Фред, јас ти се поклонувам

кон концертот на Fred Frith во Македонска филхармонија

[ ]

Можете ли да замислите концерт на кој никој не гледа во мобилните телефони во некаков објект којшто наликува на вселенска цицка, или подобро опишано на модул од Одисеја 2001? Интересно, бескрајно интересно. Да го заборавите Скопје како извор на вулканско-провинциска магма, Скопје коешто има трпеливост и учтива скромност? И Скопје со превртени галии, некакво уште поново Скопје во кое нема место за галии и селско-перверзни игри? Хмм, деликатнa дилема.

FF Zden 2© ЗдеПе

 

Во очекување на концертот се испитувам за сите гитаристи коишто ми оставиле најсилни впечатоци покрај омилените ми Robert Fripp, Gabor Szabo, Jerry Garcia, Jeff Beck, тука спаѓа некаде ексклузивниот Randy California од Spirit, John Cipollina од Quicksilver Messenger Service; преостануваат уште неколкумина кои за мене прават посебна вибрација и волшебност. Тоа е Fred Frith. Всушност Фред и не спаѓа во онаа класична категоријата на гитаристи, тој е во сосема друга сфера. Тој е повеќе како некаков свештеник или радијатор на симфонии што се просто неповторливи. Единствен кај нас кој е донекаде споредно најблизок е свирачето Владимир Лукаш, со сличен начин на размислување: експериментира-пронаоѓа, има желба да игра со инструментот како мало дете. Сепак, Фред е визард, макотрпен работник и посветеник на звукот, маверик на индукцијата и космогонијата споена со оностраното на музиката и животот (ако сакате). Тој е како генериран медитативен фидбек, креација на софистицирани звуци. Единствено музичар од класата на Фред може да ги протне сите тие првенствено загрижувачки нотни виулици низ ушите на слушателот. Духовното и мелодијата одат заедно, рационализацијата и вибрацијата се консонанти во чудесниот звучен калеидоскоп, има тука цели вселени за истражување.

Импровизацијата сепак не е шега, во неа е вткаено големо искуство, експериментирање и познавање на сите технички можности на звукот и визијата за истиот. Фред е исто така предавач на Милс колеџот во Калифорнија и некогашeн гитарист на англиската авангардна рок група од крајот на шеесетитте – Henry Cow. Музиката не секогаш е предвесник на епикурејското воспевање на задоволствата, исто како што истражувањето на непознатото не секогаш може да биде пријатно. Фред игра помеѓу интелектуалното, импровизацијата и виртуозноста на сосема невообичаен начин.

Едвај дочекав да се оддалечам од оваа културна сиромаштија и снобовски инструирана сцена во која единствено името на изведувачот одвреме навреме предизвикуваат некаков интерес. Локацијата на концертот во Македонската филхармонија – Мала сцена. По Влатко Стефановски, акустиката е одлична. Малата сцена е навистина топло акустична, во исчекување на радијацијата, се чувствувам како да се потопувам во одливните води на Фукушима, во озрачената сонливост на звуците, како во оној миг додека радијацијата трае а сè уште некако е поднослива. Фред нормално излегува бос на сцената и започнува со еден вид ритуално четкање на инструментот. Звук кој навестува некаква апокалиптична драма. Добивам илузија како да сум на предавањата на Terence McKenna, во некаква капсула со осет на мисловна изгубеност – зен состојба. Гледам како неговите голи стопала пенетрираат во разните педали и на мигови дури и по самиот под. Да се доживее Фрит е како некој да присуствува на некаква загадочна оркестрација, нешто слично како патување во воидот на себевнатрината, а со тоа во прасостојбите-прапостоењето. Тој го третира инструментот како пијано-платно-ритам-машина-работилница-чевларница-лабораторија-оркестар, едноставно знае што проектира. И сето тоа е поставено во совршена рамка. Вие не слушате гитара туку цела една симфонија од звуци-оркестри, во таа чудесност на фидбеци и магнетни вибрации-загетнувања-отпуштања на жици и месмерички прецизни поврзаности сè е на своето место. Ова го можат само најдобрите.

FF Zden 4

Сега веќе тежината на политичката трагико-шегобијност и самата архитектура на објектот за мене повеќе немаат никакво значење. Звучното циркулирање е совршено, испреплетеностите на ехата ме принудуваат за сето време да бидам насочен и да ги следам движењата на босоногиот Мајстор. А како да сето ова не е доволно – следи вокално надополнување, зрнкаат мали зрнца по жиците, сè лета, сè се движи околу него. Дали е овој човек будистички свештеник? Каков текст би го опишал овој настан? Дејствијата се одвиваат како во некаков расказ во кој е опишано целодневното подготвување за да на крајот заврши со самото доживување. Повторно неколку брзи стаката и јапонска ѕвонливост, па патување, во умот – низ умот до вселената и надвор од неа? Прилично комплексно. Но сепак течно како водите околу Фукушима, сферично радијантни. Мала, но прекрасна публика, никој не разговара. Како да сте сместени во миракулозна шаманска пештера-добивам сензација во еден миг. Гласови на жив човек којшто мрежи цела една структура на движења и звуци, летаат штипки по жиците, глисанда-кантички-пепелници-резонантни метали, завртки, се вртат хебрејски дрејдели на тепсии. Фокусирано приметувам дека дури и грешката – излетувањето на една алатка, поточно еден штрафцигер кој паѓа на подот и се врти околу оската, совршено додека музиката непрекинато трае. И… светлата се гасат, мина еден прецизен час.
Знам дека е готово (мора да е готово), станувам и ракоплескам додека сите чекаат повеќе. Сцена број 2 – Се палат светлата и концертот е веќе минато. Веќе минато… како во бајка. Тие што беа присутни, можеби очекуваа бис? Или што е важно кој што очекувал? Сакав да пратам порака: Фред, јас ти се поклонувам. Посакав да му поставам и неколку прашања, повеќе за животот оттколку за музиката, за контролата на нештата, за езотеријата на звукот. Така вознесен излегов пред објектот и гледав во дождот… или се обидував да го пронајдам хоризонтот на Токио.

Ете вака ја завршив ноќта, исполнет со нападна просветленост, со чувство на лесна збаталеност-насобраност-блага нилска треска. Или накратко, со некаква силна желба за интергалактичка симбиоза. Не знам дали ви пишував за вистината (којашто е повторно полна со трикови) но, поминав совршено време, токму тоа. Совршеното време коешто не познава совршено невреме. Заталкувајќи по пространствата на симболиката на ништозноста, поминав еден совршен час медитирајки заедно со чудовишниот Фред Фрит , тоа е нешто нели.

На излегување од објектот некој исто така приметува дека зградата е авант-градна. Каков совршен лапсус. А зошто да не: сите брда се гради-фалуси-аномалии, сите колиби, сиот универзум е едно вселенско Токио па дури и Скопје, ако повеќе ви се допаѓа. И така се стигнува до Итака. Сè се вцицува во волшебноста на градите и постоечката вибрација на орбитите на планетите – теченијата на речните созвучија. Врне, а галиите како сенишни алегории се замаглуваат во мојот видокруг.  Попат, еден од посетителите ми укажува дека многу мал број луѓе го знаат сето ова. Кое? – го прашувам. Музикава – вели. Убаво – му одговарам, ти знаеш и неколкумина на планетава, зарем не е тоа прекрасно?

 

 


 

27.05.2018

Револуцијата си ги јаде децата. Ништо ново, на ниво на историско сознание, би рекле. Но, кога сте биле дел или сте сведочеле за една таква ...

Идеалистичко патување низ анархистичка Русија

21.05.2018

Кон првиот дел од трилогијата „Брегот на Утопија“ (Патување), Берег утопии. Часть 1. Путешествие, од Том Стопард во режија на Алексеј Бородин, во изведба на Рускиот ...