режија: Клемен Ервиен Лежер
главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала
„Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, останува да виси во жанровските определби. Дали е тоа комедија? Дали е соодветно кога преведувачите ги објавуваат новите преводи да напишат под нејзиниот наслов – комедија. Суптилноста во жанровската определеност има филозофски преднак и дилемите се далакусежни, но многу инспиративни како што се случаите со морализаторските „комедии“ на Пирандело. Есенцијалната конгруентност на овие двајца автори сигнализира на третманот на реториката во театарот. Имено, комедијата подразбира генерално смешни (духовити) сцени кои потекнуваат или од карактери или од ситуации. Трето нема. „Мизантроп“ има силна трактатска густина и тука жанрот е прилично засрамен затоа што ваквите дијалошки форми едноставно немаат определеност и носат специфика која одделувајќи ги од сцената на контраверзен начин стануваат голем предизвик за неа.
ф: Brigitte Enguerand
Најновата верзија на „Мизантроп“ на Комеди Франсез е иновативна затоа што во својата реторичка густина успева да инпрегнира голема колинична на емоции и да ја направи од оваа пиеса сериозен драмски текст. Иако публиката на повеќе пати се смее на сочните и духовити вербални гегови во првиот дијалог меѓу Алсест и Филент, како и во сцената со недоделканиот Оронт, овој „Мизантроп“ е длабоко доживеана болка заради распадот на современиот морален систем. Двете најважни релации на оваа пиеса: меѓу Алсест и Филент и меѓу Алсест и Селимена ги дефинираат двете најважни ко-релации и во класичниот и во модерниот свет – релацијата кон општествено и социјално блиските личности и интимните релации кон спротивниот пол. Во реторичка смисла Молиер успеал сето тоа да го врами во една компактна пиеса и затоа на овој текст работел цели пет години. Конечно, општествените и интимните релации се општи категории и нивното движење има многу аспекти така што на авторот му требало многу време од сето тоа да направи парадигма. „Мизантроп“ е абревијантна парадигма за општествената подобност, но истовремено и екстензивна поетика на социјалната и интимистичка парадоксалност. Овде, во ваквиот добро системартизиран хаос, Молиер некако од задната врата успева да ја потпикне и љубовта, па токму заради таа емотивна иницијација овој текст станува привлечен за режисерите и за актерите. Не заради реторичката доследност и затоа што е отсекогаш тврд орев за концептуалните иновации.
Режијата на младиот режисер Клемен Ервие Лежер силно ја експонира токму таа, емотивната компонента на оваа пиеса. Неговите ликови многу длабоко ги доживуваат општествените хипокризии кои се кршат точно на нивниот грб, на грбот на Алсест и на Селимена. Оваа верзија на „Мизантроп“ се случува во денешна Франција, во урбана иконокластика и со еклатантен француски модерен шмек кој значи силна тенденција за сочување на дигнитетот. Оваа претстава трае добри три часа и е полна со опипливи ситуации, со паузи во реално време, со повремени музички делници отсвирени на пијано покриено со платно како да е оставено во куќа од која секој момент треба некој да се отсели, со влегувања и излегувања преку скалите што водат нагоре и надолу и сето тоа во една пространа резиденција опслужена со слуги и собари. Овој режиски концепт е втемелен врз личниот однос кон општествената морална провиниенција, а и кон социјалниот статус кој Алсест отворено го презира. Тука и започнува (многу логично за денешно време) спорадичната искра на недоразбирање со неговиот пријател Филент за да кулминира во конфликтот со Оронт. Целата претстава се движи во таа тракеторија и има еден ритам на реално време, еден реалитет кој им дозволува на ликовите да ги одживеат своите трауми сосема наспроти стиховната ритмика на текстот. Затоа оваа претстава има една иновативна вредност. Незаборвни се дури и физичките болки на Алсест кога не може да го преживее лицемеритето на Селимена и заканите дека ќе биде прогласен за општествено неподобен, како и на длабоко доживеаната сцена на Селимена кога ја оцрнуваат нејзините „додворувачи“ Акаст и Клитандер. Во широката урбана атмосфера римата на Молиер веќе не звучи цинично иако кога ќе го прочитате текстот ја имате токму таа помисла – дека Молиер сакал да воспостави еден ирончен однос кон општествената хипокризија. Во оваа режија сите ликови имаат некаква тензија и генералните проблеми и ситуации ги доживуваат мошне лично што е аспект кој фрла ново светло на оваа загадочна пиеса на Молиер.
Алсест на Лои Корбери е дефинитивно најдобриот Алсест што сум имал можност да го видам. Млад моралист кој тешко го доживува своето општесвено дефлорирање. Одлично одигран лик на човек кој од дното на својата душа ги презира социјалните дисторизии и не може да сокрие дека се она што не го посакувал го достигнало. Корбери има извонредно широк дијапазон на својот талент и во оваа улога тоа безрезервно го покажува. Рафиниран интелектуалец кој одлично свири клавир и има префинет вкус и критериум тешко ја доживува апотеозата на духовната беда во која го повикуваат да учествува како нејзин најголем поддржувач. Сјаен млад актер кого имавме можност да го видиме и во последниот филм на Вим Вендерс „Потопување“.
Аделин Дерми како Селимена со својата сензуалност многу потсетува на Настасја Кински и таа, би рекол, е одличен кастинг затоа што Слеимена е се, само не сензуална и наивна. Одличниот контрпункт во овој лик и во извонредно одиграната улога на оваа млада актерка ја покажува слоевитоста и комплексноста на овој многу специфичен лик. Имено, Молиер напишал несекојдневен женски карактер, дијаметрално различен од Дона Елвира, како и од Елмира во „Тарфтиф“. Во плејадата динамични и типично „женски“ катактери, Селимена е до крај рационална и се чини дека целиот цинизам и иронија од пиесата е сконцентриран во нејзините реплики. Аделин Дерми ликот го игра со крајна суптилност и нежност која дури повремено и иритира но, во позитивна смисла. Одличен пан дан на Алсест.
Спротивниот дел од координатата на овие два есенцијални ликови во „Мизантроп“ се ликовите на Филент и на Елијанта. Кога ги гледаме нивните сцени си го поставуваме прашањето: дали конформозмот е бесмртен? Дали вистинскиот морален кодекс и рационалниот критериум (намерно „рационален“) се обидуваат да ја извадат главата од водата и тоа тешко им успева? Овие два лика носат еден пластичен позитивизам кој Молиер многу добро го позиционира и претпоставувам, дека овие ликови ги пишувал со поголема тешкотија отколку главните. Генерално, многу е потешко да е напишат побледите ликови, оние кои многу говорат, а не кажуваат многу и тоа да има естетска и литерарна тежина. А уште и театарска што е покомплицирано. И покрај тоа што овие два лика се воглавно во сенка на главните ликови сепак Елијанта на Џенифер Декер има сочна и конкретна женска природа и сите нејзини сцени се едноставно „природни“ и тоа е вистинска жена со вродена елеганција и со конкретни интенции. Таков е и Филент. За разлика од Алсест, тој ја прифаќа општествената рамка и за него е природно да се живее во каноните кои се однапред дадени и таа логика тој не ја брани затоа што, всушност таа има догматска провиниенција. Ерик Женовезе ликот на Филент го игра со една намерно „наместена“ пристојност која преминува во блага иронија. Одлична експресија која совршено добро се свклопува во целата актерска машинерија.
Епизодните ликови на Оронт и Арсоное се дел од отровната номенклатура на оваа концепција на „Мизантроп“. Оронт како човек кој стекнал голема слава благодарение на ангажманот на општествените моќници се соочува со директно негирање на неговите стихови. Овде, се чини дека Молиер внесол автобиографски делови со оглед на неговите огромни проблеми во врска со пиесите кои турале сол на раните во државноста на Франција во тоа време. Оронт на Серж Бадасариан носи еден неподнослив рационалитет во својата реторика и тоа со голема умешност. Владеејќи до крај со говорната импостација овој актер игра многу тактично и гради епизода за паметење. Таква е и епизодната улога на Арсиное која ја игра Флоренс Виала, актерка која својата бујност во средните години штедро ја ескпонира не само како појава, туку и како актерска зрелост. Две епизодни улоги кои ја склопуваат целата слика за наместената човекомрзечка глазура која во режијата на Клемен Ервие ја има во секоја општествена формација.
Визуелната компонента на претставата е од особена важност. Пространата соба во стариот урбан дел од Париз, поточно салонот со скали кои водат нагоре и потајни скали кои ве одведуваат надолу кон излезот како и високите и доминантни прозорци оддаваат една ладна граѓанска атмосфера која совршено конвенира со режискиот концепт, неверојатно сценографско речение на Ерик Раф, смело, радикално и децидно. Една од најфункционалните и симболистички најиздржани сценографски решенија воопшто направени во историјата на модерниот театар. На оваа сценографска филозофија брилијантно легнуваат костимите на Каролин де Вивез, една модно инклинирачка парада која едноставно привлекува и делува импресионистички, но и постмодерно во исто време. Повремените црвени бои во костимите на Селимена започнуваат остар дијалог со острите бонвивански машки casual одела на Париз неколку века после Молиер и тој дијалог паралелно со вистинскиот, носи една туробна атмосфера зачинета со емоција од која се чини дека ќе се распукаат ѕидовите. Во ова костимографско решение дури и слугинките изгледаат импресионистички што говори за една доследност до точка на „и“. Музичката подлога на Паскал Сангла не е наметлива, но е доволно присутна за и тука генерално да се стави цреша на шлагот. Импозантната визуелна компонента со оваа музичка подлога ја има неопходната линија на развој која ја посакувал режисерот.
Најпосле, уште едно прашање кое го отвара овој несекојдневен режиски концепт – зошто Молиер оваа пиеса ја нарекол „Мизантроп“? Дали насловот исцртува некои други координати или е само филозофски детерминирана определба? Од аспект на текст веројатно се јасни релациите на мизантропијата и умислениот атрибут наметнат врз главниот лик. Но, мизантропијата има една вековна поливалентност која Молиер многу умно ја оставил како вертикала во овој текст што го преработувал цели пет години. Интимно многу го сакал ликот на Алсест па за да го игра дури и си ги избричил малите тенки мустачиња во кои бил бљубен. Режијата на Клемен Ервие не потсетува на процесот на самоуништување. Тој со оваа претстава развива една теорија на автомизантропија заради која Алсест многу страда. И претпоставувам дека е во право. Тоа е чекор подалеку од поттекстите на поетичниот текст на Молиер. Автомизантропијата продуцира општествена цензура за да се ослободи интелектот од автоцензурата која ја спроведува совеста, оној дел од себе што денешниот човек многу ретко го експонира. Сигнифинатно е дека во овој режиски ракопис и емоцијата е лажна тогаш кога изгледа дека е вистинска, а Пирандело кој го споменавме погоре отишол во друг филозофски паноптикум – театарот го помножил со самиот него и така напишал епохални пиеси. Молиер живеел во друго време и имал многу помоќно оружје од денешната многузначност – искреноста. Затоа тој никогаш не помислил на филантропијата, помислил само на мизантропската антрополошка констелација од која извлекол силни филозофски заклучоци.