Каде се кријат новите Мастодомци?

кон „Кралот на Бетајнова“ од Иван Цанкар во изведба на Југословенско Драмско Позориште

[ ]

Кралот на Бетајнова“ режија: Милан Нешковиќ, улоги: Ненад Јездиќ, Војин Ќетковиќ, Никола Ракочевиќ, Милена Живановиќ, Анѓелка Симиќ, Небојша Миловановиќ, Михајло Јанкетиќ, Мина Обрадовиќ

 

Цанкар има извонредно изострен осет за добро исконципирано насилство врз душата. Тој скоро во сите негови пиеси (а и во прозните дела) рецептот за совршена индигнантност и духовна пропаст ја процесуира преку материјалната девастација. „Кралот на Бетајнова“ е негово круцијално дело кое се занимава со искривеното огледало на социјалната истоштеност. Оваа пиеса ја пишува на почетокот од дваесеттиот век кога класните диференцијации се огромни и материјалниот статус совршено се вклопува во политичката клима што, за жал е и денес присутно во една епски сурова форма. Верзијата на Југословенско Драмско Позориште на овој најпрепознатлив текст на Иван Цанкар во втората декада од дваесет и првиот век го докажува токму тоа – дека суровоста нема крај и дека нејзината поетика е заканувачка. Премиерата на ова дело беше на 3 април, на денот кога овој иманентен театар ја славеше својата седумдесетгодишнина од своето постоење и тоа со истиот текст со кој во далечната 1948 година ја подигнал својата завеса. Во една крајно интимна атмосфера, без големи помпи и камбани, овој исклучително сигнификантен театар во европски рамки својата значајна годишнина ја прослави со најдоброто што можел – со одлична театарска претстава.

KRALJ-BETAJNOVE-foto-Nenad-Petrovic© Ненад Петровиќ

 

Милан Нешковиќ во своето интервју во врска со својот концепт говори дека ние „живееме во свет не лицемерие и дека маскираме се што е општо добро, како и дека имаме потреба за одмазда, но ја маскираме и неа.“ Конкретен и режиски доследен, овој млад режисер ги отвора темните коридори на суровоста, на безличноста и неемпатичноста како што исто истакнува. Оваа претстава се случува во ововременски бесчувствителен паноптикум со исклучително голема доза на пластика и метал. Лажни фасади и во визуелна смисла. Богатата хациенда на Кантор е коридор на осамата со конкретни елементи кои импонираат. Дејствието се случува во три дена, во еден  викенд што имплицира на една временски компримирана хипокризија која продуцира остра динамика и одлично извајани ликови. Она што импонира кај овој млад режисер е неговата чиста посмодернистичка примисленост. Сцените се режирани крајно доследно и компактно, а генерално концептот има своја филозофска ориентација, а тоа е нихилистичкиот пристап кој отвора нови пори и слоеви во овој парадигматичен текст на Цанкар. Претставата изобилува со сурови сцени како што е долгата сцена на давењето на младиот Макс Крнец, сцена која во текстот се случува надвор од сцената, како и неговото чистење од самиот дом на Кантор со помош на Надзорникот. Тука се исто така и летаргичните љубовни сцени меѓу Кантор и Хана, како и крајно еротизираните сцени меѓу Макс и Францка. Во оваа социјално-политичка трагедија Нешковиќ влегува со чиста перцепција – не ја напушта животната радост, но ја задушува во рамки на ововременската провиниенција одлично превртувајќи ја реториката на Цанкар во денешни констелации. Во таа гама се движат и сите други ликови, а и драматуршки прекомпонираниот трет чин кој го води Надзорникот, лик кој ги оцртува рабовите на овоременските мастодомски милјеа зазвучува морничаво, особено искарикираната сцена на иследувањето на Кантор која на моменти добива и персифлажен карактер. Оваа конципираност има доследност на една поетика на Урсула ле Гвин иако таа пишувала научнофантастични романи. Благо поместените ликови кои влегуваат во жлебот на ововременските социјални превирања носат еден здив на блиска катастрофичност, здив кој додека ја гледате претставата ви дише многу блиску зад вратот. Оваа претстава има и една, би рекол, филмска калиграфија, еден филмски реципроцитет на основното дејствие кое го напишал Цанкар. Сцената во која Кантор го задавува Макс Крнец започнува со еден slow motion, една мизансценски многу умно решена ригидност која нема амбиција да стане начин на мислење, но доста успешно ја екстензира визурата на најдраматичниот дел од претставата. Затоа и ја споменав Урсула ле Гвин. Затоа што нејзините ликови имаат повремени ступори кои не се психолошки нијансирани, но се дел од свет сам за себе, и тоа Нешковиќ добро го вклопува ставајќи ја Хана да го гледа самото давење на Макс без ништо да направи. Таа линија на неотпорност носи една футуристичка ремарка на целата претстава, но тоа не е толку доминантно затоа што актерските остварувања се фантастични и тие ја разгрануваат реалистичката компонента која е повеќе од неопходна.

Ненад Јездиќ го одигра Кантор на дваесет и првиот век. Одлично извајан мастодомец со лирски контекстуализирана хипокритичност. Неговата реторичност е неверојатно добро  транспонирана во денешно време. Тој има длабоко доживеана „хуманистичка“ глазура која е добро оркестриран антипод на неговата еклатантна суровост. Не случајно режисерот го скратил едното дете во кастингот. Овде, во оваа верзија на „Кралот на Бетајнова“ го нема најмалиот Францељ, тука е само Пепчек кој е еден и единствен генеалошки наследник на криминогеното наследство на Кантор. Единственото дете кое му го родила Хана и нормално, денес, во овие социјално-економски услови нема би му родила уште едно. Мафијашката маска во држењето на Јездиќ како Кантор има апологетско значење затоа што тој актерски игра многу мудро, сите густи реплики ги пласира со одлично скроена галантност. На таа контраверза тој генерално го гради целиот лик и тоа делува ингениозно. Ненад Јездиќ со Јожеф Кантор направил улога за паметење. Неговите сцени со Макс и со Францка се пример на доследно одиграни сцени со силен актерки инструментариум но, од друга страна и антологиски, за вечно театарски паметење.

Во оваа мастодомска историја многу е интересен ликот на Макс Крнец кој го толкува талентираниот Никола Ракочевиќ. Овој лик во ваквиот концепт не е идеолошки конвергиран. Тој со својата игра совршено добро покажува дека животот од нас е многу посилен и материјалниот крах е евидентен, додека неговото единствено оружје – атрактивноста, не е доволно да се успее во животот, посебно кога ќе се појави чудовиште кое направило се за од корен да ти го уништи. Со својот младешки изглед и еротичноста која ја пресликува врз Францка, Ракочевиќ овој лик го игра во добро осмислена конвулзија. Овој млад актер има некоја вродена бунтовност која во овој лик е и тоа како продуктивна. Неговата енергичност не е околност на ликот, тоа е добро оркестриран карактер кој останува во сеќавање. Посебно се сигнификантни неговите сцени со Францка и со Кантор во кои ја отелотворува целата логика на социјалниот распад инициран од наметнатата суровост на Кантор. Овој млад актер има неверојатно широк дијапазон и Макс Крнец е негов лик кој остава неизбришлив впечаток.

Двата женски лика – Францка и Нина во оваа концепција на Милан Нешковиќ како да се повторуваат. Имено, Милена Живановиќ ја одигрува Францка со за нијанса поголема еротизираност заради нереализираната љубов кон Макс, додека тивката и повлечена Нина на Мина Обрадовиќ има една непотребна ненаметливост. Нина е можеби најдевастираниот лик во оваа пиеса и покрај емотивниот набој на оваа актерка сепак ми фалеше една поголема експонираност. Милена Живановиќ понесена од самата емотивност на текстот излегува помалку во преден план, но сметам дека овие ликови требаше да имаат семантични поширока диференцијација.

Стаменоста на Жупникот во интерпретација на Војин Ќетковиќ има еден современ призвук на религиските чинители на ова денешно општествено окружје кои се повеќе зачин отколку есенција. Тој сосема коректно вирее меѓу тортата и виното и би рекол дека неговите тиради имаат повеќе функционална вредност отколку актерска бравурозност.

KRALJ BETAJNOVE, foto Nenad Petrovic14KRALJ-BETAJNOVE-foto-Nenad-Petrovic15

Она што импонира во овој доследен концепт на Нешковиќ е ликот на Надзорникот кој со голем осет го толкува Небојша Миловановиќ. Ликот кој кај Цанкар го има во само неколку реплики овде е добро осмислен лик на соработник на Кантор кој знае добро да исчисти зад него и едноставно да „среди“ сè. Дури и сите оние ликови кои се појавуваат во третиот чин меѓу кои и судијата се инпрегнирани во овој одлично смислен и одигран лик. Се присутен и импактен, овој Надзорник не е само функција, туку и епизода која предупредува.

Кога сме веќе кај епизодите многу ненаметливо, но длабоко присутен е стариот Крнец во интерпретација на маестро Михајло Јанкетиќ. Вистински пример како голема актерска фигура прави незаборавен лик од само неколку реплики. Ликот на уништениот татко на Макс, Јанкетиќ го игра со една натопеност од тага, од очај и депресивност, но како и секој маестрален актер тој знае како и до каде да ја пласира својата експресија. Секоја негова изговорена реплика беше енергетски надмоќна и со секоја негова појава овој лик, иако драматуршки тенок, тој  растеше. Маестрална беше и Јасмина Аврамовиќ во улогата на Лужарова, сиромашната жена на работникот кој дигнал бунт во империјата на Кантор. Имено, опасниот од на режисерот кон позитивниот псевдо-натурализам во моментот кога во тежок очај овој лик се полева со бензин и пали запалка за да се самоубие како по малку да го губи тлото под нозете. Но, ваквите сцени во кои е вклучена и сцената на лудило на Нина ги решава со премостување на сцената кон реалитетот на публиката предизвикувајќи ја временската дистанца со чист театарски јазик. Тие потези се дискутабилни, но тој е млад режисер и логично е да остава прашања зад себе.

Добар впоечаток остава и младиот Вучиќ Перовиќ, актер кој епизодната улога на Франц Бернот, ветениот маж на Францка го игра со еден доста допадлив манир на инфантилност што е уште едно позитивно поместување кога е во прашање Цанкар во дваесет и првиот век.

Цанкар во дваесет и првиот век го слушаме и во ехото на визуелниот контекст на оваа претстава. Сцената е ентериерно богато дизајнирана резиденција кој елементарните три ѕида ги проредува со врати што се користат интензивно и  мудро. Таа резиденција станува сосема непотребна на крајот од претставата и затоа сцената се претвора во гробишта, а актерите се кукли кои надзорникот ги зема во раце и ги носи на просцениум. Кобен излог кој е кода на сценографијата на Весна Поповиќ за што искрено ќе потенцирам дека е доследна и исклучително талентирана. Но, режискиот концепт во својот визуелен јазик сосема компатибилно го надополнуваат и костимите на Билјана Гргур кои се движат во темна палета, би рекол обрабени со дречливи бои и тоа импонира. Има во оваа костимографија една наместена конвенционалност што плени. Тоа се, на пример дречливите бои на чевлите на Жупникот, како и  потенцираните бои (сина, кафена) кај костимите што треба да означат сиромашни карактери. Убава е и импресивна таа метафоричност во дефинирањето на социјалните разлики низ костимските решенија.

Музиката и вокалот на Ана Ѓорѓевиќ навестуваат една меланхолија која и тоа како ни е потребна додека ја гледаме претставата. Оваа концепција мора да кореспондира со некаков далечен копнеж кој Цанкар го става само меѓу редови.

Конечно, Нешковиќ навистина го постави есенцијалното прашање, а тоа можеби би го поставил и самиот Цанкар кога би живеел денес – каде се денешните Мастодомци? На почетокот од дваесеттиот век тие криминалното богатство го чуваа со религискиот и општествен систем кој се претопувал еден во друг. Оваа концепција ги отвора отровните камари на злото кое се симнало одозгора меѓу луѓето. Многу во неговата режија се потенцијални Кантори – Надзорникот, Бернот, Францка, па дури и малиот Пепчек. Размислувањата после претставата водат кон тие патишта, а јас дефинитивно мислам дека публиката ќе побара варијанти во оваа богата претстава. Можеби Мастодомците го креираат новиот светски поредок, така ни вели Маргарет Атвуд во „Приказната за слугинката“, а оваа сјајна претстава на ЈДП не предупредува добро да погледнеме околу себе кога ќе ги правиме важните потези во животот.

Апотеза на моралната дисторзија
кон „Мизантроп“ во продукција на Комеди Франсез

05.08.2018

режија: Клемен Ервиен Лежер главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала   „Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, ...

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...