Европската вожња на скопската линија

Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

[ ]

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот беше „Скопска линија, европска вожња“, а можеа да се проследат филмови во неколку програмски целини: Официјална селекција, CineBalkan, Гала премиера, Музички документарни филмови, Земја во фокус: Шведска, Кратки филмови: МакедонијаСтудентска програма, Детска програмаCinedays+,  како и богата придружна програма составена од работилници и Cinemusic настани.

cine1
© Ана Опачиќ

Генерално, може да се каже дека годинава публиката имаше прилика да види одлична селекција на филмови, избрани од најголемите европски фестивали од страна на Бернд Будер, селекторот на Официјалната програма и на СинеБалкан, како и Гала програмата која изобилуваше со врвни режисерски имиња чии филмови се наградувани на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам. Објаснувајќи го критериумот за избор на филмовите, Будер уште еднаш ја потенцира слободата на изразување, притоа потсетувајќи нè на апсењето на режисерот Кирил Сребреников, приведувањето на Олег Сенцов, кој беше осуден на 20 години затвор, притворот на Зијад Дуеири во Бејрут по неговото враќање од Венецискиот филмски фестивал. Тој посочува дека овие режисери не се познати по експлицитно политички филмови, туку по прецизното отсликување на нивните општества.

 

„Ова е тоа што ја прави толку фасцинантна европската современа кинематографија се тие лични, емоционални дискурси помеѓу точното и погрешното, помеѓу лево и десно, а на крајот некако секогаш право: несигурни, симпатични ликови помеѓу нивните животи и идните визии, помеѓу обидот и грешката“ – истакнува Будер во својот текст пренесен во каталогот на фестивалот.

Фестивалот се отвори со „Квадратот” на шведскиот режисер Рубен Остлунд, овогодинешниот добитник на Златната палма на фестивалот во Кан. Централната приказна на оваа жестока општествена сатира за уметноста, културата и комуникацијата во дигиталната ера се концентрира на Кристијан, главен куратор на шведскиот музеј X-Royal. Во оваа приказна за современата ликовна уметничка сцена и луѓето кои работат и дејствуваат во неа се среќаваме со софистицирани позери чие протежирање на лажна уметност во околина на изобилство на пари ги остава луѓето без човечката пристојност или базичните емоции. „Квадратот“ или „Плоштадот” e воедно и името на уметничка инсталација која за потребите на музејот ја изработува еден аргентински уметник под кураторство на Кристијан и којашто, според манифестот на уметникот, претставува „Светилиште на доверба и грижа. Во него сите ние ги споделуваме еднаквите права и обврски“. Таа е еден вид на мала утопија која се спротиставува на генералната идеја на режисерот да направи пресек на животот во големите метрополи кои го карактеризираат себичноста и хипокризијата. Како што вели и самиот режисер: „Плоштадот” ја движи приказната во неколку насоки кои претставуваат серија на ситуации кои говорат за прекршените или поништените општествени договори и релации. „Филмот всушност се занимава со една пообемна тема за современото општеството, за нарушените меѓучовечки односи, етика и морал“.

 

 

Од вкупно 20-те извонредни филмови во Гала програмата ги издвојуваме филмовите на Ханеке, Лантимос, Каурисмаки, Акин и Звегинцев. „Среќен крај“ на Михаил Ханеке, ги содржи речиси сите визуелни идеи и класични теми што тој ги обработуваше во своите претходни филмови: дисфункционалните семејства, меѓугенерациската одмазда и отровното потиснување на вината. Тој овојпат посебен фокус става и на тоа како користењето на модерна технологија, паметните телефони и социјалните мрежи уште повеќе ја засилуваат тенденцијата на луѓето да се повлечат во своите осамени светови. За оние кои уживаа во неговите претходни дела, ова негово последно остварување можат да го сметаат за некарактеристично меко. Сепак, „Среќен крај“ е концентриран, фаталистички поглед на едно богатото европско семејство во кое изгледа никој веќе не е способен да чувствува добро за себе или за светот во целина.

Убиството на светиот елен“ на Јоргос Лантимос е приказна за одмаздата и одговорноста, транспонирана од сцените на античка Грција до екраните на киното од 21 век. Тој како и во претходните свои остварувања ни го нуди својот уникатен поглед на современиот свет.

Другата страна на надежта“ на Аки Каурисмаки е втор филм од трилогијата која тој ја започна со претходното осватување “Le Havre” во чијшто фокус се судбините на мигрантите од Африка и Азија. Низ филмот се преплетуваат борбите на двајца мажи кои бегаат од своите домови. Првиот – Калед, сириски барател на азил, кој пристигнува во Хелсинки во потрага по подобар живот, и вториот Викстром – локален трговец кој ја напушта својата сопруга и потоа отвара ресторан во кој Калед започнува да работи. Каурисмаки се обидува да го осветли искуството на Калед и сличните на него. Без да го жртвува својот вообичаен хумор и препознатлив визуелен израз, тој ја истражува реалноста на она што би можело да значи да се биде бегалец денес во комбинација со неговиот долгогодишен интерес за изгубените души и аутсајдерите кои го населуваат неговиот филмски свет.

Со својот нов филм „Од никаде“, Фатих Акин мора да го погодил нервот, не само заради тоа што е номиниран за германски кандидат за Оскар, туку и затоа што што успеал да направи непретенциозно, а впечатливо дело за ужасно реална тема на нашето време – ксенофобијата и расизмот.

Нељубов“ на маестралниот Андреј Звегинцев е уште едно од неколкуте ремек дела на овој мајстор на современиот филм. Русија секогаш е студено и тешко место во филмовите на Звегинцев кој се занимава со темите за семејството уште од неговото деби во 2003 година – „Враќање“. Но, она што е особено моќно во „Нељубов“ е неговата особена дарба да создаде совршен драмски микрокосмос во кој до срж се обидува да ги сецира современото руско општество и сите негови дивијации и општествени релации.

cine2
© Ана Опачиќ

Освен овие филмови што ги издвојуваме, дел од Гала програмата беа и: „24 кадри“ на Абас Киаростами, „Двојниот љубовник“ на Франсоа Озон, „Мојот Годар“ на Мајкл Хазанавициус, „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ на Мартин Мекдонах, „Пченица“ на Семи Капаноглу, „Пиковата дама“ на Павел Лунгин, „Обликот на водата“ на Гилермо дел Торо, „Кротка жена“ на Сергеј Лозница, „Заведен“ на Софија Копола, „Мајка!“ на Дарен Аронофски, „Субурбикон“ на Џорџ Клуни и документарниот филм „Гледај и чуди сe: Соништа за поврзан свет“ од Вернер Херцог.

Во рамките на Официјалната селекција можеа да се погледнат вкупно осум филмови: „Плоштад Америка“, во режија на Јанис Сакаридис, „Бодкин Рас” на Каце Модири, „Срце од камен “на Гудмундур Арнан Гудмундсон, „Свет воздух“на Шади Сроур, „Надвор“на Ѓерѓу Кристоф, „Родители” на Кристиан Тафдурп, „Техеранско табу” на Али Созандех и „Горскиот принц” во режија на Куба Чекај.

Во рамките на програмата CineBalkan беа селектирани следните филмови: „Сина тишина“ во режија на Булент Озтурк, „Зора“ на Гентиан Коци, „Трамполина“ во режија на Катарина Зринка Матијевиќ, „Непожелен“ на Едон Ризваноли, „Ветер“ на Тамара Дракулиќ и „Жаба“на босанскиот режисер Елмир Јукиќ, кој ја имаше својата премиера во Македонија на фестивалот „Браќа Манаки“. И во двете програми покрај проекцијиите публиката ја имаше можноста да разговара со дел од авторите и екипите на овие филмски остварувања модерирани од нашиот искусен филмолог Ѓорѓи Јаневски.

Од музичките настани што секоја година се дел од овој филмски фестивал и станаа негов нераскинлив дел што носат плус публика овојпат ги издвојуваме настапите на Jaga Jazzist, Chrysta Bell и Chk Chk Chk.
Eксперименталниот џез состав од Норвешка Jaga Jazzist (Јага Џезист) кој настапи нa 16 ноември во Денсинг салата на МКЦ ни приреди изненадувачки добро доживување. Нивната музика која е фузија од џез, фанк, психоделија, електроника е луда музичка вожња во која можете да ги насетите влијанијата на Weather Report, биг бенд оркестрите па се до краут рокот. Деликатната светлосна сценографија допринесе ова музичко патување да добие еден поинаков и уникатен израз.

Фановите на филмовите на Дејвид Линч би можеле да го знаат името на Chrysta Bell (Криста Бел) од „Полската песна”, баладата која тој ја искористи во својот филм „Внатрешна империја“ од 2006 година. Бел во 2011 година го објавува својот деби албум “This Train” а минатогодишниот “Something in the Nowhere ” е повторно продуциран од Линч. Ова претставува дел од креативното партнерство кое започна со нивната првa соработка во 1999 година која продолжува до денес. Нејзиниот настап во денсинг салата на 18 Ноември не остави никого рамнодушен. Видеото и светлосните решенија во потполност го надополнуваа нејзиниот настап. На моменти го имате чувството како да сте дел од некоја од филмските парчиња на Линч кој се појавува во почетното видео, најавувајќи ја Криста. Во многу аспекти се чувствуваше како Бел да изведува некаква проповед во кој сите сме нејзини следбеници. На моменти не ни беше важно колку текстовите на песните беа јасни и разбирливи па затоа целата публика молчеше со нетрпение очекувајќи ја следната нота што ќе излезе од нејзините усни.

cb17
© Зден

Годинава, новина беше и програмата кратко наречена Cinedays+ посветена на биографски филмови: за уметноста на Дејвид Линч, „Дејвид Линч: Животот на еден уметник“, филмот „Фадо“, рускиот филм „Хармс“ во кој учествува и македонскиот продуцент Сашо Павловски, филмот „Насоки“ во режија на бугарскиот режисер Стефан Командарев, каде учествува македонскиот продуцент Владимир Атанасов, документарниот филм за фудбалската легенда „Пеле: Раѓањето на една ѕвезда“ и филмот „Словенија, Австралија и утре целиот свет“, во режија на словенечкиот режисер Марко Набершник, кадешто свое копродукциско учество има македонскиот продуцент Роберт Насков.

 

Фестивалот заврши на 19 ноември со доделувањето на наградите. Добитник на наградата за Најдобар филм во селекција „Синебалкан“ е „Зора“ од Гентиан Кочи, за храброста на дебитантот режисер да го изрази потиснатото постоење на мајка која потфрлува во животот. Специјално признание добија актерите во филмот „Трамполина“ на Катарина Зринка Матијевиќ за совршената хемија меѓу актерите, а особено за изведбата на Франка Миколачи, која ја игра седумгодишната Лина.

 

 

 

„Златна ѕвезда“ за најдобар филм во Официјалната селекција на Синедејс ја доби исландскиот „Срце од камен“ од Гудмундур Арнар Гудмундсон, за „искрениот и длабок опис на проблемите со кои се соочуваат тинејџерите растејќи, за сексуалната конфузија и за откривањето на вистинската природа на нештата, како и за создавањето на реалистична атмосфера за животот во мало и отсечено село далеку на Северот“.

 

 

„Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија во Официјалната селекција доби словачкиот режисер Ѓерѓ Кристоф за филмот „Надвор“, за „создавањето на вистинска слика за денешниот живот во источна Европа, со сите комплицирани проблеми, надежи и соништа на обичните луѓе, љубопитни карактери, чудни настани и еден интересен лик во средина“.

„Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио во Официјалната селекција добија Вангелис Мурикис, Јанис Сакаридис и Јанис Цирбас за филмот „Плоштад Америка“ (Грција) за „силната приказна која ги раскажува моменталните случувања во светот, која спојува невообичаени карактери и драматични настани опишани преку животот на луѓето со различен менталитет и спротивставени мислења кон проблемот со имиграцијата“.

 

 

Но, без оглед на тоа што нашиот Ѓорче Ставревски не доби награда на овој фестивал, публиката со овации и воодушевување ја поздрави македонската премиера на неговиот дебитански долгометражен филм „Исцелителот“ кое воедно беше и последнит филм на овогодинешниот Cinedays. Ставревски и припаѓа на помладата генерација режисери која внесува свеж воздух во загушената соба на македонска кинематографија. Тој успеа да создаде непретенциозно филмско остварување во кое ја портретира нашата сурова реалност, распаднатиот здравствен систем и релациите помеѓу синот и таткото, типични претставници на македонското семејство од 21 век, луѓе заборавени од системот кои се соочуваат со неправдите кои им се случуваат секојдневно. Она што навистина плени покрај бравурозната глума, камера, сценографија и мајсторијата на Ставрески преку хумор и прецизноста на филмскиот јазик да создаде филм за рушењето на вредностите во едно општество.

G-S-17

c17

Европската вожња на скопската линија
Кон фестивалот Cinedays 9-19 ноември

24.11.2017

Од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар се одржа 16-то издание на меѓународниот фестивал на европски филм Cinedays. Овогодинешното мото на фестивалот ...

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...