Дечки на работа!!!

кон премиерата на претставата „Дух“, МНТ Скопје

[ ]

По праизведбата во 2015 година, во Српско народно позориште во Нови Сад, во режија на Александар Поповски, текстот на драмскиот писател Дејан Дуковски, насловен „Духот што оди – Патот на Прометеј“, доживеа и домашна постановка во Македонскиот народен театар. Под скратен наслов „Дух“, претставата ја постави режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, а премиерата се одржа на 24 април.

d2© Кире Галевски

 

Текстот на Дејан Дуковски е социјално ангажиран. Тој зборува за обидот на денешниот, осиромашен од транзицијата интелектуалец, да ги исправи неправдите нанесени врз него, земајќи ги работите во свои раце. Напишан е фрагментарно и под инспирација на Шекспировиот „Хамлет“. Има во него и од духот на Жан Пол Мара, еден од најрадикалните гласови на Француската револуција и предан борец за правата на сиромашните, судејќи според именувањето, но и според мотивите што го водат главниот лик Александар Мара. А, преку приказот на распадот на семејството во новите општествени околности, се препознава и влијанието од „Диво месо“ на Горан Стефановски, во текстот. Сепак, во драмскиот материјал Дуковски го прикажува Мара како современ Хамлет што се бори против „излезеното од својот зглоб, време“. Тој е анти-херојот на нашето време, кој истапува против корумпираниот, корпоративно-банкарски, неолиберален систем. Тргнува во ирационален поход , за извојување на правдата преку убиства. Текст има во себе општи, „неисчистени“ места, делови каде тафтолошки се раскажува веќе изведеното дејство. А, за тоа се наопходни драматуршки интервенции.

d1d3

Режисерот Јаниќиевиќ ги направил главно со штрихувања и со по некое допишување. Но, според општиот впечаток од прикажаното, можело и дополнително да се штриха. Низ режисерскиот концепт, фабулата е разработена и подредена на знаковни решенија што го доловува животот на Земјата, распнат меѓу духовното и световното, каде верата и вербата се вредности за кои од почеток ќе треба да учиме. Претставата допира и дневно-политички актуелни прашања, а нејзината ангажирана порака доаѓаат во моќната, катарзична, претпоследна сцена, во која ничкосаното и ужалено семејство на Мара, (мајката, таткото, сопругата и ќерката, што ги играат Тања Кочовска, Емил Рубен, Тина Трпкоска и Матеа Јанковска), собира сила и ја пее „Интернационалата“. Режисерот Јаниќијевиќ е драматуршки прецизен, нудејќи ја на гледачите и последната сцена со крајната исповед на духот на Мара. Но, по „испуканите куршуми“ претходно, последната сцена нема убедлив набој и се доживува како излишна, иако има сосема точна функција. Неубедлив е и изборот на актерот Гораст Цветковски за главниот лик на Александар Мара. Пожелно е да се избере актер за класична епска драма, чиј хабитус е војнички силен и маркантен. Всушност, Гораст Цветковски со својата атлетска градба беше идеално решение за командос во претставата „Ничија земја“ на Александар Морфов. Но, да му биде доверен лик на човек посветен на книгите, лик на шекспиролог и актер, во оваа современа драма, на таа негова појавност, е неубедливо решение зашто такви луѓе во секојдневието се чиста реткост. Згора на тоа, воочливо беше дека Цветковски се труди , но не успева да најде клуч за изразување на внатрешните конфликти на ликот. Сепак, не е единствениот актер во претставата, кој остана на ниво на играње на себе си во зададена ситуација. Главнината од актерите го имаат тој проблем. Но, има и две пријатни изненадувања, меѓу лепезата улоги што го прикажуваат семејството и несреќното опкружување на Мара. Ликот на братот на Мара – Жанко, во изведба на актерот Ивица Димитријевиќ, е едно од нив. Иако е само надворешна манифестација, преку искреираната и прецизно водена говорна маана со која се изразува Жанко, Димитријевиќ се претставува свежо и уверливо, а придонесува и кон доловувањето на нијансите на семејната болка, по изгубениот дом и неизвесната иднина. Сепак, врвна актерска креација прикажа само Оливер Митковски. Тој толкува лик на свештеник-пијаница и тоа толку вешто го прави, што ги освојува срцата на гледачите. Неговата улога е органски срасната со целокупниот хабитус и делува природно и спонтано и затоа секоја реплика и гест на Митковски предизвикуваат смеа (со доза на горчина) кај гледачите, поради умешно прикажаната хипокризија и распојасаност меѓу претставниците на црквата. Но, две птици не ја чинат пролетта! Недоволно совладаните актерски задачи, обременети со густиот текст, тешко ја совладуваат потребната динамика. Таа паѓа, а дејствието непотребно се развлекува.

d4

 

Најсилен дел во претставата е нејзината визуелна компонента, т.е. обликувањето на сценскиот простор, за што беше задолжен уметникот Велимир Жерновски. Заедно со режисерот, двајцата градат сценографија која функционира како уште еден актер на сцената. Таа е направена како посмртен одар од бели платна, што ја опфаќаат целата сцена, со сите три ѕида, во хоризонтала и во вертикала. Прецизно, а дури гламурозно осветлени од Илија Тарчуговски, со секоја ликвидација што ја извршува Мара, платната паѓаат и се спуштаат се пониско и пониско на сцената. Така симболично е доловено погребувањето на неправдата и триумфот на израмнетите сметки, во светот на лажен сјај. На ова се надоврзува и видео бим со различни претстави на небесниот свод, поставен високо под практикаблите. Тој го дополнува дејствието со филмски дискурс и ги потенцира атмосферите во сцените под него. Современи и функционални костими, за потребите на „Дух“, искреира нашата дизајнерка со успешна париска кариера, Лидија Георгиева, умешно потенцирајќи ги социјалните разлики и професии со кои се занимаваат ликовите. А, зад оригиналната музика која кани на бунт, стојат Надежда Рубен, режисерот Јаниќијевиќ и актерот Ивица Димитријевиќ, кој воедно настапува на гитара, кон крајот на изведбата.

d6

По премиерата заминав со чувство дека претставата има потенцијал да биде голема, а не е. А, само треба да се потстегне и доразвијат актерските креации до граници и по мерка на зададените кординати на ликовите. Дечки на работа! Имате материјал за да го направите бесценет. Пред Вас е, само зграбете го! И викнете ме на втора премиера. Ве чекам!


 

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...

11.07.2018

Оној кој го читал Господинов, го сака Господинов. Оној кој ја читал неговата „Физика на тагата”, е вљубен во романот. Оној кој ја гледал „Физика ...