Сечилото што ја дели среќата од меланхолијата

Кон „Орландо“ на Вирџинија Вулф

[ ]

Родовиот супститут во „Орландо“ на Вирџинија Вулф е зовриено социјално тенџере кое за жал прекипело дури сега – скоро сто години по издавањето на овој цивилизациски маркантен и пророчки роман. Наспроти приказната која е спиритуален одек на потиснатата сексуална ориентација на самата авторка, инцијација за овој есеј е самото претворање на Орландо во жена токму во Константинопол, град кој во седумнаесеттиот век бил „мултикултурен“, полн со Турци, Грци, Сефардски Евреи, Суданци, конечно, место кое се протега дел на европско, дел на Азиско копно и место кое својата мултикултуралност ја „објективизира“ како неодредена политичка и национална енклава. Поставеното прашање кое ви минува низ главата кога го читате овој роман е кој бил поривот на Вирџинија Вулф да го претвори бесмртниот Орландо во жена и тоа токму во овој транснационален демографски симулакрум?

virginia_woolf_1927Virginia Woolf, 1927, непознат автор

 

Препрочитувајќи ја книгата на Мајкл Канингам „Часови“ се префрлувам на едно недефинирано чувство кое во претходната општествена формација се нарекуваше „мешано чувство“, а тоа е „родовата амбивалентност“. Авторката понирајќи во својата определност која во сексуална смисла е определување зависно од интимното искуство, откинала една социјална поента што во тоа време била на зачеток, а тоа е „феминизмот“. Феминизмот има голема поврзаност со женската амбивалентност. Политичката диференцијација во тогашен Константинопол е практично глува. Во векот кој започнал со палењето на Џордано Бруно на клада и кога Отоманската империја била во наголемиот политички и воен зенит, во нејзиното срце се раѓа таа „родова амбивалентност“ која Вирџинија Вулф ја чува како најмалото бисерче од школката што се затворила веднаш штом таа го земала од нејзината утроба. Во таа школка се сокрила интимистичката варијанта на вечната политичка контраверза која потписникот на овие редови ја нарекува „општествено-инцестуозен транснационализам“. Споменувам „инцестуозен“ затоа што генеричката определеност во тоа време немала национални предодредености и била многу оскудно документирана, па така сите биле роднини на овој или на оној начин. Орландо влегува во една од, на авторката дамнешно посакувана сензуалност која веројатно не можела да ја почувствува во нејзината во тоа време флагрантна врска со поетесата и прозаистка Вита Саквил – Вест. Компримираниот копнеж кај авторката најде свој креативен сублимат. Орландо ја преминува границата на емотивен андрогин и, што е најфасцинантно во овој роман станува жена тогаш кога авторката најмногу посакувала да биде тоа. Но, во културниот галиматијас во тоа време имало еден исклучително важен и неизбежен вирус кој, за жал ќе го следи човековото креативно битствување уште неколку векови, а тоа е медиокритетизмот. Слаткиот живот и златното доба кое иако прошарано со политички турбуленции имало голем недостаток на инспирација, па така оваа временскат ориентација на авторката и послужила сатирично да го потенцира она што и му го предочила на нејзиниот сопруг Леонард Вулф кој бил и издавач – тоа дека нејзината интимна пријателка и љубовница е медиокритетски автор. Совршената женска убавина на физички и спиритуално преобратениот Орландо има многу врска со самата природа , со она што расте од земјата, што продуцира визуелна и моросна унавина. Тоа е, на некој начин вел зад кој Вирџинија Вулф ја сокрива својата сексуалност (хомосексуалноста, но не и лезбијанизмот, во Велика Британија бил казнуван сè до 1976 година) за нејзиното дело да не постане цел на јавна осуда. Во романот таа многу мудро импрегнира една априорна интактност која не извира од природата, туку од сцијалната и интимна определеност на самиот лик. Девственоста во тоа време сè уште се сметала за доблест, но и за искушение и затоа драматуршката предлошка на овој роман е преполна со машка интимна инфлуентност која многу успешно ја покрива целата потисната интимистичка предодреност.

Со овој роман како Вирџинија Вулф да сака да ни каже дека феминизмот е рационален епиграм на женската сексуална амбивалентност. Феминистичкото движење е секогаш социјално-политички ангажман и борба против машката дерогираност. Но, што врие под сето тоа? Кои се интимистичките консеквенци на родовата повелечност и колку се полнат рововите само со мажи и само со жени?

Хамлетовото „да се биде или не“ пред кое тој безусловно ја набркува Офелија од себе е иницијална капсула за меланхоличниот прелив на интимната амбивалентност на која ни Шекспир не останува резистентен. Околностите во кои Хамлет го има Хорацио за интимен пријател кој е единствениот кој не му „смета“ (вулгарно формулирано) и набрканата Офелија од неговиот живот после нејзиното страстно изјавување на љубов, отвора зачинети конструкции кои понираат во потиснатата хомосексуалност на автор од кој извира генијалноста во драматургијата. Така и Вирџинија Вулф – мажот го претвора во жена без поговор. Многу порадикално и со помалку стилски покривања од Шекспир. Овие родови стратешки фрлања на ракавица во глобалниот кративен свет со векови се движат низ жанровите како еден вид на спиритуално предавање на хегемонијата во прво време доброволно, а подоцна, со конгруентноста и експлицитноста тие стануваат беспоштедни војни на влијанија и виртуелен ескапизам. Во времето на Вирџинија Вулф имало филм кој не се занимавал со тие проблеми, а во времето на Шекспир немало ни електрична енергија. Но, затоа имало первертно уживање во меланхолијата кое, сакале или не станало епски податливо и во денешно време. Денес, со електричната енергија и филмот имаме и други жанровски издувни вентили преку кои ќе си играме со родовите виртуелитети во прво време вгнездени во потајните комбинации за кои знаеме само ние и тие (уметниците) и во себеиспитувањето: „каде е нашата ориентација кога би било …“ Многу умешно, како и Шекспир, Вирџинија Вулф успева да ја пронајде својата среќа после оргијастичното уживање во меланхолијата. Каде ја наоѓаат и двајцата големи автори? Во бесмртноста. Секој на свој начин. Во тој временски процеп во кој сите сакаме да ѕирнеме или барем да протнеме глава и да фрлиме еден поглед за да видиме што има таму? Кој не чека, ако евентуално ја заслужиме? Или дали воопшто да се одлучиме за тоа? Бесмртноста Шекспир ја допира преку митвите од кои ги откорнува сите духови, вештерки, самовили и демони без кои неговата драматургија нема координати, нема органика. Вирџинија Вулф бесмртноста му ја подарува на својот Орландо како проклетство од кое тој не може да се ослободи и тоа многу едноставно и експлицитно. Затоа овој пресврт се случува во тој „милтукултурен“ Константинопол кој неверојатно потсетува на Вавилон. Социјалниот галиматијас тука станува и родов галиматијас и тука Вирџинија Вулф ја завиткува својата родова амбивалентност во еден намерно проѕирен целофан и тоа иако звучи симплифицирано и кичесто, тоа е очигледно затоа што Орландо дури и како жена не го менува името. Како и Виола во „Дванаесеттата ноќ“ кај Шекспир. Во третиот чин дури и таа чувствува некакви внатрешни поместувања иако нејзината маска има друг пат, друго значење и други состојки во приказната. Да се вратиме на круцијалното прашање: дали бесмртноста ќе ја донесе среќата или ќе го стави светот во една грозоморна состојба на бескрајно страдање. Од Алкмеон од Кротон, па преку Лајбниц и Мајкл Хентрих, бесмртноста има првенствено духовен преогатив иако претпоставките дека биолошките услови за тоа ќе бидат зрели во овој дваесет и први век е многу можно да се остварат. Така, тоа длабоко засечено место меѓу животот и смртта, таму каде што почнува вечниот живот не е само вековен предизвик, туку честичка која сите ние сакајќи или не ја гониме низ нашиот духовен хабитус. Кое е проклетството на бесмртниот меѓу смртници? Зошто таа помисла ни предизвикува морници? Затоа што наједноставно кажано ние ќе си ги погребаме сопствените деца, сопствените внуци и ќе слугуваме на нашата самотија како што и слугуваат старите личности после деведесеттата кога изумреле голем дел од нивните пријатели и роднини, а нивниот пород има друг поглед на светот. Вирџинија Вулф оди по работ на ова проклетство и на Орландо му вдахнува андрогена компонента. Напуштајќи го Шелмердин, на Орландо му е дефинитивно јасно дека страста за него е вулгарна опсесија од која мудро бега во политика. Ладно и опасно. Тоа е консеквентното сечило на Вирџинија Вулф, но таа е сосема свесна дека така не е во животот кој самата го живее. Канингам во „Часови“ ја превртува ракавицата од аспект на дваесет и првиот век. Вирџинија на железничката станица на Леонард отворено му признава дека не може веќе да живее во емотвиниот кафез во кој самата се заклучила. Така самоубиството кај неа е отворање на процепот кон бесмртноста. Можеби Вирџинија Вулф била свесна за тоа. Никој тоа не може да го знае. Но, таа ја постигна бесмртноста жртвувајќи го своето животно постоење.

Тилда Свинтон во екранизацијата на Сали Потер на „Орландо“ е извонредно андрогено суштество. И веруваме до крај затоа што е сјајна актерка. Дури и кога со себе во дваесеттиот век води девојче како пород. Шекспир имал деца, но Вирџинија Вулф немала. Шекспир својата достага по бесмртноста ја топел во бонвивантство, а Вирџинија Вулф во иронија. Можеби е логично таа да не се репродуцирала. Како и да е, тоа сечило што го засекло процепот каде што лежи вечниот живот кај големите автори зема свој данок – овозамската животна радост. Орландо е среќен колку што е среќна Виола – во голема тензичност и напнатост. Овде се поставува прашањето: дали смртта е духовно избавување кога во имагинативните превирања ќе се вкрстат нашите афинитети и страсти? Тука многу малку се состојат одговорите во религиските толкувања на душата во задгробниот живот. Што се однесува до тоа, Орландо нема одговор. Тој, заедно со бесмртните „претходници“ во овој, дваесеттиот век ќе ужива во тензиите што ги нуди сеприсутниот виртуелитет исто како што неговиот/нејзиниот креатор уживал во флуидната меланхолија што и/му ја нудела сопствената етерична амбивалентност.

 


 

 

17.12.2018

Почитувана Оливера Ќорвезироска, Ти се обраќам вака, без „Вие“ затоа што еднаш бев опоменат за тоа и во оваа форма затоа што имам две добри ...

Букршлиев, Омерагиќ, Спировски „Одрон“ [PMG Jazz, 2018]

16.12.2018

Претходните три вечери патот ме водеше во МКЦ. Што да правам, кога МКЦ ја нуди најдобрата понуда во загадениот ни град. Сега ич не мора ...