Со љубов

Кон документарниот филм “Avec L’Amour”

ALA1

Спојлер: Понесете си марамчиња и врзете го појасот, ве чека бура од смеа и емоции.

 

Мал плац на периферијата во Неготино е центарот на светот за големиот сонувач Дионис Пашлаков. Колекционер на олдтајмери, професор по биологија, сопруг на Грозданка (Гоца) Пашлакова, Дионис опива со својата позитивна енергија, хумор и страст во секоја минута од „Со љубов – Avec L’Amour” – 66-минутното љубовно патување поддржано од нотите на Фолтин.

 

Режисерот Илија Цветковски, поранешен ученик на Дионис, ја документира страста на професорот кој тргна до продавница да купи јајца, а застана да преговара за потенцијални нови додатоци кон неговата колекција. Сонот? Да направи музеј на олдтајмери каде ќе ги спаси од забот на времето и провалијата на заборавот старите коли од кои некои веќе и скапале затоа што покриениот дел од плацот на Дионис е одамна премал за да ги собере над 100-те коли, 50-тина мотори, едрилица, стари радија. Тоа е богатството кое Дионис има мисија да го згрижи за да го сподели со остатокот од светот.

1

 

Гоца, неговата сопруга, води сопствен бизнис за изработка на торти – Шугар Арт, преку кој, покрај тековните трошоци и издржување на семејството кое вклучува и три синови, ја помага и пасијата на Дионис. А и Дионис и помага неа. На пример, тој ги изработи тркалцата за тортата-пехар во форма на олдтајмер која Гоца ја спреми како награда за изложбата која ја организираше Дионис. Или досетливо ја прашува Гоца дали сака нешто, на пример „Сакаш да јадам?”. Или итро се труди да го одржи привидот дека Гоца може да му каже „не“ за купување на нов олдтајмер, инсистирајќи дека купувањето треба да биде заедничка одлука. Филмот толку добро ја доловува размената на реплики и енергија помеѓу нив што буквално ве преселува во кујната во нивиот дом, покрај големата долга метална маса на која Гоца ги изработува тортите, или на масата пред плацот каде пијат кафе и разговараат што сè треба да се доправи пред отварањето на музејот.

2

 

„Со љубов” е емотивна бура од радост, смеа и трогателност, а страста на Дионис кон олдтајмерите е толку заразна што и вас ви доаѓа да си ги прегризете усните заедно со Дионис додека ја гледа Мантата Б, зелениот џип или додека е во авионот. Признание за неговата страст стига и од неговите ученички и ученици на последниот класен час пред пензионирањето, што е можеби и најемотивниот момент на филмот. Учениците му даваат кутија во која има клуч и му велат да погледне низ прозорецот. А таму – паркирана Буба со црвена машна. Радоста на Дионис е преголема не, како што вели, заради Бубата, туку заради тоа што ученичките и учениците ја разбрале и ја споделуваат неговата љубов со него. Неколку дена по проекцијата, а сè уште ги гледам пред себе Дионис и Гоца како танцуваат пред зелената школска табла на која со бела креда беше испишан последниот поздрав до класниот – Avec l’amour.

3

 

Двоецот Цветковски-Георгиев успева да ја начне и оштествената реалност во која Диоген се труди да ја реализира својата идеа за изградба на музејот – паѓањето на глуво уво на локалните власти за кои сто евра и еден калап сирење е доволна поддршка за отварањето на Музејот. Присуството на градоначалникот не оддава впечаток на разбирање на идеата и страста на Дионис, туку присуство по службена должност и уште едно отварање кое мора да се направи за да се пополни агендата и да се запише во нечиј отчет. Но, Дионис има разбирање и за ова. Впрочем, и неговото и срцето на Гоца се толку отворени и полни со љубов која прозрачи од Неготино до Канада, Германија, Босна и Херцеговина, а од оваа недела и кај нас. Публиката ја препозна енергијата и им возврати со смеа, солзи и долги аплаузи.

На една од сесиите за прашања и одговори продуцентот Атанас Георгиев со право индиректно апелираше на поголема свесност и поддршка на домашните филммејкер(к)и и нивната работа, споделувајќи неколку коментари за лажната вест во врска со „Со љубов” и Оскарите. Ве тера да се запрашате дали можеби игнорирањето на филмовите освен ако за истите не се врзе помпата на можна трка за Оскар и коментар на некој од „големиот” Холивуд не е исто што и односот на градоначалникот кон Дионис и неговиот Музеј. Коментарот на Георгиев е трезвен и многу потребен повик за размислување за тоа колку и како ги поддржуваме „Дионисите” во нашите животи.

„Со љубов” слета во гнездото на Македокс во Куршумли ан. Симболично како поздрав за збогум и израз на надеж дека домот на настанот број еден секое лето во Скопје последниве осум години ќе остане во своето гнездо.

Сите фотографии: Официјална страница „Со љубов”