Милениумот дојде и “Сега што“?

кон „Ангели во Америка: Милениумот доаѓа (прв дел)“ од Тони Кушнер

[ ]

Национален театар од Лондон
Режија: Мариан Елиот
Главни улоги: Ендрју Гарфилд, Расел Тоуви, Нејтан Лејн, Дениз Гау, Хана Пит, Џејмс МекЕрдл, Нејтан Стјуарт-Џарет, Стјуарт Енџел, Клер Ламберт, Аманда Лоренс, Беки Немгодс, Стен Вест и Луис Вилкинс

 

Размислувајќи од каде би почнал со оваа рецензија во еден миг еве точно пред лаптопот ми се наметнаа неколку премолчани релации кои во оваа пиеса стануваат дел од длабока урбано-митолошка анализа на геј движењето. Тоа се релациите на Шерлок Холмс и Доктор Вотсон, на Дон Жуан со Зганарел, на Хамлет со Хорацио, на Оргон со Тартиф и на многу машки ликови чии пренагласени наклоности само во најсокриените наши претпоставки стануваат претесна претпоставка за таа да биде обелоденета и докажана како таква. Она што до доаѓањето на новиот милениум се окарактеризираше со “gay”, “queer”, “homosexual” (медицинска интерпретација) како некаква погрдна или понижувачка номенклатура, во новиот век тоа се надополни со нова епистемолошка и општествена реалност како што е ЛГБТ популација, како што е диверзивната перформативна варијанта наречена “pride” која е лакмус хартија за секоја современа урбана средина, како и со регулирана легислатива која дозволува еднополови бракови во кои веќе на големо се издигнуваат нови семејни наследници.

ava1© Helen Maybanks

Би сакал веднаш на почетокот да се разбереме за тоа дека горесоменатите термини звучеле понижувачки само заради контекстот во кој биле употребувани затоа што “fagot”, “pussy” и нашите „педери“, „буљаши“ и слично имаат многу позастрашувачки ефект кој во некои муслимански земји завршуваат со фрлање од зграда или бестијални убиства. Она што во на почетокот споменатите навидум бесмислени релации (кои кога убаво ќе навлезете меѓу редовите од текстуалната маса барем ќе го претпоставите истото) е сокриено и потиснато под приоритетните наративни тенденции во пиесата на Тони Кушнер е главен проблем кој е мајсторски анализиран. Појавата на AIDS-от, отворените (Луис и Прајор) и сокриените хомосексуални релации (Рој Кон и Џо Пит) реализирани и нереализирани во ова бесмртно дело, Кушнер ја отвора демонската амбивалентност на човечката популација на земјата. Велам – демонска, затоа што амбивалентноста кога ескалира неизбежно раскршува длабоко востановени и општествено прикладни инстиуции и констелации како што е бракот и ги потенцира варијантите на интимни корелации меѓу двата пола: машкиот и женскиот. Овие цивилизациски интервенции се болни и во интимна и во социјална смисла и бараат декади за да се разберат и сеопшто да се прифатат. Тоа и го констатира Кушнер наметнувајќи ни ја својата пиеса како геј „фантазија“ токму за да ни реплицира со театарски јазик. И покрај тоа што некои би нашле дека релациите меѓу ликовите имаат извесни сегрегациски компоненти (Белизе е црн актер во сите поставени варијанти на овој текст) „Ангели во Америка“, текст кој има два дела и во интегрална верзија би траел добри осум часа се занимава исклучиво со универзалните импликации на хомосексуалноста, со виралните последици од неа, но и со политичките консеквенци особено добро зачинети со јудаизмот кој е присутен во скоро сите негови пиеси. Во латентниот хомосексуализам, неговата скриена варијанта, како и политичката репликативност на Рој Кон кој како Републиканец е еден од најгласните прогонувачи на Етел Розенберг и нејзиниот маж во фамозната афера со шпионажата насочена кон тогашна СССР се крие една исклучително несреќна урбана митологија во која жртви се сите протагонисти: и Прајор Волтер кој е медицинска жртва на СИДАТА (болест за која прилично бесправно ја нарекуваат чума на дваесет и првиот век), и Луис Ајронсон кој не може да ја поднесе својата осаменост, и Џо Пит,млад и перспективен адвокат кој го одбива интимниот предлог на влијателниот судија Рој Кон (во телевизиската верзија на Мајк Николс извонредно го толкуваше Ал Пачино) и во налет на недоумица првата личност на која ќе и ја признае хомосексуалноста ќе биде неговата мајка, и осамената Харпер Пит, споругата на младиот Џо Пит која својот недостаток од љубов го лечи во дијалози со Белизе, замислен лик како олицетворение на оној живот на изобилство, фигура за која Кушнер веројатно мислел дека е неопходна затоа што на сите овие осамени карактери им треба она што за жал за кратко време ќе ни треба на сите нас – утеха.

Режискиот концепт на Мариан Елиот (британска режисерка која ги има тетарските награди Тони и Оливие наградата за режија) развива една психолошки длабоко детерминирана претстава која во трите протстори кои ротациски наговестуваат доста мудро интерферирање на ликовите. Имено, во трите генерално најприсутни простори (канцеларијата на Рој Кон), апартманот на Луис и Прајор и куќата на Џо Пит истовремено се случуваат сите дејствија во оваа приказна со исклучок на оние во лекарската ординација и екстериерите (Централ парк и сцената на доаѓањето на макатата на Џо Пит во Њујорк). На тој начин ги гледаме ликовите како живеат и после сцената која се случува во дејствието на самата пиеса и тоа е , би рекол одлична интервенција на режисерката. Оваа е прилично раскошна продукција на Националниот театар од Лондон така што не оскудева и со сјајни ефекти како што е пламнувањето на Талмудот и спектакуларната појава на ангелот на крајот од пиесата кој заедно со ангелите кои се провлекуваат во низа епизодни ликови без текст придонесуваат за морничавата и фантазмагорична атмосфера во претставата. И покрај тоа што оваа претстава има прилично обилен тајминг (четири часа со две паузи) сепак дејствието е доста динамично и што е најважно тоа е одлично одиграно.

ava3

Ендрју Гарфилд ликот на Прајот Волтер го води во најголем дел емотивно. Тој лик е така и напишан, но за разлика од Џастин Кирк во телевизиската варијанта на Мајк Николс, Гарфилд многу умно успева да ги потенцира и циничните пасажи на ликот. Тоа е особено потенцирано во сцените со медицинската сестра и со последните сцени со Луис Ајронсон после неговото разочарување. Овој веќе славен млад актер има огромен емотивен дијапазон и улогата ја игра многу посветено и што е најважно не е пренагласен во емотивните сцени. Доминантен во психолишкото структуирање на ликот, овој Прајор Волтер на Едрју Гарфилд не навлегува во дегутантното нагласување на феминистичките прерогативи на овие ликови иако тие компоненти ги имаат и ликовите на Луис Ајронсон и ликот на Белизе. Џејмс МекЕрдл како Луис Ајронсон ја носи онаа патетичната нитка на ова симболистичко драмско пространство. Избегнувајќи го она најопасното во релацијата со својот партнер тој паѓа во тешки депресивни моменти кои овој надарен актер успева добро да ги избалансира. Неговата патетика ја има во разумна количина така што МекБердл успева наспроти актерските бездни кој овој лик ги носи заради големата дескриптивност во текстуалната маса да изгради една рационална личност со повремени изблици на несигурност, еден сосема поинаков геј репрезент. Овде од особено значење е неговата сцена со Белиза кога се обидува да се оправда, но емоциите го надвладуваат.

Расел Тоуви е една од ѕвездите на овој театарски спектакл на Националниот театар од Лондон. Џозеф Пит, амбициозен адвокат со навидум стабилна брачна заедница започнува битка со својата сексуална амбивалентност. Неговите сцени, особено оние со Натан Лејн се исклучително набиени со емоција и се преекспресивни. Но, тоа не боде очи затоа што овој атрактивен млад актер успева многу паметно да ја одигра и онаа „машка“ страна, т.е. стабилната мачо смиреност на мажјак кој средбата со еден од геј ликовите му ја разбива на ситни парчиња. Овие амплитуди (особено сцената кога се конфронтира со судијата Рој Кон одбивајќи ја неговата понуда за работа во Вашингтон) се координатата на оваа многу импресивна ролја. Наспроти него тука е дефинитивната женка Харпер Пит, неговата сопруга која својата осаменост во бракот како емотивно и сексуално нереализирана млада жена која извонредно ја толкува младата Дениз Гау. Таа е најзрелиот женски карактер со длабоки сонди во емотивната партитура. Игра точно и инспирирано и што е најважно нејзиниот сенс ја држи координатата на влијанија на ликовите (таа е би рекол оној хоризонталниот дел).

Натан Лејн е исклучителен комичар со антологиски ликови во американскиот филм, но ликот на познатиот судија Рој Кон кој во драмската предлошка на Кушнер покрај скриениот хомосексуализам на грбот носи и гревови во врска со пресудувањето во големиот политички процес против Етел Розенберг и нејзиниот сопруг во тоа време обвинети за шпионажа против Амарика кон тогашна СССР. Оваа политичка димензија која го буди оној бунтовнички јудаизам кај Кушнер станува зачин кој говори за големиот црн талог во ликот на овој познат судија во Американското правно досие. Натан Лејн не може а да не ја зачини својата улога со својата комика типична само за него, но овојпат овде, во оваа интерпретација има и една доста истакната доза на анксиозност која на пример, во интерпретацијата на Ал Пачино во телевизиската верзија на „Ангели во Америка“ на ХБО во режија на Мајк Николс беше круцијална и би рекол (рака на срце) таа интерпретација беше далеку подобра од оваа на Натан Лејн.

Како што споменав погоре, Белизе секогаш е црн актер, иако тоа во текстот кај Кушнер не е прецизирано, но тоа е од огромна важност најмногу заради интернационализацијата на овој проблем. Имено, Белизе, како лик кој секогаш е рамо за плачење на сите напатени ликови во оваа пиеса, тој е еден вид на симбол кој од лично искуство би рекол дека е најтежок за играње. Рационализацијата како сублимат на сите дејствија во оваа пиеса е без остаток текстуалната маса на овој лик кој мислам дека одлично го одигрува Натан-Стјуарт Џарет. Млад, талентиран актер кој знае дека ненаметливоста најмногу останува во сеќавање. Оваа претстава конечно импонира со успешно дозирање на сите моменти од нејзината партитура. Белизе знае каде да ја истакне негивата насмевка, знае каде да прекори и знае каде да се радува. И тоа е точно, консеквентно и плодоносно во интерпретацијата на Џарет.

Хана Пит и другите помали ликови кои и Кушнер ги бележи како можна интенција во самиот кастинг ги толкува актерката Сузан Браун. Како постара артистка таа делува доста мудро и успева од овие повеќе ликови да направи еден, предупредувачки и традиционален, лик кој одговара на крикот на свеста во време кое е предвесник на современа Содома и Гомора. Атрактивните сцени повремено концептуално ги поддржуваат ангели кои своите кореографски делници во кореографија на Роби Греам ги изведуваат млади танчери доста атрактивно и тоа е една визуелна и пастелна рекреативност на претставата која мислам дека во ова концептуално патешествие е неопходна.

Сценографија на Јан МекНил и костимографијата на Ники Џилибранд само ја потенцираат ововременската околност и не излегуваат од тие рамки освен во сцените на ангелите и на Ангел на крајот од претставата. Мислам дека Мариан Елиот намерно не правела големи лупинзи со овој вид на визуелизација и тоа е мудар потег. Во таа насока подоминантна е музичката илустрација на Адријан Сатон и кога се во прашање акцентите тоа е доволно. Сè друго е работа на актерите и таа работатие си ја завршуваат на завидно ниво.

Оваа вонвременска сага која интимната амбивалентност ја подигнува на ниво на сосема поинакво и фундаментално поимање на сексот и сексуалните атрибути во Националниот театар во Лондон прозвучи многу херојски. После десет години од првото појавување на тогаш флагрантниот, а денес класичен текст на Тони Кушнер оваа геј фантазија има призвук на класика. И британскиот сензибилитет знае тоа да го цени и да го награди како исклучително уметничко дело.

 


 

12.10.2018

„Слугинки“ е една од најизведуваните пиеси во историјата на театарот. Напишана и изведена за првпат во 1947 година во Париз во режија на легендарниот Луј ...

01.10.2018

Јетон Келменди е поет кој првиот чекор во стихот го прави од стаменоста на молкот. Кога ја читаме неговата поезија имаме впечаток дека неговиот стиховен ...