Како Готра си го врати името и продолжи да го носи бремето на „аиодосот“ и балканските гуслари

кон концертната промоција на „Тешкиот глас на новите химни“, соло албум на Горан Трајкоски

[ ]

И тоа бидна! Се случи во петокот, 15 декември 2017 година! „Тешкиот глас на новите химни“ се породи и концертно се претстави пред публиката. Излезе од утробата на „Младинскиот културен центар“ – Киното Фросина и гледајќи од оваа перспектива наназад, тое беше и најлогичното место, бидејќи МКЦ беше материцата од која, пред повеќе од триесет години, се раѓаше македонскиот анти-естаблишмент рокенрол, авангардната музичка сцена и култура воопшто. А, Горан Трајковски е еден од клучните втемелувачи на оваа култура, ако се земе во предвид дека неговото авторско портфолио е создавано низ Сарацени, Афективен Набој, Падот на Византија, Мизар, Апореа, Анастасиа, но и како автор на филмска и театарска музика.
Мене ми требаа неколку дена за да расчистам со впечатоците, да оставам тие да слегнат, да го преслушам повторно неговото творештво, да размислам и да можам да ги склопам коцките за да ги напишам освртот кон овој концерт низ следните неколку реда.

GT-F2фотографии: Зден

 

 

И ако мене ми требаа неколку дена за да ги напишам овие редови, имајќи го на ум се она што Горан Трајковски го создал и го споделил со публиката, на ум ми паѓаат прашањата за времето и предизвиците со кои се соочувал кога размислувал и го создавал албумот. Можам само да претпоставам низ што се тој минал и што се му требало да остане автентичен и истовремено да биде нов, соочувајќи се со предизвикот на неговиот авторски багаж во процесот на создавање на неговиот последен соло албум за кој тој самиот вели дека при создавањето имал амбиција да создаде албум со гитарски, рок призвук. Претпоставувам дека најголемите битки ги водел во обидите да се врати назад, на неговите почетоци и притоа да создаде современ цврст звук и израз кој нема да го поништи она што го создал подоцна во неговата кариера и притоа ќе комуницира со старата но и со новата публика.

 

Истите предизвици најверојатно ги имал и при подготовката на овој концерт.

А на концертот претстави и покажа дека создал современ цврст пост-панк рок израз, организиран во форма која истовремено дозволува ретро пасажи и современ звук, претставен низ темната и меланхолична боја на бас гитарата, едноставната но интригантна ритмика, наизменичните бранови на едноставните, нежни, традиционални и византиски вокални мелодии, жестоки гитарски рифови и уште пожестоки текстови, па се до мудрото и недозирано користење на електронскиот звук. Со тоа Горан се поигра со времето и неговото линеарно течење и успеа за време на концертот да ги постави минатото, сегашноста и иднината како три димензии кои постојат во мигот пред нас и општат паралелно нудејќи ни ја неговата сеопфатна вредност и смисла – вечноста.

Концертот го отвори „Знам дека еден ден“, песна на „Падот на Византија“ создадена во 1985, која иако аранжмански преработена, како и тогаш така и сега е соодветна на времето и звучи торжествено и потресно. По неа следуваше „Глас од татковината“, песна која во своите строфи го содржи насловот „Тешкиот глас на новите химни“, за по неа да следува и целиот албум со кој се затвори првиот дел на концертот. Отсвирените песни од „Тешкиот глас на новите химни“ не пленува поради својата супериорност и виртуозност на изразот, иако имаа интересна структура и невообичаени премини меѓу деловите на самите песни. Тие пленуваа со својата хармонска едноставност и напати ја нагласуваа свиречката несовршеност, со што и се потенцираше пораката на фаличноста на она што го живееме.

Во вториот дел, следуваа песни создадени во времиња кога Горан работеше со други групи и музичари. Се отсвиреа „Армакедон“, песна создадена од Мизар, „Гори Скопје“ и „Премин“, песни на Анастасиа. И овие беа аранжмански преработени и ускладени со клучните музички изразни средства присутни на „Тешкиот глас на новите химни“. Додека „Армакедон“ остана верна на својата естетика, „Гори Скопје“, песна од албумот „Мелургија“ и „Премин“ од саундракот на фимот „Пред дождот“ ги немаа своите препознатливи белези на повеќеслоен, традиционален, епски и напати електронски карактер, присутен кај Анастасија. Тие беа препакувани во погитарски аранжмани кои многу умешно општат со целината на вокалните делници кои и останаа верни на традиционалното и византиското пеење.

Она што е значајно да се каже дека на концертот му успеа да искомуницира со публиката како целина составени од важни засебни делови (песни), исто толку вредни како и целината.

Контактот на Горан Трајкоски и на музичарите кои му обезбедија поддршка со публиката (Сецко, Мите, Новоградска, Благоја и Петар) беше размена на емоции создадени од музиката и текстовите кои ја документираат реалноста која ја живееме – општество кое духовно и физички е до тоа ниво загадено што почнува да се распаѓа. Концертот со тоа беше и дијалог на публиката со пораките на албумот кој започнуваше со секоја нова песна и продолжуваше како дијалог со самиот себе во тешката и длабока тишина на паузите меѓу песните. Во тие моменти, естетската, духовната и идеолошката димензија на песните се дробеа и се процесираа низ душата, правејќи брза разговор на тоа што ни се случува меѓу продолженото ехо на секоја завршена песна и отчукувањето на срцето на присутните.

И самиот концерт како и албумот беше темен и интроспективен и Горан Трајковски со него ја постигна сопствената цел – преку текстот, аудио и визуелните средства, и испишаните пораки да ја отслика реалноста на светот и општеството, гледано низ неговите очи. Токму заради тоа, најверојатно, не му било ни битно дали албумот и концертот ќе ни се допадне и дали ќе ги прифатиме неговите погледи. Пeејќи ја таквата реалност, песните можеби напати звучеа мрачно и тешко, дури до степен на неподносливост и неугодност која гуши но и обврзува. Но, пеејќи за реалноста, Горан пееше на мета ниво за вистината – за љубовта и човекољубитето и за тоа дека злото и гнасотијата можат да бидат погубени само преку убавина која исполнува и ослободува.

GT-F1

Има уште нешто кое јас лично го доживувам после овој концерт. Имено, некаде кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, кога Анастасиа започнува поинтензивно да се занимава со електронскиот звук, Горан добива и прекар Готра со кој како да се сакаше да се потенцира и неговата ролја и придонес кон современиот македонски електронски музички израз. Отсекогаш сметав дека прекарот Готра делумно ја оддаваше полнотијата на творечкиот карактер на Горан Трајкоски, фокусирајќи се единствено на неговото искуство како автор на електронска музика. Овој концерт го доживеав како место и време во кој Горан си го поврати името и со тоа си ги поврати и усогласи сите свои капацитети и слоеви на креативност, оти пред сè тој е неделива синергија на музичар и поет во исто време.

Ете тука, и од тука, документирајќи ја реалноста, а пеејќи за вистината, Горан повторно ја презема улогата и бремето на „аоидос“ – пра-поетот од пред хомеровскиот период и таткото на балканските гуслари, кој својата поезија ја пее и свири, а притоа пеејќи ги осликува, ги слави, опоменува и критикува различните собитија и личности низ еден згуснат и синкретички израз.

Поигрувајќи се со времето, тој на уметнички начин ни ја покажа уште еднаш неговата вечносна димензија, ни покажа дека аиодосот и гусларот не завршиле на прашливите полици на историјата туку се актуелни и во ова наше време кога јавето се измеша со виртуелното. Тој и во иднина ќе биде без „перис“ на уста и на нему својствен начин, низ нови химни ќе и пее на Вистината, секогаш сликајќи го времето кое го живееме, сакале ли тоа ние да го чуеме или не, го разбирале или не, се согласувале ли со него или не.

Останува уште и надежта дека промоцијата на „Тешкиот глас на новите химни“ нема да остане на еден концерт. Сепак, постои уште публика која заслужува и треба да се соочи со едниственото искуство на концертно доживување на албумот и неговите пораки.


27.05.2018

Револуцијата си ги јаде децата. Ништо ново, на ниво на историско сознание, би рекле. Но, кога сте биле дел или сте сведочеле за една таква ...

Идеалистичко патување низ анархистичка Русија

21.05.2018

Кон првиот дел од трилогијата „Брегот на Утопија“ (Патување), Берег утопии. Часть 1. Путешествие, од Том Стопард во режија на Алексеј Бородин, во изведба на Рускиот ...