Страста како болест

кон „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот

[ ]

Кон „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот во продукција на Народно позориште од Белград. Режија: Југ Радивојевиќ. Главни улоги: Марија Вицковиќ, Јоаким Тасиќ, Стела Ќетковиќ, Слободан Бештиќ, Небојша Кундачина

 

Александар Дима синот ја напишал оваа романтична трагедија во средината на деветнаесеттиот век инспириран од негово лично искуство. Вљубен во куртизаната Мари Диплеси тој во себе ги отвора оние најзабранети дамари во човечката суета кои не ни дозволуваат да пречекориме подалеку од традиционалните вредности на кои требало не требало им се поклонуваме. Дали љубовта е поблиска до страста или до традицијата? На прв поглед веднаш ќе констатираме дека е првенствено поврзана со страста. Но, овој вид на духовна колизија отвора рани кои не можеме да ги преживееме. И секогаш зема своја жртва. После неуспешните обиди во поезијата и во романескната литература Александар Дима синот конечно го погодува својот жанр – драмата. „Дамата со камелии“ е една од најубавите романтични трагедии во историјата на театарот и драмата. Не заради својата мелодраматска структура, туку заради спецификата на прашањата погоре поставени, а кои имаат библиска конотација. Исус го повикал најчесниот да фрли камен по Марија Магдалена. Совеста не му дозволила никому да го направи тоа. Скоро деветнаесет века подоцна, човечката хипокризија надвладеала. Сите тие, не само што фрлиле еден куп камења врз тоа кутро суштество кое љубовта можела само да ја залечи, туку се погрижиле да ја закопаат, да ја избришат од лицето на земјата токму заради „порокот“ кој историски гледано има повеќе конотација на занает отколку на „смртен грев“. Дима бил неизлечиво вљубен во Мари Диплеси. Секако трагичната разврска на нивната љубов била горчлива инспирација да го напише ове епохално драмско дело, но судбината и овде некако иронично си поиграла со овој талентиран автор и неговата несудена љубов. Имано, неговиот гроб по игра на случајот се наоѓа многу блиску до гробот на Мари Диплеси. Провидението има чудни патишта и ние колку и да сакаме не можеме да ги избегнеме.

 

dskp1

 

Режисерот Југ Радивоевиќ со својот концепт го отвора воајерскиот синдром на општеството кон куртизаните како основна причина за емоционалната и духовна трагедија. Имено, претворајќи ја сцената во гледалиште, тој на публиката му пружа едно интересно Пиранделовско искуство во кое таа се чувствува како да се гледа себеси во огледало. Но, тука не завршува неговата намера. Ложите од кои излегуваат и каде воглавно ги одигруваат сцените, општествените претставници, како и главните ликови имаат интересна дистанца и во начинот на игра. Така, сцените што се дел од главната приказна се случуваат на сцената меѓу вистинската публика и оние кои гледаат од ложите на сцената. Тој театар во театар има една филозофска конотација и наведува на размислување – дали општествениот воајеризам станува социјална метастаза или еден совршено суров начин на промислување на ригидните појави како што е проституцијата, нешто што во денешни услови се јавува во многу посурови варијанти? Режијата на оваа верзија на Дамата со камелии е импресивна најмногу затоа што е едноставна и има во генерална смисла добро осмислен клуч. Сите понатамошни елементи се вклопуваат без никаков проблем и целата претстава делува онака како што воглавно треба да импресионира – оригинално и органично.

Марија Вицковиќ ја игра  улогата на Маргарита Готје многу вдахновено. Целата нејзина убавина и талент се во служба на овој инегниозно напишан лик. Нејзината интерпретација е и во емотивна и во говорна смисла густо и мудро организирана, така што овој лик во нејзиниот актерски хабитус не е стегнат во грч и не продуцира напнатост, туку со својата елегантност и леснотија таа успева да ја донесе оваа траума или социјална „болест“ на жената од ракурс на дваесет и првиот век. Сјајно одигран лик во кој сите валери и дејствија се импресивни и интересни.

Младиот Јоаким Тасиќ ликот на Арман Дивал го игра со една аристократска импулсивност и надменост која плени. Овој кревок младич кој паѓа во замката на својата сопствена вљубеност има една впечатлива надворешност која одлично легнува на самиот лик. Младиот Тасиќ изгледа благороднички и тој на сето тоа му го додава својот талент и својата младешка динамика. Неговиот Арман Дивал е страствен, можеби и повеќе од Маргарета Готје, но тоа му дава една доза на горливост на самата претстава и е доста продуктивно како варијација на овој лик. Тој е одличен партнер кој го надополнува ликот на Марија Вицковиќ и тие како тандем делуваат извонредно.

Стела Ќетковиќ како доајен на српскиот театар ликот на превртливата Приданс го донесува  многу допадливо со доста суптилен комичен призвук. Како искусна актерка таа сцените ги бои со една лесна трагикомичност на лик кој е постојано зависна од своите пороци, една дама во која Маргарета Готје би се претворила доколку би го продолжила својот живот на куртизана. Алка која секако би недостигала доколку би ја немало во оваа претстава.

Од другите ликови најмногу впечаток оставаат ликвотие на Грофот де Жире во интерпретација на Слободан Бештиќ и ликот на Жорж Дивал, таткото на Арман Дивал во интерпретација на Небојша Кундачина. Бештиќ овој лик на влијателен гроф кој ја купува Маргарита кога ќе посака го игра со многу продуктивен цинизам. Цинизам кој е уште еден неизбежен дел од оваа добро конструирана симфонија на горчливата љубов. Циничен и делумно воздржан овој лик тлее, а не влијае, но неговите пораки се отровни и тоа Бештиќ го изведува одлично. Кога сме веќе кај воздржаноста Небојша Кундачина ликот на таткото на Арман Дивал го донесува со една тежина на стар човек кому честа на семејството му зависи од потезите на една куртизана. Сфаќајќи ја нејзината чиста љубов иако во извалкани чаршави, тој овој лик одлично го прекршува во едно добро одиграно покајание. Импресивна епизода достојна за почит.

Визуелниот момент во оваа претстава е особено истакнат иако целата сцена наликува на гледалиште и сцена завртени наопаку. Имено, претходно опишаниот сценски простор отвора една пурпурно црвена чистина која создава впечаток и на театарска сцена, а и на бордел. Така веројатно сценографот Борис Максимовиќ убил два зајаци со еден куршум. Искрено, секогаш ме воодушевувале повеќезначни простори за игра и оваа сценографија која се состои од сцена itself и од ложи какви ги има и во самото гледалиште делува грандиозно иако е до крај симплифицирана. На оваа чисто детерминирана сцена одлично се вклопуваат раскошните костими на Бојана Никитовиќ кои се движат од сјано- белите нијанси и сребрените деколтеа на главната хероина, па се до црно- црвената и белоцрвената комбинација на фраковите на машките ликови, како и на загасено сините бои на костимите на Стела Ќетковиќ. Маргарета Готје менува повеќе костими кои иако раскошни не го поклопуваат нејизниот перформанс. Тоа значи дека оваа костимографка има и совршен осет за складност.

Одличната визуелизација е надополнета со острата музичка подлога на стариот волк, големиот композитор Корнелие Ковач кој вметнува и една музичка нумера како меланхоличен навев што импонира до крај. Оваа нумера низ стиховите на Споменка Ковач одлично ја интерпретира главната хероина Марија Вицковиќ.

„Дамата со камелии“ е поливалентна пиеса, трагедија која нема временски рамки и оваа претстава која има одличен одек пред се кај публиката во Белград е полн погодок за Народно позориште. Љубовната трагедија на Маргарита Готје и Арман Дивал е безвременски репер кој оваа одлично одиграна и режирана претстава знае да го донесе во нашето духовно проседе.

 


 

Го презентираме Куманово насекаде
интервју со Филип Михајловски од Khara

18.09.2018

  Khara – од каде името за групата, значењето/потеклото? Според монголската митологија, Кара е името на првиот шаман, што враќал мртви луѓе во живот. Приказната ...

16.09.2018

На 6 септември во клубот „Ла Кања“ во старата скопска чаршија низ слушачка промоција ни беше претставено новото чедо на Давид Ангелевски пророчки насловено „Бела ...