Најдлабоко во мракот

кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој

[ ]

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград
Режија: Игор Вук Торбица
Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир Бандовиќ, Иван Ѓорѓевиќ, Небојша Љубичиќ

 

Една од најтемните пиеси на Толстој го носи токму името на мракот во својот наслов. Но, овој книжевен мудрец поставил и цитат пред да го напише дејствието – цитат од Евангелие по Матеј каде се вели дека „ако твоето десно око те соблазнува, ископај го и отфрли го од себе, затоа што е подобро да ти изгине еден од екстремитетите отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот“. Поднасловот на оваа пиеса е „Куќата од сламка изгорува.“ Во тешката и неподнослива традиционална приказна во која среброљупството се контекстуализира со брачната институција, Толстој некако пророчки внесол една вертикална Кафкијанска атмосфера која оваа претстава ја комплицира и инсинуантно и интуитивно. Инсинуантно, затоа што мракот во кој седиме ние како публика не вовлекува во длабочините на нашата сопствена алузија за тоа што е бракот, дали тој и во ова време треба да потекне од љубов или дефинитивно љубов водат само „кучињата“, а интуитивно затоа што опсценоста и страстноста како илузионистичка вијагра нè наведува да се засрамиме од сопствената латентна первертност, но само за миг. Претставата има епископална илузорност на која актерската моќ на неколку наврати и го крши ‘рбетот. На средината од сцената има крст покрај кој сите поминуваат и ја набрекнуваат таа илузија со хипокритична церебралност која е главна координата во сјајниот режиски концепт кој навистина нема да ве остави рамнодушни.

cm1

фотографии: Маријана Јанковиќ

 

 

Режисерот Игор Вук Торбица ја дефинира својата иконокластика во еден потег – мракот од тој мета-семеен конгломерат го одделува со стакло. Сите тие кои минуваат покрај своите страсти се влечат како пци рикајќи и делејќи ја својата судбина како последен залак на сосема други, кутри намерници кои се уште полоши од нив, а ѕиркаат низ тоа стакло како би не виделе нас во мракот, нас кои во ужасната судбина на семејството на Петар и неговата знатно помлада сопруга Анисја препознаваме честички од своите животи и конечно за момент го откопуваме она што сме мислеле дека било длабоко закопано во нашата потсвест. Емотивната гама и страста која актерите ја делат како единствено парче леб продира низ стаклото како експлозија. Во таа соба во која единствените реквизити се теглите со вода (која е и вода и ракија и се друго) од која со кутлача им  се тура на сите кои ќе пристигнат потерани од јаловата традиција на руралните живеалишта не се само како понадица, туку и како тивка евтаназија во која ситуациите кои извонредно вешто ги гради овој талентиран режисер се стопуваат како метаболитички промени – брзо и органично. Затоа концептите кои се радикализираат со еден потег се неверојатно продуктивни и носат неизбришливи впечатоци. Во клаустрофобичната просторија заградена од блокови од дрво или можеби некаков извалкан и застружен мермер, Толстоевите ликови изгоруваат во своите судбини и во режијата на Торбица оваа претстава еманира со силна филозофска промисла, а таа е дека традиционалистичката некрофилија има длабок корен во первертната љубов. Тој одлично го одделува рационалното од ирационалното и неговата режија е семантички кристално чиста токму како претставите на легендарниот белгиски режисер Иво ван Хове и носи јасна порака без обланди и целофани. Храбра и иманентна режиска размисла од антологиски карактер.

 

Актерските остварувања успеваат до крај да го понесат на себе режискиот концепт и имаат една совршена органика која плени. Хана Селимовиќ ја гради својата Анисја во дослух со својот грандиозно широк талент. Толстој во кастингот овој лик го нарекува гиздавица, напрчена госпоѓа која ја користи својата младост да го завладее својот многу постар сопруг, но Хана Селимовиќ од овој лик прави парадигматична ахтихероина која не се заборава. Натопена до крај со страст и солзи, нејзината Анисја донесува монолози од кои ви поминуваат морници, а ликот во субмисивна женичка после смртта на постариот сопруг го прекршува со една извонредна внатрешна престроеност. Хана Селимовиќ овој лик го развива многу умно – намекнувајќи ја субмисивноста како карактерна особина во сцените со младиот и строен Никита, додека екстравертната гиздава госпоѓа повторно ја враќа некаде при крајот на претставата така што сите тие исклучително логични бранувања во овој комплексен лик оваа талентирана актерка ги донесува многу вешто и многу сериозно.

 

Толстој женската доминација ја инкорпорирал многу логично токму во духот на Русија во тоа време. Женскиот принцип покрај традиционалистичката корелација со семејството, во своите постаменти го има модусот на управување и со родовиот баланс. Во таа насока, Толстој руската мајка како поцврст столб на семејството го носи на раб на фарсично искомпонираниот лик на Матрјона кој во режијата на Торбица има обличје на грбав демон, а кој од друга страна во визулена смисла многу потсетува на згрбавените женчиња од „Последниот суд“ на Хиеронимус Бош. Олга Одановиќ овој лик на искривоколчената среброљупка Матрјона го игра маестрално, издржувајќи ја не само физички скоро до земја погрбавената лакома старица, туку изведувајќи го овој лик со широк говорен и емотивен паноптикум. Фантастична актерска креација достојна за секоја почит. Во овој ред на женски ликови спаѓа и ликот на младата  и по малку недоветна Акулина, ќерка на изболениот Петар од првиот брак, која е и малку наглува, но подоцна таа истата понижена и навредена девојка станува раскалашена господарка на истата куќа и метреса на стројниот Никита. Овој лик го толкува талентираната Вања Ејдус чија пластика го носи контрастот со старата искривена Матрјона. Жизнерадосните и фарсични компоненти во нејзиниот израз градат еден многу оригинален женски лик кој восхитува со својата извитоперена заводливост која во оваа режија одлично се вклопува со недотупавеноста на убавиот, но ирационален Никита. Иван Ѓорѓевиќ овој лик го донесува во првите моменти доста здржано, за во вториот дел од преставата да отвори еден бестијален еротизам кој станува токсичен за сите ликови. На оваа палета од јарки и цврсто одиграни ликови кои дејствието го водат многу сигурно се придружуваат и помалите ликови од кои се издвојува навидум моќниот лик на газдата Петар, сопругот на Ансија. Инвалид и секогаш измамен, Љубомир Бандовиќ овој лик го игра со една тенка достага во својот глас, една депресивност која му дава сосема друга димензија и прави овој помал лик да звучи доминантно и незаборавно. Хипокризијата како круцијална околност во целата оваа приказна авторот ја синтетизира во ликот на Кумата на Анисја која со блага персифлажна нота го донесува актерката Анастасиа Мандиќ. Заедно со епизодите на Никола Вујовиќ како полупијаниот и безочен работник Митрич и на Ивана Шќепановиќ како отфрлената и омаловажувана Марина и оваа улога е достојна за почит. Единствениот лик кој ја држи онаа разумна нишка е очајниот татко на Никита Аќим, чии предупредувања и безуспешни предупредувања исчезнуваат како кучешки лаежи во мракот кој постојано се влече меѓу сите ликови. Небојша Љубичиќ во овој успешно изграден лик носи на сцената една неутешност која самиот Толстој ја оставил како нитка, како „алка која недостасува“ за да ја потенцира безуспешноста на надежта во овие никогаш незавршени витли на неразумноста.

cm3

Бранко Хојник во сценографското решение на „Царството на мракот“ ја оцртува визуелната координата на целата претстава. Длабочината на мракот како густо, хипокритично проклетство е ликовна колоратура чија комплексност  е естетизирана низ неколку темни бои и простор кој е чист, но метафорички крајно извалкан. Зад стаклото ликовите на Толстој преку рикот на своите судбини стануваат незаборавни ентитети во простор чија стуштеност носи недоброј од инспирации. Костимите на Марина Вукасовиќ Меденица влегуваат во истата таа сиво-црна ликовност поддржувајќи ја традиционалната нотка на Толстој, но со примеси на една добро дозирана индиспонираност која  е во дослух со играта на актерите. На визуелниот момент се контекстуализира и депресивната музичка илустрација на Ненад и Ален Синкауз за дејствието да ја има демонската архаика како точка на „и.“

„Царството на мракот“ е претстава која плени и предупредува, гони и разоткрива еден вистински мрак, а Игор Вук Торбица со режиската поставеност на овој текст навистина влегол најдлабоко во него, во повеќелиниската траекторија на неутешните липтежи и неисчистената совест, на недозволената страст и на постојаното погребување на љубовта. Во овој темелно ковертиран реалитет, Толстоевата суштина останува како поттик, а оваа верзија отишла малку подалеку, во корените на традиционалните разминувања и вечно непронајдената искреност.

23.11.2018

Средновековното превирање на Словенските народи во седмиот и осмиот век веројатно криело многу приказни и легенди каде се преточувала судбината на многу великодостојници. Пребонд, старешината ...

Го окупирав Wall Street во 84-та
интервју со Lydia Lunch

22.11.2018

фотографии: Зден   Здраво Лидија, фантастично е да те имаме во Скопје, некои од нас го чекаа ова со години. Ја обожавам твојата работа и ...