Copyright: Антрополошка мигрена на Умберто Еко

Кон „плагијаторските“ сублимати во романите „Фукоовото нишало“ и „Прашките гробишта“ на Умберто Еко

[ ]

Умберто Еко во отровните мисли на Симоне Симонини ни предлага една вознемирувачка студија за фалсификувањето. Самата помисла дека плагијаризмот е правен престап, ние имаме импулс што побрзо да избегаме од него. Симоне Симонини тоа го прави на еден циничен и забавен начин иако „Прашките гробишта“ се сè, само не забавно четиво. Семиотичарот Еко го има и тоа како во предвид протокот на време. Неговиот остар став за социјалните медиуми во кој наведува дека „тие му даваат можност на легиите од идиоти да го зборуваат она што го зборувале во некој бар, но овојпат без да ја повредат заедницата. За брзо време тие бидуваат замолчани, но сега имаат право да зборуваат исто како и добитниците на Нобелова награда. Тоа е инвазија на идиоти“. Социјалните медиуми имаат голем удел и во порталите и електронските весници, па така плагијаризмот станува легитимен на мала врата и има соодветен термин – content writing. Симонини го прави сето она што не треба да го прави и го тврди сето она што не треба да го потврди – го шпионира движењето на Гарибалди и тврди дека Француската револуција е иницирана од Витезите Тамплари, Баварските Илуминати и Јакобинците. Неговата мигрена и дементноста го превртуваат историскиот тек во очите на реципиентите, а тоа им се случува и на Казаубон, Белбо и Диоталеви кроејќи го неверојатно погрешниот „План“ во „Фукоовото нишало“. На многу ласцивен начин, Умерто Еко и во двата романи гради една мета-конспиративна матрица која во многу наврати е слична или се надополнува една со друга. Како инспириран семиотичар и слоевит аналитичар на медиумите тој го отежнува наративот и во двата романи и го носи на работ на несфатливост: една лингвално многу густа шема која наликува на патепис, но во своите ткива има и тоа како сок на динамична приказна.

Umberto Eco2

 

Ововременската интерпретација на плагијаризмот го има сублиматот во постовите на социјалните мрежи и во кратките информации кои ни се сервираат online. Тие брифирани и сегментирани текстчиња, сервирани во еден  благ инкриминиран вокабулар го потенцираат темниот вкус на немилосрдните ликови особено во „Прашките гробишта“. Кога ќе ги фузирате на литерарен начин ликовите на Александар Дима, или за Лео Таксил, најмрачниот лик во овој остро сегментиран роман, човек кој бил суров антиклерикал, кој напишал дела кои ја иронизираат библијата, но припадник на слободната масонерија, каде припаѓал и Џозеф Балсамо, антихеројот за кој се верува дека бил еден од инспираторите на падот на Француската монархија, исто така слободен масон,  а за кој Александар Дима напишал роман, ќе дојдете до констатација дека Еко всушност го интересирала човековата мизантропија како основен двигател на современата цивлизација, една карактеристика која во овој дваесет и први век станува легитимна и не подлежи на реперкусии. Напротив, сите подоцнежни креатвни чуда човекот ги создал само за да си наштети самиот себеси затоа што мизантропијата има крајно иреверзибилно дејство. И Лео Таксил и Балсамо биле алхемичари. Таа „професија“ е многу честа како пратечки ексклузивитет во овие два романи на Емберто Еко. Мизантропскиот есктрат на content брифинзите online ги следат формалните показатели и на двата романи. Нивната вертикална недоследност и напати неверност се евидентни најмногу во свеста на реципиентот. Затоа тука коментарите се конкретни и сурови, но во нив има и апсурдни делови. Така некако се движи и партитурата на „Прашките гробишта“. Во „Планот“ на Белбо, Диоталеви и Казаубон се чувствува друг вид на систематизиран хаос – кабалската инструираност. Таму Умберто Еко одвојува место за една експонираност на маѓискиот interregnum меѓу природните бури, легитимно прибележан во една метарелигиска хиерархија. Како што Симонини a priori го лаже светот и им дава несомнен легитимитет на неговите маани, така тие маани дефлорирајќи го овој цивилизациски поредок, само два века после него кројат систем на однесување премолчано договорен и од двете страни – и од изворите и од реципиентите.

Единствената заедничка спрега во овие два романи се Витезите Темплари. Еко нив ги остава како цивилизациски жртви токму заради трансферот на фалсификувањето на нивното постоење од „Фукоовото нишало“ до „Прашките гробишта.“ Сензуално, со епски и прилично масивен сарказам, тој „Планот“ на веселата тројка го завртува директно против нив. Белбо веќе почнува да верува дека заверата од минатото станува негова реална опсесија, но Симонини, за разлика од него не се плаши од импактноста на неговата сопствена опседнатост. Затоа, како што во „Фукоовото нишало“ писателот повремено ја олеснува приказната со кабалските маѓии, така во „Прашките гробишта“, опасноста логиката да излезе од контрола ја смирува со појавата на опатот Дала Пакала кој се интерферира во саркастичниот дневник на Симонини вовлекувајќи приказни кои работат против неговата логика. Ова е конечно, фалсификување на фалсификатот. Имено, плагијатеризмот кога се повторува неколку пати, тој веќе на својот грб успешно ги носи сите намерни и ненамерни промени и тука многу повторуваната лага станува неприкосновена вистина. Историските личности во делата на Умберто Еко имаат спиритуален предзнак. Тој нивната присутност ја става на ниво на спиритуална кореспонденција. Тие постојат само како препознатливо презиме, а она што го направле како уметничко или научно дело е сосема ирелевантно. Тие едноставно се content во рацете на content writer-от, во случајов Симонини и триото Белбо, Диоталеви и Казаубон. Мастерот content writer е самиот Еко. Токму затоа и едниот и другиот роман се исклучително тешки за следење. Формалната ерупција на факти и коментари избраздена со приказна која не само што е во заден план, туку е само еден вид на потпора носи со себе густина која заморува, но која кога ќе ги затворите и двете книги не останувате рамнодушни. Писателот на овие редови поминал преку содржината на „Прашките гробишта“ „само“ три пати. Првиот пат аналитично, а другите пати консултативно, исто како што минувате преку денешните електронски портали – читате статија во едниот, а другите после него ги консултирате летимично, но во очи ви паѓа измена која ви ја склопува сликата – точна или неточна. Реторички и семиотички густите романи на Умберто Еко како што се овие два (а истиот вкус го има и неговиот последен роман „Нулти број“), го систематизираат сето ова во вид на поетика која е исклучително тешко да се ресистематизира во главата на гледачот, но од друга страна овозможува една слобода на имагинацијата и на повеќезначноста. Ликовите и во двата негови романи умираат физички, но тоа не е сигурна информација, исто како што се „неточни“ или непроверени информациите за аферата Драјфус, како што ситниот персонален компјутер „Абулафија“ на Белбо се користи за поврзување на обичните логични вербални операции со т.н. „труизми“ и со неутралните податоци за истите алатки комбинирани во корпоративни фрази да ја променат физиономијата на историските настани и на историските личности.

Umberto Eco1

Намерниот плагијаризам  на Еко и во двата епохални романи ја отвора антрополошката Пандорина кутија. Всушност, тоа не е само една Пандорина кутија. Ги има повеќе и во сите има исти  чуда, маѓии, болести и грозомори. Само тие се во различна форма затоа што ги модифоцирала новата технологија. Тоа се новите креативни небулози во главата на се повидливите хуманоиди на кои сите ние безрезервно им припаѓаме. Пред повеќе од еден век многу тешко се чувале делата од фалсификување, па така имаме повеќе верзии на една инспиративна приказна – модел. Но, тоа не е плагијаризам. Тоа се два аспекти на една приказна, исто како што content writer-от ја пишува истата приказна на сто можни начини и сите тие се легитимни. Историските комбинаторики во главите на Симонини, Белбо, Диотелави и Казаубон не се ништо друго освен една граѓа која доживува варијанти на презентација. Затоа кај Умберто Еко нема херои. Конечно, во сите негови најзначајни дела нема херои. Ниту е тоа најизвиканиот лик од неговата библиографија – Сер Вилијам  од Баскервил од „Името на розата“. И тој се служи со еретички алатки за да дојде до вистинското решение во храмовите каде не се слави ништо друго освен самиот Бог Исус.

Една од најпродуктивните нешта во делата на овој несомнено најоригинален писател на дваесет и првиот век е неговата комплексност. Реторичката слоевитост ја заплеткува и онака густата линија на приказната и му враќа на читателот со иреверзибилни значења во секој дедуктивен пасус, во секоја дескриптивно наслоена реченица. Симплифицирањето во овие романи е тежок непријател на приказната и на целта – да се дисеминира плагијаризмот како оригинално толкување на она што било, со значење дека она што ќе дојде е една од неговите варијанти. Ова звучи малку како дефиниција, но е силен показател дека copywriting-от и content writing-от се роднини од прв ред во човечката зависност од виртуелниот простор. За човек кој животот го поминал меѓу илјадници книги и физички и спиритуално, оваа размисла има силни импликации во некое понатамошно анализирање на антрополишките мигрени кои не ги имаат само неговите ликови, туку ги имаме и сите ние кога во еден момент ќе помислиме на сè што ни се случува и нормално, не можеме да најдеме решение.

 

Pendule_de_Foucault_au_musee_des_arts_et_metiers

Апотеза на моралната дисторзија
кон „Мизантроп“ во продукција на Комеди Франсез

05.08.2018

режија: Клемен Ервиен Лежер главни улоги: Лои Корбери, Аделин Дерми, Ерик Женовезе, Џенифер Декер, Серж Бадасариан и Флоренс Виала   „Мизантроп“, најзагадочната пиеса на Молиер, ...

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...