Jackson C. Frank

Jackson C. Frank

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

 

Трагичната приказна на заборавениот генијалец

 

 

Се сеќавам дека кога првпат ја слушнав неговата изведба на „Blues Run the Game“, помислив: „Уф, богати, па ова е подобро од оригиналот“. Дотогаш, како што момците од мојата генерација собираа сликички за албумот на „Панини“ за Светското првенство во фудбал во Минхен 1974 година, јас собирав сé што можев да најдам од и за Сајмон и Гарфанкел. Да, „Blues Run the Game“ беше нивна песна! Можев да се обложам во тоа. За среќа, на странските радио музички емисии што тогаш ги фаќавме на средни бранови (се сеќава ли некој дека радиото, меѓу другото, работи и на средни и на долги бранови), а кои имаа заеднички наслов „Радио Луксембург“, без оглед кое радио навистина го слушавме, водителите (диск-џокеите) имаа еден чуден обичај да ја најават и одјават секоја песна, како и нејзиниот интерпретатор. Тогаш за првпат го слушнав тоа име: Џексон Си Френк.

 

 

Џексон Френк (Jackson C. Frank 1943 – 1999), јасно, е еден од највлијателните музичари на втората половина на минатиот век. Освен Сајмон и Гарфанкел, неговата веројатно најпозната песна „Blues Run the Game“ ја отпеаја Берт Јанч, Сенди Дени, па дури и проколнатиот Ник Дрејк. Меѓу другите, се разбира. За разлика од неговиот добар пријател Пол Сајмон, кој го продуцираше единствениот албум на Френк („Jackson C. Frank“, Columbia, 1965), Френк не само што не доживеа слава, туку умре како бескуќник и без цент во џебот. За разлика, пак, од неговиот пандан Ник Дрејк, кој успеа во својот кус 26-годишен живот да сними три албуми (неодамна беше одбележена 40-годишнината од неговата смрт), Френк за целиот свој живот го сними само тој еден и по сите критериуми навистина единствен албум. Многумина, без оглед на квантитетот на нивната дискографија, тоа никогаш не го направија.

JCF

И навистина, човек навистина не знае која песна од десетте застапени на албумот да ја одвои. Најпопуларна, покрај споменатата „Blues Run the Game“, која ја отвора плочата, секако е „Milk and Honey“, која, пак, ја отвора Бе-страната. На авторот на овие редови омилени му беа „Kimbie“ и „Yellow Walls“ од А-страната, како и „Dialogue (I Want to Be Alone)“ и „You Never Wanted Me“ од Бе-страната. Всушност сите. Полниот глас, навидум лесното и едноставно свирење на акустичната гитара, рефрените поставени на невообичаени места, сензитивноста на изразот… сето тоа кај слушателот предизвикува цел кластер емоции помешани со необјаснива возбуда. Секако и очекувања да види каде ќе го однесе овој невообичаен пат на Френк.

Но, вториот албум никогаш не стигна. Човекот што го следеа несреќи од самото детство (настрадан во пожар во училиште, предизвикан од експлозија од која гинат неколку негови сооученици), неснаодлив во љубовта, атипичен и повлечен битник, скитник без да го најде своето место – „Бафало (неговиот роден град) е добро место да се напушти“… се само делови од мозаикот што го тераше и го спречуваше да ја прави својата музика. Сепак, смртта на неговиот син е она што дефинитивно ќе го однесе во клиничка депресија и лудило, до распаѓање на семејството и до целосна безнадежност. Последните години ги минува во Њујорк, надевајќи се дека неговиот пријател од лондонските денови, Пол Сајмон, ќе може да му помогне. Но, не му помага. Живее како бездомник, а едно дете, играјќи се со бездомникот, со воздушна пушка, случајно го ослепува на едно око. Извесен негов фан од Вудсток (каде што неколку години живееше Френк) го пронаоѓа и го прибира. Го мотивира да продолжи да компонира и така настануваат неколку песни на тој незавршен втор албум, посупериорни и попродорни од оние од првиот, барем колку што е тоа можно.

„Marlene“, „Mercy’s Song“, „Relations“, „October“, „Child Fixin’ to Die“… се песни отпеани со есенска тага, со глас преполн мака и алкохол, со чудни хармонии и со невообичаен звук на акустичната гитара. Кога би помислил како би изгледало кога Чарли Паркер би свирел фолк, па така некако. Често кога го слушам Френк, особено песните настанати по објавувањето на легендарниот албум, во мислите го заменувам неговиот глас со звук на саксофон. И да, тоа е тоа.

Годинава на винил е преиздаден албумот „Jackson C. Frank“. Искрено, не знам дали оваа вест повеќе ме израдува или ме растажи. Дојде, имено, време, некој да заработува на трудот и талентот на заборавениот Френк, кој умре како бескуќник, инвалид и без цент во џебот.

 

Мицајков & Flooder | Nuttin But Moodymann Magic

14.03.2017

How Do U Get 2 Detroit Tribute It’s 2 Late 4 U And Me Mahogany Brown Shine Sunday Morning Forevernevermore Music People Rick Wilhite – ...

14.03.2017

Новиот албум на американската џез пејачка Стејси Кент (Stacey Kent) „What the World Need Now is Love“ (Candid, 2016) можеби ќе ги разочара нејзините почитувачи. ...