Бура на столетието во пехарот на Просперо

кон „Бура“ на Вилијам Шекспир

[ ]

Кон „Бура“ на Вилијам Шекспир во продукција на Шекспировиот Кралски Театар во Лондон, во режија на Грегори Доран. Главни улоги: Сајмон Расел Бил, Џени Рејсфорд, Марк Квартли, Џејмс Такер, Том Тарнер.

 

И покрај тоа што има есенцијално бајковита драматургија, последната Шекспирива пиеса „Бура“ има исклучително политичка позадина. Шекспир и овде не се откажува од симбиоза на неколку приказни вешто склопени во една историја со цврста филзофска и историска провиниенција, како и од формалната петчинска структура на текстот. Трите приказни кои се испреплетуваат во маѓичниот остров на Просперо се посветени на љубовта, на лакомоста и на мистиката.

TT1 Topher McGrillis© Topher McGrillis

 

Политичката позадина е главниот мотив и двигателот на целата приказна во која љубовта за разлика од останатите дела на Шекспир придонесува оваа пиеса да заврши среќно. Интересно е тоа што овој текст има многу поставки и адаптации со различен аспект особено врз ликот на Просперо кој во филмската адаптација на Џули Тејмур беше одигран и од жена (Хелен Мирен). Лакомоста на братот кој со измама го одзел краството на Просперо и него го фрлил во изгнанство отвора еден политичко-мистичен простор на кој Шекспир сметал за време на креирањето на оваа пиеса. Претпоставувам дека тука се крие и оригиналноста во овој текст каде како и во „Сон на летната ноќ“ има многу фантазии, пеења и ритуали на разни нимфи и други митски суштества. Овој текст ја има таа уникатна симбиоза на политичка интрига дополнително заплеткана со мистика на бајка и како и другите текстови на Шекспир започнува многу динамично, токму со бура во која бродот на Алонзо по враќањето од Кларибелината венчавка се растура, но сите оние кои Просперо сака да останат живи, остануваат живи. Бурата ја предизвикува неговиот верен дух Ариел и оттука почнува целата сторија која има своја позадина во политичките превирања меѓу двајцата браќа, прамотив кој прави дополнителни перипетии. Шекспир како голем драматург убаво ги заплеткува ситуациите водејќи ја од една страна нишката на љубов меѓу синот на Алонсо, Фердинанд со ќерката на Просперо, а од друга страна една микро политичка перипетија меѓу него и чудовиштето Калибан кој е Просперов роб, но е зачнат од вештерката Сикоракс и самиот Сотона. Мистиката на овој остров на Медитеранот и маѓиите на Просперо придонесуваат митско-политичките интриги да се воздигнат на ниво на легенда која е навистина оригинална.

Верзијата на Грегори Доран не се откажува од ексклузивитетот на нимфите и на раскошниот митски предел, како и од музичките делници кои во претставата се навистина импозантни. Островот на Просперо во неговата концепција има облик на утроба на искршен брод заринкан на испукана земја, еден непристапен предел кој во себе крие многу интересен мизансцен. Претставата на Шекспировиот кралски театар се одвива над главите на публиката која седи од трите нејзини страни, а длабочината на сцената е посветена на ефектите и на спектакуларните појави на Ариел. И покрај тоа што во филозофска смисла во неговата режија нема некое големо поместување и се што се случува е во рамките на реалистичните толкувања, оваа претстава има своја спектакуларност и одлични актерски остварувања.

TT4 Topher McGrillis

Просперо на Сајмон Расел Бил не е стар маѓионичар од формат на Дамблдор со долга бела брада и страшен старечки изглед, туку тој е истоштен старец кого животот го фрлил на мистичен остров и го научил да се служи со тајните на маѓиите. Енергично крупно старче кое импонира со својата енергија и одлична гласовна кондиција. Овој Просперо е специфичен  и конечно, тој ја носи главната динамика во целата претстава. Миранда на Џени Рексфорд е сосема обична девојка која заборавила да се начешла и тоа и трае откако се родила. Но, таа не води грижа за тоа затоа што колку и да е бушава и несредена таа е преубава и тоа е најважно. Таквата раздрагана Миранда оваа актерка ја потенцира многу силно и тука е нејзиниот кец во ракавот. Многу допадлива улога вредна за споменување. Ариел на Марк Квартли е еден од ретките на кои навистина му веруваме дека е дух. Не заради тоа што го гледаме повремено неговоиот холограм во длабочината на сцената туку затоа што овој актер има една чудна длабочина во гласот и неговиот мизансцен е таков што помислуваме дека секој момент ќе летне. Затоа ефектите на Ариел кој полетува се многу спектакуларни. Флуиден млад актер кој исто така импонира со својата игра.

Пијаното друштво на Калибан е банда со груб хумор кој искрено многу понесува. Додека уринираат и се глупираат околу остатоците од бродот и пијат до бесвест тие се обидуваат да го симнат од власт Просперо, но секако тоа не им успева. Предводени од чудовиштето Калибан кој одлично го игра Џон Диксон тие прават многу инспиративна врева и делуваат како совршена рамнотежа на другите сегменти од претставата. Тринкуло е креација на Сајмон Триндер, а Стефано, смешниот кловнест глупак одлично го одигрува Џејмс Хејс.

На Миранда и импонира додворувањето на младиот Фердинанд кој во манир на анимираните принцови кај Дизни го одигрува Даниел Истон. Оваа двојка има за цел малку да не врати во еротичниот свет кој на крајот ја победува и омразата и лакомоста. Кога сме веќе кај лакомоста грамзивиот Алонзо многу сериозно го отелотворува Џејмс Такер, а во другите улоги настапуваат: Џонатан Бродбент, Метју Макферсон, Џејмс Мајдел и Том Тарнер. Во оваа верзија на „Бура“ особено се атрактивни сцените со нимфите чии музички делници извонредно ги пејат Ели Кондрон (Ајрис), Алисон Арноп, Лора Кернс и Сара Камила.

Она што воглавно најмногу импонира во оваа претстава е спектакуларноста која ја прават сјајната сценографија на Стивен Бримсон Луис, видеото на Фин Рос и компјутерските ефекти на „Имаџинариум Студиото“. Музиката и оперските арии се дело на композиторот Пол Инглишби, додека движењата се на корегорафката Луси Калингфорд.

„Бура“ на Шекспировиот Кралски Театар е своевидна синтеза на реалистичен и маѓичен театар чија спектакуларност не е примарна, но е неопходна. Иако, како што споменав погоре нема далечни поместувања во режискиот концепт оваа претстава вреди да се види само заради оригиналните ликови кои многу вдахновено ги играат овие талентирани актери. Публиката на многу наврати штедро им подари големи аплаузи.

 

 

Have you tried love for change?

04.06.2018

Тумороид… Што претставува тумороидот? Некаква надеж? Проекција на нечие тело во иднината или тоа е едноставно слеп патник што присуствува на скопска свадба? (забрането ми ...

Политиката како дијалог на глуви или лоши судбински проценки
кон „Брегот на Утопија“ Бродолом

04.06.2018

Кон вториот дел од трилогијата на Том Стопард „Брегот на Утопија“ (Бродолом); режија: Алексеј Бородин, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Нели Уварова, Алексеј Мјасников, Евгениј ...