Човек меѓу луѓето

Кон „Човек и натчовек“ од Бернард Шо во режија на Сајмон Годвин

[ ]

Кон „Човек и натчовек“ од Бернард Шо во продукција на Националниот театар од Лондон, режија: Сајмон Годвин, улоги: Ралф Фајнс, Индира Варма, Тим МекМилан, Фердинанд Кингсли, Николас ле Провост, Ник Хендрикс.

 

Шо е најреторичкиот драматичар во современата драматургија. Циничен и денунцијант до крај, овој токсичен писател својата ерудитивност ја става во служба на моралните канони и одредници фрлајќи му ракавици во образот на сите општествени, социјални и политички аномалии. Неговите пиеси се познати по густата текстуална маса натопена со филозофски тиради кои ги поклопуваат физичките предодредености на самото дејствие. Етичките прерогативи и социјалните девијации се главните теми на неговите реалистички лукративни и горчливо сатирични пиеси од кои е најпозната „Пигмалион“, пиеса која го отвора проблемот на интелектуалноста на еден, би рекол, ригидно-персифлажен начин. Шо „Човек и натчовек“ ја пишува на почетокот на дваесеттиот век, поточно во 1903 година. Автор кој есеистичката провиниенција му е најблиска, кон оваа пиеса приоѓа исклучително епикурејски, ставајќи ги ликовите во ситуација да полемизираат тогаш кога треба да се сакаат или евентуално да донесат значајни одлуки. Многу тешко ќе одговориме на прашањето каде е жанровската определба на оваа текстуално и просторно многу расплинета пиеса. Во време кога во театарот во Европа и САД царува „опипливиот“ реализам, Шо фрла на сцена драмско дело кое се случува на просторно дијаметрално различни места, пиеса обрабена со филозофска персифлажност која на крајот има еден слаткаст мирис на водвиљ, мирис кој овој голем маг го елиминира отворајќи ги прозорците на апсурдот, со што всушност метафорички објаснува дека реализмот во театарот ќе се изгуби во „чудноста“ на апсурдизмот доколку не ѕирнеме малку во филозофските премиси и конечно не и дадеме на актерите многу да говорат за да го кажат она што сакаат да го кажат – и тие и нивните ликови, но сепак, најмногу тој, авторот.

 

man-and-superman-photo-johan-perssonФ: Johan Persson


Инспиративната подлога на оваа епохална пиеса е митот за Дон Жуан кој досега доживеал многу прераборки, а Шо како референца го има и во самата пиеса – фамозниот трет чин наречен „Дон Жуан во пеколот“ кој како и формалната контрадикторност на целата пиеса има исто така контрадикторна судбина: во многу наврати е поставуван одделно, како посебна пиеса или е скратуван кога се поставува интегралниот текст на „Човек и натчовек“. Ова драмско дело се занимава со библиските релации на мажот и жената, но егзистенцијалистичкиот реципроцитет авторот го нуди кога позициите на надменост ги релативизира ослободувајќи ја онаа, поголемата дилема – колку човековата мудрост прави тој, човекот да се надмине себеси и во духовна и во физичка смисла.  Оваа персифлажно-релфелктивна крстоносна битка без остаток мора да се решава реторички така што матрицата наречена Дон Жуан и Дона Ана (кај Молиер Дона Елвира)Шо естетски ја модифицира и ја носи на едно крајно конвергирано ниво – ниво на социјален моралитет. Имено, собирајќи ја оваа крајно демистифицирана матрица во сон на главниот лик Џек Танер кој е една англицистичка ономастичка игра на самиот Дон Жуан, овој автор сосема ги измива рацете од навидум неминовната поведеност од сижето. Затоа, пак, авторот на овие редови премислувајќи ја повеќе пати оваа предизвикувачки ригидна пиеса, истата би ја нарекол Сартровски „закиселена“ псевдо-персифлажа.

Навраќајќи се повторно на жанровската определеност, ние како гледачи конечно на крајот од оваа пиеса успеваме да погледнеме назад и да го оправдаме неговиот драматуршки лупинг на места каде што сигурно на почетокот на дваесеттиот век не би им паднало на ум на тогашните театарски сладокусци – шпанското револуционерно милје и имагинативната филозофка расправа на вистинскиот Дон Жуан, Дона Ана и самиот Ѓавол. Оправдувајќи ја таа и ден денес до крај несфатлива драматуршка определеност, ние во трагикомичноста на машко-женските релации би го додале и општествено-политичкиот дисбаланс. Така сите овие Аристотеловски неорганични места стануваат универзум каде ликовите ги играат своите двојници и, на таков начин, потенцирајќи ја инспиративната одредница Шо дефинитивно ни ја принесува реторичноста како основен начин на спознавање на своите сопствени проблеми шепнувајќи ни на уво дека наместо да оставиме да не носат склоповите на околности, ние би требало да почнеме да говориме за нив  тоа токму со оние кои ни се најблиски и кои најмногу ни значат.

Man and Superman Johan Persson


Продукцијата на Националниот театар од Лондон најмногу инсистира на спетекуларноста иако од текстуалната предлошка се одвојува само во поместувањето на дејствието во денешно време и тоа најмногу во визуелна смисла. Режијата на Сајмон Годвин е прилично складен спој на визуелната грандиозност и актерската умешност без големи поместувања во жанрот кој и онака, како што споменав погоре е базично флуктуален. Во скоро натуралистичкиот мизансцен Годвин инсистира на тоа тој како режисер да биде скоро невидлив потенцирајќи ја статичноста која пулсира само во инициациите на самите ликови водени од дијалошката бура. Она што во ова режиско видување импонира е одличната сплотеност на априорната сценска реторичка импостираност во сите чинови со волуминозноста на визуелната грандиозност. Така целата претстава која трае повеќе од три часа делува блиско и остава впачеток на едно многу посакувано furioso кое нема да не остави рамнодушни. А невидливоста на режисерот е исклучително продуктивна затоа што исфрла на прв план одлично одиграни ликови кои пленат.

Главниот лик Џек Танер, убавец кој е динамичен, ерудитивен и политички доста жесток го игра славниот Ралф Фајнс. Со една неверојатна виртуозност овој исклучителен актер донесува еден доста недофатлив лик кој успева да го презентира со една извонредна вдахновеност и многу конзистентна речитост. Џек Танер е еден од најтешките ликови во светската драматургија полн со текстуално густи реплики кои Ралф Фајнс успева да ги впие во својот актерски монструм со една вчудовидувачка леснотија и духовитост на која публиката одлично реагира. Енигматичната и несфатлива Ен Вајтфилд ја игра исто така познатата Индира Варма (Игра на престолите) со исто така добро контекстуализирана леснотија, која со живите реплики на ликот кој е реплика на Дона Ана од митот за Дон Жуан дефинитивно ги отвора најгорливите проблеми на оваа пиеса, а тоа се релациите на мажот и жената. Приказната во која се развива и еден љубовен триаголник.  Октавиус Робинсон вљубен до уши е единствената жртва токму заради својата реторичка неумешност го игра сензитивниот и навидум ненаметлив Фердинанд Кингсли, актер кој прилично емотивно го натопува својот лик на љубовник губитник, талентиран актер кој со сигурност ги носи гените на својот славен татко Бен Кингсли. Од аспект на приказна, најконтраверзниот лик во претставата е ликот на Мендоза, анархист кого Танер го наоѓа во Шпанија и кој себе се декларира за бригадир и Евреин, еден хибрид за кого Шо вели дека иако во неговата драмтургија овој лик во ваква хибридна определеност се издига како Ѓавол, сепак некаде далеку зад целата приказна почнува да засветува еден тенок ореол. Ова објаснување го отвора хуморниот сегмент пд овој лик кој извонредно го толкува Тим МекМилан, лик кој покрај очигледната блескава реторичност со себе носи високо стилизиран гестикуларен паноптикум. Како спротивност на машко-женската филозофска контрастираност, во оваа пиеса имаме и една искрена љубов која се дефинира пред да завлезе во рефлективната гама. Имено, двата епизодни ликови Вајолет Робинсон и Хектор Малоун ги играат младите и талентирани Ник Хендрикс и Феј Кастелов. Во останатите ликови со исто така голема умешност влегуваат и Николас Ле Превост како Робак Рамсден, Кори Џонсон како Малоун и Елиот Барнс Ворел како возачот Страјкер (пандан на Лепорело од операта „Дон Џовани“ на Моцарт).

Визуелниот момент во оваа верзија на „Човек и натчовек“ која подразбира и сценографија и костимографија уметникот Кростофер Орам го подигнува на едно високо глофикациско ниво со детализирањето на сите сценски елементи (бибилиотеката во работната соба на Рамсден, сиерата каде што се наоѓаат шпанските анархисти како и куќата на Хектор Малоун) и  складните современи костими каде се појавуваат и фармерки, но и класични костими во една поп-арт шареноликост што е концепциски одлично склопена. Извонредното светло кое е дело на Џејмс Фарнкомб е точка на „и“ во оваа визеулно многу атрактивна претстава која е единствено музички насушно сиромашна и претпоставувам дека тоа е една од алките кои недостасуваат во неа.

Тешка е одлуката на секоја театарска куќа да го постави овој комплициран, но и предизвикувачки текст на Бернард Шо. Како што напишав погоре, навидум некомпактен и текстуално раслоен, овој текст кога ќе почнете да го инсценирате, тој самиот ги собира своите текстуални ткива во една органика која е цврсто армирана со духовитост и жесток цинизам. И самиот Шо вели дека неговиот метод на пишување се темели врз музиката. Оваа пиеса во оваа продукција не е поставена како реквием заради сериозноста на проблемот, туку како барокна фуга каде алтруизмот е предаден на ударните инструменти, а љубовта тече низ острите жици на по малку плачливата виолина. Крајот на „Човек и натчовек“ е сместен во coda на која веднаш би завиделе француските мајстори на водвиљот токму затоа ште е дефинитивна и недискутабилна. Конечно, индикативно е дека после Диоген, Џорџ Бернард Шо е оној кој на еден многу прифатлив начин, низ оваа ингениозна пиеса навистина го бара човекот меѓу луѓето.

 


 

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius
Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

28.10.2018

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои ...