Комплексната осаменост на жената во 21 век

Кон „Хеда Габлер“ во режија на Иво ван Хове, Национален театар од Лондон

[ ]

Ибзен забележал дека насловот на оваа негова бесмртна пиеса го оставил како Хеда Габлер, а не како Хеда Тесман токму заради нејзиниот социјален контекст, бидејќи таа во неговата драма е повеќе таткова ќерка отколку Тесманова сопруга. Режисерот на оваа претстава, Иво ван Хове оди чекор понатаму – Хеда Габлер е следбеник на женскиот принцип во машкиот деструктивен свет. Секако дека сто и дваесет години после појавувањето на оваа пиеса светот не е ист и женскиот принцип има посигнификантна моќ.

HG1фотографии Jan Versweyveld

 

Имено, ван Хове Хеда Габлер не ја сместува во богатата вила во Кристијанија (денеашен Осло) каде се враќа заедно со својот проверено ерудитивен сопруг (но не и амбициозен научник) Георг Тесман, туку во клаустрофобичен урбан комплекс од каде што скоро да нема излез. Овој ингениозен режисер е познат по едноставните, но моќни визуелни координати на своите режии. Зошто започнав од извонредната сценографија на неговиот постојан соработник Јан Версвејвелд? Во оваа гама всушност се преформулираат сите ликови на Ибзеновата пиеса. Секако визуелно осовременета, оваа Хеда Габлер има млади ликови на своите доцни дваесетти и рани триесетти години кои се уморни од цивилизацискиот товар и кои се секојдневно тормозени од неадекватната „слобода“. Овој режисер концептуално тргнува од плодовите на веќе изборената слобода во родова смисла, што би се рекло дека она што во сјајната драматургија на Хенрик Ибзен значело револуција на женскиот принцип овде значи уморна летаргија од вакуумот што го создава неодлучноста во слободата на одлучувањето. Хеда кај Ибзен е уморна од интимниот младешки модус на одбирање на свој животен сопатник и веројатно под влијание на својот моќен татко (аристократски и енигматичен генерал) таа одбира врвен интелектуалец кој треба да и донесе убав живот. За жал денешното време ни донесе многу емотивно мртви бракови од интерес. Во тој пренатрупан живот со цвеќиња, алкохол, свила и загушен ерос, Хеда на Иво ван Хове на почетокот од претставата ја наоѓаме заспана врз пијаното, и со првата реплика таа се буди во една сосема релевантна состојба за Хеда во дваесет и првиот век – мамурна и нервозна. На оваа визуелно моќна констелација се придружува и генералниот режиски мизансцен – актерите влегуваат од страната на публика што е уште еден знак дека просторот е футуристички и дистописки затворен. Слугинката Берта за време на целата претстава седи на столица и ја набљудува Хеда. Единствениот поглед кон надворешниот свет е прозорецот со варио лајт ролетни кои се во поглем дел од претставата затворени, а на почетокот од вториот дел машкиот дел од екипата сосема го затвора и тој прозорец ковајќи штици врз него. Познатиот драматург Патрик Марбер не прави големи интервенции врз цврстата текстуална подлога на Ибзен, тој само успешно ги перпетуира сцените за претставата да добие сосема друг призвук и да отвори нови димензии на женскиот принцип во контекст на еродираниот брак во дваесет и првиот век.

Актерската игра е совршено експлицитна што потписникот на овие редови посебно го израдува. Нордиските автори се интровертни и мудри, а оваа концепција има многу силен еротски набој со оглед на тоа што многу продуктивниот и прогресивен во тоа време љубовен триаголник на Ибзен е драматуршкото јадро на оваа драма. Рут Вилсон има морничава и напати иронична експресија која за разлика од другите Хеди што сум имал можност да ги видам е доста модерна и внатрешно исклучително богата. Во оваа насока емотивните пасажи Рут Вилсон ги игра многу посветено и тие се своевидна експлозија. Експлицитните еротски сцени со Брак (Рејф Спал) и гневните соло сцени во кои сите ѕидови ги облепува со цвеќиња имаат призвук на родов преврат кој ескалира со оган запален на средина од собата каде се гори ракописот на Левборг. Во целата своја игра се чини дека Рут Вилсон најмалку обрнува внимание на љубоморните сцени, на самата нивна експресија. Одлично инструирана од самиот режиски концепт овие сцени оваа исклучително конвулзивна актерка ги одигрува со голема доза на горчлива иронија, всушност измешани чувства на разочараност и потсмев. Мајсторски одиграна улога која веројатно ќе остане како парадигма за Хеда Габлер во дваесет и првиот век. Но, сè уште има време, ние сме на втората декада, којзнае што понатаму ќе произлезе од анализите на женскиот принцип во уметноста. Кајл Солер како Георг Тесман е одличен кастинг на Хове затоа што овој актер делува базично ненаметливо што е концептуално доследно, но во таа насока тој гради мошне интересна улога на тивко анксиозен млад научник кому сопругата му бега од раце. Солер во својот актерски паноптикум одлично ја води угладеноста како интимно и вокално засолниште, нешто што тој успева доста умно да го растури во сцената на забавата. Многу детално воден лик со прецизен пан-дан на бурната Хеда. Интимно, она што ме плени во оваа претстава е мудриот тек на актерскиот израз. Сите актери, без оглед на големината на улогата знаат одлично да одиграат измешани чувства, еден благодет кој за жал ретко се сретнува. И тоа е случај со сите актери кои се одбрани со многу прецизен кастинг. Машкиот кастинг импонира со ликот на Брак, кој искусниот Рејф Спал (син на извонредниот Тимоти Спал) го води со рационална дистанца на ироничен мачо младич кој нема уште многу години за да почне да се смета за средновечен. Тој го користи секој момент разговорот со Хеда да го еротизира и тие сцени мизнасценски се френетични, сцени кои многу допринесуваат во динамиката на целата претстава. Всушност неговата еротски доста згусната моторика го истакнува депресивниот момент кај Хеда, моменти кои Рут Вилсон ги донесува многу бурно, но со емотивно натопена мимика и гестикулација. И кај двајцата актери физичкиот израз е најприсутен во интимните сцени. Но, да се разбереме, интимата во концептот на Хове е ефемерна категорија затоа што не смееме да заборавиме дека Берта е за целото време на сцена, така што херметичкиот контекст на Хеда Габлер во XXI век има конкретно воајеристичка компонента која со театарски јазик би се рекло дека е лежерна беневолентност пресечена со звукот на пиштолот. Хеда како генералска ќерка знае како со пиштолите, но не знае дека пиштолот еднаш во годината пука и празен. Така и претставата – изненадувањето е фрапантно иако треба да имаме во предвид дека во публиката би седеле доста од оние кои знаат како ќе заврши Хеда Габлер. Тикму таа дистанца на базично препознавање на содржината од основните реципиенти Иво ван Хове ја решава со интимни препукувања кои не се дишење во уво или во врат како што изгледаат болните интимни сцени во филмовите на Ингмар Бергман. Тој театарската номенклатура ја обогатува со блага дрскост, сегмент кој во драматургијата на Ибзен само се насетува. Овде, во оваа концепција тој е главниот мотор. Националниот театар од Лондон скоро во секој свој кастинг има по еден црн актер. Ејлерт Левборг во оваа пиеса го толкува талентираниот Чуквуди Ивуџи. Сјаен Левборг кој еротскиот аранжман во претставата го крева на повисоко ниво од она на Брак, а тоа е нивото на чиста страст. Токму во оваа концепција Иво ван Хове открива компонента која ја нема кај Ибзен, а овде е значајно присутна, тоа е триаголникот кој му го пресекува либидото на Брак и кој сосема го анулира кутриот Тесман и тоа конечно ќе биде цреша на шлагот во воинствената смртна пресуда на Хеда. Кастингот на Чуквуди Ивуџи изгледа пренасилен со неговата прва појава, но понатаму тој со својата весела експресивност отвора една гама на благ сексизам, страшен порок кој контрадикторно, но во овој век многу точно ја привлекува самата Хеда Габлер. Овие релациии стануваат ужасно комплицирани, но се откровение во третманот на оваа исклучително интересна психолошка пиеса. Режисерот во сцената на забавата многу умно ги разграничува тенденциите и влијанијата додека на средина од сцената недалеку од пијаното гори ракописот на Левборг. Сјајна сцена која делува по малку Бергмановски, како бура после напната тишина, но сепак таа е оригинална и антологиска.

HG2

Хеда Габлер е машка пиеса. И покрај тоа што се занимава со горлив женски проблем, таа во театарска смисла е машка пиеса. Занаетски кажано, освен Хеда, другите женски ликови не се многу експонирани. И покрај тоа што двете помали улоги (г-ѓа Елвстед и Берта) ги има многу повеќе на сцената отколку во пиесата, во режисерската замисла на Иво ван Хове, овие ликови имаат значајно помал простор од машките. Но, ова квантитативно-родово премерување не е причина овие две епизодни улоги да не бидат интересни. Шинејд Метјус како г-ѓа Елвстед носи еден навев на оптимизам во златниот кафез на Тесман. Всушност, овој оптимизам има горчлив вкус и еден друг вкус – вкусот на метал кога го добиваме кога имаме лесно труење во организмот. Така некако би се окарактеризирал односот и во дрматуршка и во концептуална смисла на оваа сјајна епизода на талентираната Шинејд Метјуз. Оваа актерка успева со својата микрокомична изразна палета успева да ги раздвижи длабоко потонатите страстни и еротски недоразбирања меѓу другите ликови. Интимно, Хеда би сакала да биде како неа, но самоуништувачкиот порив кој инаетливо го одржува не и дозволува. Берта е најмалата улога и многу малиот материјал во текстуална смисла Иво ван Хове го компензира токму со дистописката варијанта која ја наметнува оваа претстава. Претставите како оваа своите концептуални поместувања ги прикажуваат низ ликови, и тоа е за секое воодушевување. Берта е таа што ги координира интимата и тескобата во сите сцени од претставата. Таа е интимизирана со сите затоа што е сведок на сè што се случува. Дури и на самоубиството на Хеда. Ева Маѓар тоа го игра со одлична виздржаност и ако ме прашате мене тоа е прилично тешко да се одржува за време на двочасовното дејствие. Публиката ретко погледнува во неа, но нејзината присутност ја чувствува како атмосфера и Ева Маѓар тоа знае добро да го одигра.

Визуелниот контекст на оваа претстава е нејзината главна координата. Сместена во денешно окружје, Хеда Габлер на Јан Версвејвелд се случува во ентериерно недефинирана атмосфера, т.е. пијаното на средина од собата и скудниот мебел (само една мала софа на десниот ѕид и столица за Берта на левиот) оддаваат впечаток на сè уште невселена викендичка која кога би се средила би изгледала модерно и екстравагантно. Во оваа визуелно- знаковна партитура одлично легнуваат кофата со цвеќиња и огнот кој Хеда го запалува на средина од собата. Една метафорична катастрофичност која импонира со својата ненаметливост. На оваа своевидна суптилна готика и се придружуваат и едноставните костими на Ан Де Хујс (исто така постојан соработник на Иво ван Хове во неговиот театар Тнелгруп во Амстердам) со едноставни, но доста еротизирани решенија. Поддржувајќи ги воглавно темните бои и сивите елементи костимографката ги истакнува машките тела, но и женската еротизираност со лесната домашна облека на самата Хеда Габлер. Во оваа еротски потенцирана костимографија најсредено, скоро административно делува само Берта. Хеда Габлер на Иво ван Хове е претстава на тишина. Тишината има имплицираност на врева, на неподнослив звук, па така намерното отсуство на музичката илустрираност придонесува целата ригидност на оваа претстава да се препознае најмногу преку атоналните делници што ги прави Рут Вилсон на почетокот од претставата. Исклучително мудро решение достојно за почит.

HG3

Суптилниот аспект што го нуди Иво ван Хове како еден од највлијателните режисери на модерниот театар (добитник на Olivier и на Drama Desk Award – најпрестижните театарски награди во светот) отвора еден глобален однос кон новиот прочит на класиката во дваесет и првиот век. Генерално, тој успева со мали знаковни потези да ја прикаже насушната потреба од преформулирање на интимата како основен двигател во бракот за кој и самиот говори во едно интервју во врска со оваа претстава. Хеда Габлер е синоним за кризата на бракот во модерното време. Родовите турбуленции се чини дека го направиле своето. Таа во оваа претстава има сосема друг мотив за самоубиство од оној за кој пишувал Ибзен. Останува тие што го прочитале овој текст да го погледнат тоа и самите да го препознаат тој мотив. Во себе, интимно.

 


 

 

 

 

19.02.2018

Национален театар од Лондон Режија: Мариан Елиот Главни улоги: Ендрју Гарфилд, Расел Тоуви, Нејтан Лејн, Дениз Гау, Хана Пит, Џејмс МекЕрдл, Нејтан Стјуарт-Џарет, Стјуарт Енџел, ...

06.02.2018

Ибзен забележал дека насловот на оваа негова бесмртна пиеса го оставил како Хеда Габлер, а не како Хеда Тесман токму заради нејзиниот социјален контекст, бидејќи ...