Постои ли можност да формираш бенд или подобро ти е во соло варијанта?
Планирам да вклучам некои други инструменти, чувствувам како понекогаш очајно ми фали бит и други слоеви на звук. Го терам маж ми да се вклучи со гитара, кахон, или со што сака. Мислам дека е полесно да работиш со некој кој ти е дома отколку со некои други да се договараш за проби, што мене ми е тоа извесен проблем во логистичка смисла затоа што имам дете. Сакам да се вклучи бидејки тој има прекрасна музичка фантазија. Срцето му е на музичар.

За кој бенд или автор/ка би дала 100 евра за влезница за нивен концерт?
За Дејвид Боуви, нормално. Којзнае дали ќе имам можност да го гледам. Ликовите од неговите песни ме натераа да ја провлечам Мис Слобода како карактер кој се повторува во повеќе песни од албумот. А влијанијата во смисла на звук (па и графичко решение за омотот) беа повеќе од Даниел Џонстон. Го обожавам тоа возрасно дете, ми се чини дека носи голема тага во себе, и секогаш ми иде да го гушнам кога го слушам.

Кој бенд би сакала да дојде во Скопје за да го гледаш?
Ibeyi. Две сестри од Париз со кубанско потекло, нови на сцената, вметнуваат доста афричко етно пеење. Многу ми се инспиративни.

И за крај, што планираш за иднина?
Во моментов со Дарко Тасевски работиме на нова тема, чиј работен наслов е “Примерна граѓанка на вселената”. Планираме да ја направиме во shoogaze варијанта, но минималистички некаков shoogaze – само со гитара и вокал. Имам и други материјали, работиме нешто и со Пиколомини, а пишувам паралелно и сама. Фантазирам втор албум. Промовирам нов перформанс со Јасна Димитровска на фестивалот „Mesto žensk“ во Љубљана во октомври. Го чекам со радост третиот роденден на син ми за некоја недела.

 

Ако немаш фетиш кон винилот, подобро не започнувај
24 прашања за Тошо Филиповски / АП(о)ТЕКА

20.04.2017

Продавниците за плочи отсекогаш биле храмови на музиката, кажал некој и не згрешил во тврдењето кое во новиот милениум беше сериозно загрозено со појавата на дигиталните ...

Julie London
Yammy, Yammy, Yammy

12.04.2017

Од музичкиот дневник на Ѕвеки   Џули Лондон (Julie London 1926 – 2000) е македонска пејачка! Ова, по некаков асоцијативен пат, морав да го помислам ...