Рефлективната интерпункција на самопрегорот

Кон „Црно на бело“ на Лидија Димковска во издание на „Или-Или“, Скопје, 2016

[ ]

Поетскиот ангажман на Лидија Димковска има една in flagranti конотација која интригира и восхитува. Поетскиот ракопис „Црно на бело“ започнува од едноставен бел стих, а така и завршува – со егзистенцијалистички логично разместување на интерпункцијата. Оваа Борхесовски натопена поетска книга иако авторката е голем обожавател на поезијата на Марина Цветаева се занимава со суштинското престројување на човековите еклектики, бескрајното барање на вистината преку синтетички добро одмерени стихови кои пак, од друга страна во структурна смисла се на еден многу ригиден раб меѓу поезијата и прозата. Димковска е на многу наврати кратка и остра и намерно децидна за да помислиме дека после некои нејзини констатации нема повеќе што да се чита. Но има, и тоа многу. Токму заради таа филозофска наслоеност, комплексност која се вовлекува во длабоките промисли на читателот за неговото постоење, за неговото поднесување на животниот циклус. Во тие полуемпириски и полутеориски зрнца се наталожува семантички богатиот стих и не можете тако лесно да се откажете од една песна пред да прејдете на другата. Вашето чувство на: вина, сожалување, обесхрабреност, храброст, заљубеност, изневерување и какво сè не друго чувство ве тера пак да се вратите и да заглавите на, да речеме, втората или третата строфа … Оваа симплифицирана формулација е токму тој, би рекол, механизам на препрочитување на оваа и филозофски и емотивно богата поетска збирка.

лд-цнб

 

Книгата е поделена во три дела кои заграбуваат еден емотивен, еден рефлективен и еден епски универзум. А ангажманот на Лидија Димковска е како пајакова мрежа – го има во сите раскршени стилски фигури распнати низ целата книга. Тој ангажман ни ја враќа свесноста за тоа каква земја газиме и каде сме тргнале … конечно свеста од каде сме пошле за да се фатиме во костец со апсурдизмот на сопствената внатрешна неусогласеност. Првиот дел децидно озаглавен како Summa summarum многу концизно се занимава со човековото патешествие од раѓањето до смртта, своето себепознавање, својата верба и духовната определба. Промислите кои се движат токму од таа спиритуална лукративност до искушението на достојноста да се БИДЕ, Димковска ги градира и ги наслојува во грамадни стихови кои кореспондираат со прозна провиниенција, но само како содржинска индиција. Поетичноста е исклучително продуктивна глазура која намекнатите прозни интертексти ги обликува во песни типични само за оваа авторка, остри во своето значење и силни во импактноста:

 

„Во куферот си го носам минатото
Што честопати ја промашува мојата дестинација,
Сегашноста ми се тутка во рачна торба
Што каде и да патувам заканувачки ми виси над главата.
Кога пристихнувам секогаш некој човек ме чека.“

(Патник)

 

Поетските дестинации и во овој прв дел, а и генерално имаат широки хоризонти. Митската проткаеност како мотив се провлекува само за да и даде на содржинската компонентна нитка на мистика која ние, како битија ја носиме самите во себе, и таа не е благо и неосетно инфилтрирана, туку е тангенцијално поврзана со суштинската определеност, а тоа е човековото битствување во контрадикторни временски амплитуди.

Во оваа поетска книга има многу повеќе дејствие од дескрипција, има стих кој е активен и жив со извесна драматичност од која впечатокот кај читателот станува крајно интригантен и тоа е поттикот секогаш да се навратиме на слоевитите стихови кои (како што споменав погоре) имаат една Борхесовска наклонетост кон книжевни варијабли, кон интерпретативни искази во рационално и артистично елаборирани ставови. Вториот дел кој насловен како „Преписка со светот“ ја носи таа концептуалност, и се обраќа на еден поетско-епистоларен начин на флагрантните историски случувања и ликови (Ајхман), како и на цивилизациски парадигми кои оставаат рефлективни обриси во нејзиниот интелект со кој таа знае на извонреден начин да го сублимира „фактот“ со „фикцијата“. Поетските конструкции ја подразбираат фикцијата на еден многу лаконски и филозофски начин. Во вториот дел од оваа поетска збирка фактографијата има иреверзибилно инспиративен код. Коментарот низ стихови е екстрактиран во иманентна (лирска или епска) констатација:

 

„Остарев во Баиро Алто
Со жолтата торта на баба ми под стаклено ѕвоно
Во киоскот крај амбасадата на Арапските Емирати
И детското игралиште без деца.
Остарев во Чадо без Фадо
Што не може да се спореди со друг.
Не отидов во Лисабон за да ја дочекам староста
А стара се вратив, без да бидам некогаш млада.“

(Лисабонска)

 

Димковска наспроти коментарите на неизбежната фактографија која се мултиплицира низ својата интертекстуалност и станува парадигма, во овој дел води една сигнификантно богата епистоларна исповед. Затоа е и мојата констатација дека оваа поетска збирка го има здивот на Борхесовската мудра ерудитивност. Повлекувајќи црта после Бекетовски сублимираниот нихилизам таа ни нуди една еклектика која во стиховите звучи амбивалентно, но многу оригинално:

„Ова зелено ќесе со отпадоци е се што е твое сега.
„Треба да се почне од почеток“, ти велат.
А ти би знаел како д апочнеш од средина,
Како да го смениш старото,
како да е подобро, поубаво, посакано,
а кога мртвите не се веќе живи
никој не знае како д апочне ни од крај ни од почеток.“

(Отпадоци)

Во „Црно на бело“ има многу крв и месо, има жива песок во која пропаѓаме кога се занесуваме во овие стихови и таа формула Лидија Димковска намерно ни ја испишала затоа што знае дека оваа цивилизација веќе одамна нема ништо со девственоста, а со тоа и со искреноста. Морето од морални и емотивни дисторизии таа го пречистува со една ригидна еуфмистичност. Оваа синтагма a priori звучи многу контраверзно, но во оваа поезија нема очигледен симболизам за да ја сфатиме како глорификација на што и да било во животот. Таа еуфемистичност Димковска ја става во наводниците на реторичката хипокризија која е алфа и омега на животната колебливост. Таа како искусна и неверојатно мудра авторка знае да ја одигра играта на универзалната непостојаност и неверност. Затоа ја завршува поетската збирка токму со тие горливи терминолошки асоцијации сјајно испишувајќи ја бесмртната сентенца на Јосиф Бродски како мото на оваа песна: „Од оние што не ме помнат можат да се создадат два града.“ Тоа е таа in flagranti coda од која повторно се отвораат други филозофски прашања на спознавање и заборавање, затоа што целото ова стиховно патешествие, всушност е една антологиска апологија на заборавот, една  суштинска кохезија на животната радост со неизбежната болка:

 

„Душата ти трепереше во тампон зоната
Телото ти зјаеше како испразнат шкаф пред селидба
Ноќта беше бесмислена на денската смисла.
Со прекини сонуваше нераскинлив сон:
Како деветнаесеттиот век патува наоколу брадосан
Божем пијан губитник,
Како дваесеттиот век се стрижи и бричи
Во градска берберница
А дваесет и првиот безглаво трча по нив.“

(Патување)

 

Оваа формулација е, се чини, едно јадро во кое Лидија Димковска филозофски ги сублимирала сите навеви кои ја поттикнале да го напише овој извонреден поетски ракопис. Оваа авторка не потсетува дека поезијата има широк цивилизациски ангажман и дека стихот боли исто онака како што не раскинува и реалитетот на прозата. Инспирацијата е превирање на импулсите кои постојано го наведуваат авторот да каже, да укаже, но најмногу да покаже. Лидија Димковска како голема дама на македонскиот книжевен простор и со оваа книга како и со претходните поетски и особено прозни остварувања ни покажува дека авторот својата бесмртност ја има во артистичноста на својот непобитен ангажман. А нејзината интерпункција не е тешко да се следи, тешко е кога ќе се сетиме на она на што таа многу мудро не наведува да се сетиме – на болните точки од цивилизациските битствувања.

 

23.11.2018

Средновековното превирање на Словенските народи во седмиот и осмиот век веројатно криело многу приказни и легенди каде се преточувала судбината на многу великодостојници. Пребонд, старешината ...

Го окупирав Wall Street во 84-та
интервју со Lydia Lunch

22.11.2018

фотографии: Зден   Здраво Лидија, фантастично е да те имаме во Скопје, некои од нас го чекаа ова со години. Ја обожавам твојата работа и ...