Безвременски и безпросторен љубовен триаголник

кон „Опсесија“ на Националниот театар од Лондон Барбикан

Кон „Опсесија“ на Националниот театар од Лондон Барбикан, по филмот на Лукино Висконти и по драматизацијата на романот на Џејмс Кејн „Поштарот секогаш ѕвони двапати“. Адаптација: Јан Петер Геритс. Режија: Иво ван Хове. Улоги: Џуд Ло, Роберт де Хог, Луквуди Ивуџи, Ејша Кала, Халина Реијн, Гијс Шолтен ван Ахт.

 

Опсесија е еден од најмаркантните филмови на славниот Лукино Висконти, контравезрен филмски режисер кој на светот му се наметна со една ригидна и сурова поетика што ќе остане запаметена по пежоративните стилски компоненти  успешно испреплетени не само во филмот, туку и во уметноста во тие бурни години на средината од дваесеттиот век. Претставата на Иво ван Хове е, би рекол, трето рециклирање на тој мета-мит кој во бракот како институција вулгарно се нарекува „љубовен триаголник“.

o1© Jan Versweyveld

 

Изворно, книгата на Џејмс Кејн „Поштарот секогаш ѕвони двапати“ има доживеано неколку екранизации од кои највпечатлива е онаа на Боб Рафелсон со легендарните Џесика Ланг и Џек Николсон, филм кој во тоа време (осумдесеттите години) импонираше со скоро експлицитни сцени на секс, но и со одлични актерски остварувања. Една од поуспешните верзии е онаа на Плејхаус театарот од Лондон која потписникот на овие редови успеа да ја погледне во 2005 година каде што во главната машка улога многу успешно се појави славниот Вал Килмер, додека режиската постановка беше во многу пластична и едноставна визура на тогаш младата режисерка Луси Бејли. Претставата на Барбикан театарот во режија на Иво ван Хове е некое трето премислување на овој веќе класичен текст. Режисерот овде се држи многу повеќе на интерпретацијата на Висконти задржувајќи ја неговата натурализирано италијанска верзија каде и ликовите имаат италијански имиња, а и сторијата е преместена на италијанско тло. Кога сме веќе кај верзијата на Висконти, треба да се истакне еден куриозитет, а тоа е дека овој филм е направен во воена Италија и тоа со дозвола на тогашната фашистичка влада, но Висконти, како експлицитен геј комунистички интелектуалец, тој не пропушта да ја вметне таа хомоеротска варијанта која кај Кејн ја нема. Таа интервенција во тоа време била проследена со бункерисување на филмот и грубо уништување на неговите негативи, но историјата, за среќа, сакала овој филм да остане во аналите на големите класици. Ван Хове следејќи ја таа приказна повторно гради една полисемиотички чиста претстава со длабока емотивна поставеност. Висконти многу обраќа внимание на страста и компримираната негативна енергија на главниот женски лик, додека Иво ван Хове има еден малку полирски пристап иако насилните сцени се прилично груби и доста имагинативни. Преставата има една симфониска репутација која без остаток го заслужува вниманието на публиката и во просторна смисла има широк замав така и остава впечаток на една пустинска зависност од љубов. Сцената импонира со својата елемнтарна поврзаност на просторот со актерската имагинативност и тоа е еден свет кој ве носи во длабочините на контраверзата и суицидноста кога е во прашање ваков, однапред осуден на пропаст триаголник. Разбудувајќи ја заспаната еротска гама на Хана, младиот авантурист Џино кој случајно застанува до ресторанот и механичката работилница на нејзиниот досаден и неатрактивен маж Џозеф ги трасира опасните патишта на „недозволената“ љубов која завршува со убиство и катастрофа со емотивно и интимно несогледливи размери. Ван Хове во својот минуциозен режисерски јазик ги користи најопасните елементи и ги развива на ново на парадигма, па така автомобилот кој во сцената е само мотор кој виси над Џозеф и геометриски одредениот пулт кој треба да биде и маса за јадење, како и широкиот влез без врата отвораат една режиска и актерска поливалентност што е исклучително импресивна. Имено, сцената, како и во другите негови режии е растеретена од априорни елементи. Таа дише со преинтонирање на просторниот пејзаж и длабока анализа на деталјите кои носат чудна и продуктивна актерска експресија. Она што значи режисерско поместување е чудната Макбетовска инструраност на ликот на Џозеф кој во еден момент после убиството организирано од страна на Хана и Џино се појавува како нивна сомнабулност или параноја со значење на грижа на совест. Убиството е исто така импресивно решено со оглед на тоа што на сцената моторот ннаместо автомобил виси над главите на актерите. Хомофобичната атмосфера ја носи случајниот пријател на Џино, Џони кој маѓично открива една латентна хомосексуалност во дефинтивниот мачоизам на Џино, нешто што во верзијата на Висконти е еротски зачин што педесетина години ќе стане mainstream во интимните релации воопшто. Овие варијанти Иво ван Хове ги провлекува многу креативно со една симфонична ненаметливост, но многу импресивна режиска посветеност. Деталјите како чешмата од која се пие вода и на која се мијат сите наметнати и промислени гревови се претвора и во океан во далечината поткрепен со доминантните звуци на операта „Травијата“  на Верди.

Ликот на Џино славниот Џуд Ло го предава многу интимистички и морам да потенцирам дека е вистинска подела за овој лик затоа што неговата визуелна, а и духовна артистичка интактност импонира во својата контрастност. Овој актер сценски изгледа наивно, но во својата актерска експресија носи измама која не може, а да не ја привлече еротски одамна заборавената Хана. Тој одлично ги носи за време на целата претстава сите тенки превирања на ликот кој говорно и емотивно како да оди по жица, но во ниеден момент не паѓа во амбисот на депласираноста. Извонреден актер кој покрај филмската има и одличен осет за театарска игра.

o2

„Опсесија“ е соработка на театарот на Иво ван Хове „Тонелгруп“ и Националниот театар од Лондон, па така главната женска улога ја игра Халина Рејин, холандска актерка која во многу наврати потсетува на нејзината славна колешка Текла Ројтен. Зошто мислам дека и оваа актерка е одлична подела? Затоа што нејзиниот надворешен изглед го запишува релјефот на со години еротски заборавена жена која успеала колку-толку да си ја сочува убавината. Ригидна на почетокот, таа ја опушта својата еротизираност кога влегува во авантура со Џино и ја покажува онаа девојчинска страна која одамна ја задушила незаинтересираноста на нејзиниот доста постар сопруг. Таа се движи во поголем страстен волумен кој е многу контраверзен со нејзината визуелна ригидност. Ова е еден креативно опструктивен лик кој совршено се вклопува во искричавите релации со ликот на Џуд Ло.

Од другите ликови вредно е да се спомене ликот на Џони во интерпретација на Роберт де Хог, исто така холандски актер кој плени со својата суптилност и лесна еротизираност и заедно со Чуквуди Ивуџи кој повторно како дел од претстава на Иво ван Хове ја носат таа хомоеростка супстанца на оваа многу интересна претстава. Тука би го спомнале и ликот на сопругот на Хана, Џозеф во интерпретација на Гијс Шолтен ван Ахт, актер чија тромавост е многу продуктивна и не формира од овој актер априорен негативец, но една симпатична персона која не сакајќи прави голема хаварија во животот на една млада девојка.

Визуелната партитура на оваа претстава е повторно на постојаниот соработник на ван Хове Јан Версвејвелд кој широкиот простор го разигрува со движечки елементи кои имаат филмски предзнак, а тоа се деловите од сцената кои се движат означувајќи пат по кој трча Џино, како и импозантната сцена на океан на огромен екран придружен со музиката на Вердиевата Травијата. Оваа имагинарна и урбано детализирана пустина се движи во задушени бои каде јарките црвенила само ја надополнуваат тензијата како  главен интригантски мотив на ниво на сторија. Тука некаде се движат и многу едноставните, но складни костими на Ан Д’Хујс, исто така постојана соработничка на Иво ван Хове, една визуелна ненаметливост која пак, од друга страна повеќе потенцира американски колорит што не потсетува дека ова што го гледаме има сонди во таа цивилизација. Драматуршката интервенција е на Јан Петер Геритс и таа е во одлична функција иако не со големи интервенции задржувајќи се на есецијалните сцени кои неопходно ја движат приказната. Музичката глазура во оваа претстава е на Ерик Слајким и се движи некаде меѓу драмска и оперска провиниенција. Музичките делници не се доминантни, но ги има тогаш кога е најпотребно и одлично ги акцентираат главните дејствија. Интересен е навевот на блуз низ хармониката на Џино, како и оперските делници на Џозеф како голем оперски фан кои резултираат со една доминантност во финалната сцена.

„Опсесија“ е уште една импресивна режисерска авантура на овој исклучително инвентивен режисер кој низ детали успева да изгради еден уникатен свет кој ги ескавира оние непрепознатливи моменти во сите текстови што ги анализира. Љубовниот триаголник како опасна, но исклучително привлечна авантура во денес невидено расклиманата институција наречена „брак“ во оваа претстава доживува и еден многу интересен родов аспект, а тоа е рециклираната амбивалентност која треба векот кој надоаѓа да докаже дали е продуктивна или е почеток на една нова и многу поопасна Содома и Гомора.