Јас сме

кон “Физика на Тагата” на Георги Господинов, во режија на Милош Б. Андоновски, Театар Куманово  

[ ]

Оној кој го читал Господинов, го сака Господинов. Оној кој ја читал неговата „Физика на тагата”, е вљубен во романот. Оној кој ја гледал „Физика на Тагата” на Милош Б. Андоновски во Театар Куманово повторно верува во македонскиот театар.

fnt1Фотографии: Наташа Вчкова

 

„Ако оригиналниот и успешен „Природен роман“ на Господинов… беше постмодерен во најдоблесната смисла на зборот, неговиот роман „Физика на тагата“ е апокалиптичен во најреволуционерната смисла на зборот“. А претставата на Андоновски, правена по/во чест на романот на Господинов, е револуционерна во најдоблесната смисла на зборот. Таа, како и романот, е обид да испише „историја на светот, раскажана од перспектива на (навидум) неважни случувања, од перспектива на нетипични суштества и луѓе“. И неа, како и романот, „ја чинат монтажи, кинематографска структура, паузи, симболи, тишина, привидна фрагментираност, самотија, (минотаурска) напуштеност, лавиринти…“ Водејќи се од клучот на романот „Јас сме“, претствата „Физика на тагата“ на Театарот Куманово, ја заговара емпатијата со другиот, како можност светот и животот да се искусат што повеќе, за да постоењето навистина има смисла.

Но, нејзината револуционерност, како и онаа на романот, не е толку во пораката, туку во тоа како е направена.

„Физика на Тагата“ на Милош Б. Андоновски е негова прва претстава во институциoнален театар. Во градот во кој е роден, во кој растел.  Во театарот во кој засакал театар. Во театарот кој инаку половина од сезоната е затворен зашто нема дрва за огрев, кој селекторите на домашните театарски фестивали забораваат да го вклучат во официјалните програми.

Токму во тој театар, на 6ти јули годинава, се случи еден од најважните настани во современиот домашен театар. Се случи премиера на добра театарска претстава, направена со книжево познање и театарско умеење. По истата беше организиран разговор со публиката, прецизно воден од преведувачот на романот на македонски јазик, во присуство и со посветено учество на авторот на романот. Актерите, во овој мал театар, речиси заборавен, седнати на почесно место на тркалезната маса, примаа комплименти и корисни забелешки и одаваа впечаток на луѓе кои, по кој знае колку време, почувствувале дека она што го прават има смисла. Она што се случи во Куманово на премиерата на „Физика на тагата“ е вообичаена практика во секој нормален институционален театар и би требало да се случува по секоја премиера во домашните театри, ако опстанокот на македонскиот театар ни е воопшто важен.

fnt2

„Физика на Тагата“ на Милош Б. Андоновски (1989) е негова прва претстава во институцинален театар, но таа не страда од синдромот на прва претстава во институцинален театар на млад режисер. Андоновски знае точно што сака, со што располага, што може да очекува, на што може да се надева, на што би се сопнал, но и на што да инсистира. На тоа го научиле студирањето компаративна книжевност и театарска режија, следењето и промислувњето на македонскиот театар во последниве десетина години, но и годините вониституцинално искуство, правењето претстави “на свој трошок”.

Оваа претстава нема да ве фасцинира со визуелното богатство. Сценографијата на Наташа Вчкова (1991), архитектонски промислена и функционална, ненаметливо, но прецизно го гради светот на физичарите на тагата испикани по кабинетите во бруталистичките универзитетски згради со стар мебел од 70тите. Научниците, костимографката Марта Трендафилова (1988) соодветно ги облекла во демодирани твид палта, сомотни панталони, плисирани здолништа и карирани кошули. Сцената е сосема соодветно старинска, изветвена и сиромашна. Какви што и се оние кои што се занимаваат со проширувањате на границите на знаењето.

Во претстава ќе ве фасцинира токму тоа знаење, знаењето што го имаат луѓето кои читаат книги. Зад оваа претстава стои авторски тим од млади театарски професионалци кои знаат да прочитаат книжевно дело така за да тоа, колку и невозможно да се чини (што и самиот Господинов по премиерата го рече), биде „штоф“ за речиси подеднакво возбудлив театар. Драматургот Ивана Нелковска (1987) направила драматизација длабоко уважувајќи ја комплексноста на романот на Господинов, свесна дека секој избор од богатството на неговите линии што се испреплетуваат, е болен компромис, откажување од нешто не помалку потенцијално. Нејзината предлошка, прецизна во штрихот, на актерите им остава широк, ослободен простор за креација. За полетност, разиграност, возбудлива безгрижност, која ќе ја препознае секој кој имал привлилегија да го следи досегашниот театарски израз на Андоновски. Пркосно пробивање вон границите на ликот, (авто)референцијалност, кршење на театарската илузија со симпатична детска безобразност.

За кумановскиот ансамбл, оваа претстава е можност за одново раѓање, прилика за конечно расчистување со бесмислените репертоарни политики, стандард под кој не смее да се отиде. И тоа, актерите во оваа претстава без исклучок го препознаваат – некои како прилика за конечно ослободување, некои како преголем предизвик кој инхибира, некои како прилика за професионално растење… Горан Илиќ – Гиле е шармантен како скептичниот физичар кој не верува дека тагата може научно да се измери, но не и помалку уверлив како неутешниот син на мајката која „не се сеќава што јадела вчера, но се сеќава на војната“. Кети Дончевска – Илиќ искусно препознава дека оваа претстава е прилика повторно (детски) да си игра и тоа, на свое и на задоволство на публиката, го прави навистина добро.  Јасмина Василева ја допрела страста на Гаустин – пријателот кој постојано измислува креативни начини за преживување на скудните 90ти на Балканот. Нина Максимова, по редицата улоги на слатки или расплакани девојчиња, во оваа претстава одважно зрачи со автентична женственост која допрва сакаме да ја гледаме. Марко Трајковиќ својата задача во претставата ја препознава како прилика за нови професионални откривања и тоа посветено трагање е препознатливо во секоја негова појава. Симона Димковска, по неколкуте години активност на независната театарска сцена, за прв пат игра во професионална претстава во својот роден град и тоа го прави со таков жар и предаденост, што тој театар би требало да се погрижи да ја задржи во својот ансамбл како знае и умее. Александра Пешевска ја добила честа да ја затвори претставата онака како што само глумица од нејзин ранг тоа го може. На премиерата тоа не се случи, но Сашка во некоја следна изведба ќе го направи тоа со истата прецизност, интензитет и сугестивност со која ја изговара единствената реплика на мајката која не можејќи да го прехрани, намерно го заборава своето дете во мелинцата.

Со „Физика на Тагата“, Милош Б. Андоновски одважно зачекорува на сцените на институционалните театри. Оваа претстава е потврда дека начинот на кој тој мисли и делува во театарот, не е само свеж и автентичен, туку и посветен и знаечки. Неговата младешка самоувереност не е перчење, туку осмелување, спремно да се носи со последиците. Неговите избори и решенија се длабоко промислени. Неговто дело не му е доволно само по себе, тој инситира да го сподели, да го промисли одново и подалеку, во дијалог со другите, во меѓусебното разбирање. Зашто вистинското „јас сум“ е всушност „јас сме“.

На ваквите млади, учени автори, на нивното знаење, македонскиот институционален театар конечно мора да им даде простор, зашто само тие се надежта за негов опстанок и потврда дека неговото постоење има смисла.

fnt3

 


 

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius
Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

28.10.2018

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои ...