Приказната за жената

Кон романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска

Кога дебитирате со роман провокативно насловен „Пишувајќи ги изгубените топки“, а само пар години подоцна со вториот роман „Вишнова хроника“ ќе влезете меѓу трите најдобри во изборот за „Роман на годината“, тогаш на вашето име мора да му се обрне особено внимание. Фросина Пармаковска сосема ја оправдува довербата, и со третиот, актуелен роман „Одбројување“, докажа дека нејзиниот авторски пат има вртоглаво нагорна линија, пишувајќи зрело книжевно остварување кое, да ги употребам познатите флоскули, сигурно нема да ве остави рамнодушни, односно, ќе ве остави без здив.

O-FP
Но, за овој роман дефинитивно треба да се пишува и разговара без флоскули, бидејќи истиот претставува квалитативно поместување во македонската романескна продукција поради изборот на темата, пристапот кон неа, и величествената разврска на крајот од која и произлегува насловот на делото.

„Морав неколкупати вистински да се осигурам дека мојот маж спие, па со сандалите в рака, на прсти, додека целото тело силно ми трепереше, го одвртив клучот од бравата, тивко, најтивко што можев ја отворив вратата и исто толку тивко ја затворив, и тоа што го почувствував, што ме преплави веднаш штом се најдов од другата страна, беше: слобода. А за момент, и возбуда од убавото далечно детство“

 

Вака започнува романот на Пармаковска, по што следи цел еден свет на (полу)одлуки со кои главната (анти)хероина мора да се соочи и да им погледне во очи. И тоа не било какви, секојдневни, ефемерни, туку важни, животни одлуки, полни со пот и крв, после кои зависи како ќе се движи и нејзината судбина, но и приказната на оние околу неа, затоа што сè е поврзано, особено кога се работи за семејните врски како најсложениот организам во кој треба да функционира едно човечко битие. На 211 страни авторката вешто ја плете приказната за жената во која може да се пронајдат многумина, како идентификационен момент кој ја детерминира целата поставеност на приказната како сторија без крај, низ цикличните наративи кои како да сакаат да го утврдат материјалот, или, како да сакаат да му го потврдат на читателот она што веќе го прочитал и апсолвирал. Стилската супериорност на авторката се огледува и во нејзиното решение крајот на романот да ни го разголи низ едно драматично одбројување, како мултиплицирана можност за гледање на можните разврски на драматичната животна сторија. И додека часовникот одбројува, вие сè подлабоко навлегувате во светот кој дотогаш можеби и ви предизвикувал мачнина, но крајно сте решени, како читател, да пронајдете излез заедно со (анти)хероите кон кои можеби и немате којзнае какви симпатии, но сакате, заедно со нив, да го видите светлото на крајот од тунелот. И ако анестезијата добро делува, ќе сфатите и ќе заклучите: Браво за храброста на Пармаковска во овие времиња, кога толку многу се зборува и делува во однос на еманципацијата на понежниот пол, за изборот на темата и начинот на кој истата ја реализирала. „Одбројување“ е токму една таква приказна, без никакво филување и китење, слика и прилика на поголемиот дел од македонското општество, во кое немиот крик на многуте жени бесцелно се удира од ѕидот на срамот, зад кој комфорно седат во удобните фотелји оние кои треба да работат на тоа, но не мрднуваат ниту со малиот прст. Затоа, не случајно импресиите од оваа книга се напишани и постирани токму на денешниот ден – 8 март. Прочитајте ја „Одбројување“ и ќе сфатите зошто.
И на крајот, една фина констатација која самата се наметна. Пармаковска со „Одбројување“ на најдобар можен начин ја продолжува убаво започнатата традиција на негување на современото женско писмо во рамките на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“, која, почнувајќи од дебитантските раскази „Чкртки“ на Румена Бужаровска, преку Романот на годината „11 жени“ на Снежана Младеновска Анѓелков за 2011-та, потоа, жестоките урбани приказни на Ирена Јорданова во „Помеѓу“ и „Катализатор 33“, па сè до наградуваните романи на Лидија Димковска („Скриена камера“, „Резервен живот“ и „НО-УИ“), наидува на одличен прием кај домашните читатели.