Гогита и Мака – трезвена грузиска романса на свежа августовска македоксовска вечер

кон документарниот филм „Новиот живот на Гогита“

[ ]

Во едно сакартвелско зафрлено место се испреплетуваат приказните за животот после децениски престој во затвор, за важноста на семејството, виртуелните врски и нивното преминување во „вистинскиот” свет, важноста на надворешната и внатрешната „убавина”, годините и компромисите, желбата за себеподобрување, борбата за гол опстанок, родовите односи. Накратко – за човечкото преку обичните луѓе во денешна Грузија.

GNL1

Како и секоја доброспакувана филмска магија и „Новиот живот на Гогита“ носи навидум многу едноставна приказна. Кражбата од очај пред повеќе од една деценија требало да ја олесни материјалната состојба на семејството на Гогита во време кога неговиот татко бил тешко болен. Гогита завршува во затвор. Татко му умира, а мајка му се грижи за куќата и имотот. Гогита излегува од затвор, со што започнува документирањето на неговиот нов живот.
Целото село доаѓа да го пречека, а расплаканите лица на мажите и жените и треперливите и нестрпливи раце кои посегнуваа која побрзо да го гушне неговото ковчесто тело кажуваат дека во неговиот нов почеток Гогита барем нема да ја носи стигмата на бивш затвореник како што тоа обично бидува. Тој е морален победник. Соселанките и соселаните ова јасно го кажуваат, заедно со отворена критика на сметка на државата за селективната казнена политика. Насмевката на лицето на Гогита оддава истовремено и умор и возбудлив немир за новиот живот, како и дека му недостасуваат неколку заби.

Од првото наредно утро тој се зафаќа со работа – поправка на куќата и одржување на имотот. Дваесетина крави, пчели, лози, нива. Оштетен жолт автомобил паркиран пред старата дотраена куќа која е полна со стар мебел, но која мајката ја одржува секогаш блескаво чиста. Знак дека новото време стигнало и во далечното грузиско село се само телевизорот и компјутерот. И Фејсбук. Таму Гогита ја среќава Мака, со која разговорите лесно течат, па брзо преминуваат во планови за одмор, а и за брак. Мака е повратничка од децениска работа во Грција, изработува торти и се грижи за болниот татко. Таа е физички целосна спротивност на Гогита – средена фризура, негувана кожа и нокти, но прекумерна тежина која ќе стане една од централните теми во филмот.

GNL4

Режисерот Levan Koguashvili ја прикажува суровоста со која лицата со прекумерна тежина се справуваат секој ден како и раширеноста на стереотипите поврзани со истата. Со хируршка прецизност тој успева да даде достоинствен приказ на судирот на грубата општествена стигма врзана со преголемата тежина и личниот однос на Мака кон сопственото тело и достоинството со кое таа го носи.

Традицијата и обичаите го поттикнуваат притисокот од старосните години и желбата да се најде жена со која ќе се продолжи „лозата“ и ќе се одржува домаќинството, макар и ако нејзиниот физички изглед не се вклопува дури ни во релаксираните норми на руралната средина кои, се чини, сè уште не се толку формирани од притисокот на манијакалниот лукизам и диктираните стандарди за убавина. Па така, здравицата пред вечера упатена до Мака гласи (парафразирам) „Во твое здравје за да можеш да зготвиш уште многу вечери како оваа“. Ваквите финеси преку кои режисерот ги има извајано родовите односи ми правеа морници по цело тело повеќе од свежиот воздух пред Куршумли ан. Затоа што е реалност за Мака и за многу жени не само во Грузија туку и насекаде низ светот. Конецот на филмот донесе благо-горчливо чувство на преиспитување на прифатливоста на направениот компромис помешан со партнерска топлина која дава надеж за среќна иднина на Гогита и Мака.

GNL2

Проекцијата заврши, а свеќичките ни го покажаа патот од Куршумли аут на платото пред Музејот до сламениот шанк каде на жолтото светло под големата крошна низ разговор и чаша вино го продолживме патувањето низ Грузија. Се распрашувавме меѓусебно дали сме ги забележале тигрестиот принт на прекривачот, сликичката од Бритни Спирс до магнетот-портрет на Сталин во берберницата, на пати до темел соголените ѕидови на дотраената куќа, контрастот на крцкаво новите чевли поставени на репарираното столче подготвени за пакување за патот на море, каде Гогита ќе треба да се соочи со Мака, но и со самиот себе. И ќе победи. Двајцата ќе победат. Нотите од Тони Китановски Трио кои почнаа да доаѓаат од Куршумли ан нè вратија од Грузија во Македонија. Тоа се тие магични македоксовски ноќи.

05.09.2017

  Do it Again / Holy Ghost Someone great / LCD Soundsystem Transient Program For Drums and Machinery / Soulwax Anymore / Goldfrapp Intermezzo II (Interstellar Funk Remix) ...

26.08.2017

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.   Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на ...