Парадигматичното детство на близнаците

кон збирката раскази „Како растеа близнаците“ од Милутин Ѓуричковиќ

[ ]

Феноменот на близанците е исклучително предизвикувачки кога се во прашање уметничките родови, особено книжевноста. Збирката кратки раскази од автобиографски карактер на познатиот српски книжевник и професор Милутин Ѓуричковиќ насловена како „Како растеа близнаците“ отвора духовита гама на развојот на двајца близнаци од нивното раѓање па се до нивното прво образование. Духовното поврзување на двајцата близнаци кои внесуваат збунетост кај целото семејство уште со нивното раѓање носи еден навев на мит кој со својата урбана доследност оцртува карактеризација не само на ликовите, туку и на местата каде што се случуваат сите настани поврзани со нивниот развој. Имено, двајцата браќа кои после голема недоумица на сите членови на семејството конечно се наречени Милутин и Милан, пребродуваат низа од ситуации кои со себе повлекуваат едно чувство на пријатна чудност, поточно, ситуации кои со својата оригиналност ве наведуваат да си спомнете на тоа дека би посакале и вие да имате такво, несекојдневно и интересно детстсво. Оваа тенка, но мудра книга ја краси токму живата и сочна интерпретација на она што значи детство, но детство кое не е исто како  на секое дете – ова детство има една неодминлива и парадигматска речитост и легендарност. Речетост, затоа што вербалната фундираност на сите настани му подарува на читателот компактност која плени, а легендарност затоа што сите доживувања се својствени само за тие палави близнаци кои го живеат своето детство како тоа никогаш да не ќе заврши.

 

mg-krb

Милутин Ѓуричковиќ, кој е плоден писател на поезија, детска проза, есеи, составувач на голем број на антологии, наградуван со голем број на награди и член на Српската кралска академија во ова дело не му приоѓа со широки описи и дијалози. На нешто повеќе од педесет страни тој ги води близнаците (од кои едниот е самиот тој) низ животната филозофија на начин кој е својствен само нему – низ примери кои се излезени од јадрото на животното искуство. Така неговите Милутин и Милан ги запознаваат и „книгите“ и „шахот“ и „автомобилот“, како и нивната интегрираност во семејството, но и животната филозофија низ до крај доживеани настани кои оставаат есенцијална трага во нивните битствувања, т.е. ги започнуваат своите животни искуства со една вистинска етичка и морална определеност. Овој писател многу мудро ги избегнува априорно определените заклучоци за основните морални вредности и токму затоа е оригинален во своето дело. Тој на своите главни јунаци им отвора ситуации каде тие се инволвирани како актери кои самите ќе ги дооформат и на тој начин самите ќе дојдат до посакуваните заклучоци. Затоа, ова дело е едно поинакво креативно и едукативно уметничко битие кое треба без премислување веднаш да се прочита. Хуморните катализатори во репликите и во наративите на овие извонредно интересни кратки раскази се вистинската врска меѓу двата најважни караткери и читателската фантазија совршено кореспондира со целата структура на книгата.

Милутин и Милан го составуваат мозаикот на парадигмата наречена „детство“ со својата силна елоквентност и надополнетост. Овие близнаци се исти само визуелно, но не се исти во сите свои пориви. Тие своите детски денови ги минуваат во отворање на прашања кои се од животна важност така што идиличната средина на семејството се изместува на еден лесно ироничен начин кој совршено конвенира со модерното сфаќање на денешниот семеен механизам. Едниот од близнаците е подинамичен, а другиот помисловен тип. Овие базични карактеристики всушност ги генерираат и сите други настани во нивното најблиско окружје кои авторот ги модифицира во една органична структура каде се вгнездила една микроцивилизација овенчана со аура на безрезервна допадливост.

Оваа збирка на раскази завршува онаму каде што веројатно би требало да почне со некоја следна книга – во зачекорувањето на близнаците во едукативните води. На Ѓуричковиќ потребата да се осознае светот и рационално и емотивно, и практично и тактилно, се слева во една длабоко мотивирана колоратура од митски делници кои ја рашируваат сознајната природа во една несекојдневна родова релација на браќа близнаци која е, пак, од друга страна крајно инвентивна затоа што е чекор понатаму од детските книги кои третираат настани од детството на обична семејна шема на три генерации – мајка, татко, син, ќерка и баба (или дедо). Концептуализирајќи го ова епохално дело кое како алхемичка тинктура која што се чува во мало шишенце го има во мал број страници, Милутин Ѓуричковиќ не потсетува на едно недосонувано, недоиграно, детство коешто, читајќи ги овие редови сме го искусиле, но го имаме чувството дека не сме го искусиле доволно и повторно сакаме да се вратиме во тој период од животот. Една слатка достага која се претвора во толку силен впечаток што кога ќе ги затвориме страниците помислуваме дека за момент сме влегле во таа маѓија на откривање на светот околу нас и на борба со контрадикциите што ги носи ововременската цивилизација.

Збирката раскази „Како растеа близнаците“ на Милутин Ѓуричковиќ е преведена на повеќе од триесет јазици што е уште еден доказ дека ова дело има интернационално обележје. Духовитиот амалгам и релистичкиот третман на почетокот на животниот пат на близнаците во едно класично српско семејство ја вивнаа оваа книга во меѓународни води правејќи и место во пантеонот на литературата како еклатантно книжевно дело.

 


 

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius
Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

28.10.2018

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои ...