Храброста на женскиот плот

Кон романот „Доилката“ од Лилјана Пандева во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2016

[ ]

Средновековното превирање на Словенските народи во седмиот и осмиот век веројатно криело многу приказни и легенди каде се преточувала судбината на многу великодостојници. Пребонд, старешината на македонското племе Ринхини е во голем сомнеж кај Византискиот цар дека подготвува напад на Солун и тој одлучува да го затвори. Бекството на Пребонд додека македонската војска се прибижувала е инспирацијата на овој по многу нешта специфичен роман на Лилјана Пандева. Неговата специфика тргнува од самата определба да се исткае една зачудна љубовна сторија во еден историски миг кој, за жал,  освен во научните анализи го нема многу во македонската белетристика. Другата специфика е извонредната игра со архаиката од тоа време која авторката ја води многу смело и одважно. Таа македонска жена која ја отсликува во ликот на доилката Дора има една уникатна храброст наследена од генеалошките, но и од нејзините сопствени страдања кои ја следат нејзината младост. „Доилката“ е љубовна приказна каква нема да сретнеме во македонската книжевност, за сигурно не во македонскиот роман. Смелоста на Пандева да исткае една љубовна сага меѓу великот кнез Пребонд и доилката Дора која ја задолжува нејзиниот сопруг Толкувачот да му носи храна и облека додека тој се крие во мочуриште блиску до градот ни донесува на свет галантна книжевна рожба која плени со својата сензуалност.

 

доилката

 

 

За цело време додека го читав романот се прашував како би го формулирал ова креативно патешествие во романот „Доилката“? Кога ги заклопив страниците на веќе по втор пат препрочитаниот роман си помислив дека ова романескно патување е постојано пулсирање по патот од рајот до пеколот. Лилјана Пандева гради приказна со високи емотивни амплитуди и контрасти кои ги води со невидена вештина. Дора е женска доминанта од која додека ги читате сите нејзини одлуки и достаги  ви поминуваат морници. Од неа Пандева прави вистинска македонска жена која кога ќе се потсетите на другите (повеќето женски) литерарни писма и ќе пронајдете еден семантички континуум, блеска со хероизам типичен замо за ова подрачје.

Љубовта и хероизмот не ја имаат само парадигмата на Јованка Орлеанка. Овие две особини го формираат еликсирот за машката стаменост. Претпоставувам дека тука некаде се повлекува балансот кој авторката многу ерудитивно го држи од едноставна причина што како зрела писателка таа знае да го анализира и женското сепство. Дора и Пребонд градат љубовна приказна која има страст, страв и хероизам. Зошто страв? Дора, како млада жена која дои туѓи деца затоа што своите не и прорекла судбината да ги додржи, уште од почетокот на својата женска провиниенција е соочена со неверица кој и самата ја продолжува предавајќи се со целото свое духовно и сензуално битие на вистинкиот маж, на оној чиј дух пулсира со грандиозност и машкост по која копнеела цел свој живот.

Дејствието на романот се случува во четириесет дена. Четириесет дена напнатост, страст, вљубување и самопрегор. Носејќи ја врз себе тежината од бездетноста и јаловиот живот со Толкувачот, изневерената од животот Дора го впива ова животно патување како судбина која, за жал само блеснува за момент и загаснува во тие неполни шест недели среќа, страст и посветеност. Лилјана Пандева овие четириесет дена длабока љубов ги опишува со една голема ерудитивност. Во една прилика се прашував дали оваа приказна има своја фактографска наследеност, но сепак, мислам дека вљубеноста на Дора и копнежот на големиот кнез Пребонд се впишани во Божјата промисла за флуидот против кој никој не може, а секој го сака, и дека таа промисла оваа талентирана писателка успеала да ја прочита и да ја пренесе на маѓичен начин. Целата архаика на животот од тоа време, Пандева го пренесува со една дебело наслоена реалистичка предлошка. Таа жива сторија која додека ја читате имате впечаток дека се случила вчера, а не пред дванаесет века и ве плени, ви ги откраднува воздишките и ве натажува, ве тера да си ја побарате својата сопствена сензуална аура и да се прашате: дали емотивната конвергенција на човекот е исплатлива? Дали смртта не разделува, или повторно не спојува? Четириесетте дена на Дора, доилката со женски хибрис налик на оној на изневерената Антигона, на до последниот атом верната Пенелопа се патешествие кое значи од по целата животна траекторија – таа жена обременета со неверица и несреќа од млади нозе во тие четириресет дена проживува цел еден живот.

Наративот на Пандева е длабоко втемелен во сторијата, но таа мудро, меѓу слоевите на самата приказна ги означува и историскиот момент, а и минатото и на двата најголеми протагонисти. И сето тоа е органичен мозаик од кое не смее да испадне ни едно камче, ниеден епитет, ниедна реченица, ниеден опис, ниедна именка. Лилјана Пандева овој фантастичен спис го збогатува и со архаичната лексика која воодушевува и која е драг камен на круната на овој извонреден роман. Речениците во овој роман ги имаат оние сочни архаични зборови (дважпати, очебијно, са ноќ) кои заедно со сликовитите детали од тоа време доловуваат незаборавна слика како околност во која се случува оваа тежна сага за нескротливата љубов на несреќната Дора, една љубов која е како силен, но краток сјај што го чувствуваме кога ќе погледнеме директно во сонцето. Таа хероина гледа во сончевината стоејќи точно на работ меѓу еросот и танатосот и се чини како во прегратките на големиот кнез Пребонд целиот свет да застанал за да им овозможи еден незборавен миг екстаза за која (како и што помислува во фаталните моменти Дора) вреди да се умре, но уште повеќе вреди да се живее.

Овој по многу нешта специфичен и уникатен роман ќе остане во сеќавање и со антологиските сцени на љубовна игра од кои највпечатлива е онаа на пиењето млеко на кнезот Пребонд од градите на Дора, сцена со која Пандева прави извонредна компарација со доењето на децата на другиот владетел чија моќ е, за жал посилна и подоминантна. Асоцијативните мултиплицирања на овој роман се бескрајни, а неговата слоевитост носи значење по кое трагате со секој нов прочит. Генерално, „Доилката“ ни ја намекнува Микеланџеловата „Пиета“ како еден вид на семантичка синтеза за романот во кој љубовта се слави со радост, но и со тажаленка.

 

23.11.2018

Средновековното превирање на Словенските народи во седмиот и осмиот век веројатно криело многу приказни и легенди каде се преточувала судбината на многу великодостојници. Пребонд, старешината ...

Го окупирав Wall Street во 84-та
интервју со Lydia Lunch

22.11.2018

фотографии: Зден   Здраво Лидија, фантастично е да те имаме во Скопје, некои од нас го чекаа ова со години. Ја обожавам твојата работа и ...