Полизначноста на супериорната рефлексија

кон поетската книга „Судбински простор“ од Јетон Келменди, Дата песнопој, Битола, 2018

[ ]

Јетон Келменди е поет кој првиот чекор во стихот го прави од стаменоста на молкот. Кога ја читаме неговата поезија имаме впечаток дека неговиот стиховен универзум не кореспондира со нашиот ентузијазам и затоа не можеме априорно да се потпреме на нашата егзалтација. Релфексијата во стиховите кои имаат стакато ритам нè наведуваат да направиме една феноменолошка спогодба со тој скуден, но многу речит верс, а тоа е реторички да ги изговориме стиховите внатре во нас, во нашиот лингвален оптимум, да ги мислиме пред да си ги преведеме. Секогаш кога се обидуваме да учиме некој туѓ јазик сметаме дека сме го научиле кога сме научиле да го мислиме истиот јазик. „Судбински простор“ е книга за широк семиолошки паноптикум на стихот. Пулсот на строфите кои, се чини се конструираат сами од себе додека тече целата песна. Таа се влева во нашите досегашни сознанија и нè наведува повторно да си го премислиме она што го тематизирала, да се навратиме на феноменолошката констелација на сите стиховни одредници и да ја затвориме книгата за по неколку минути да ја отвориме и повторно да се внесеме во неа.

jk-sp

 

Поетската авантура на Јетон Келменди генерално се движи во три насоки – лирика, рефлективна поезија и епска поетска иконокластика. Иако лириката влегува во една бурна и напати контрадикторна апотеоза на женската девственост, таа не наведува да ја согледаме жената не само во еротски туку и во  егзистенцијален контекст. Тоа значи дека љубовната поезија кај овој мошне интересен автор не е еднолинеарно посегнување по таинствените интимни коридори, туку е дел од страдањето кое е компатибилно со еден досега неистражен женски принцип на болна страст:

 

„А ти
Сонуваше лирика
за љубовта
сите насоки имаат само еден пат
ти што не ја расипа волјата на сонот
што бараш од јавето
каде вчерашноста постанува завчерашност
утрешницата денешност
сите мои ги зеде со себе
и ги растури далеку од мене
далеку од тебе
секогаш се плашев
да не биде премногу доцна.“


Што бараш од јавето

 

Временскиот катализатор во лириката на Келменди има призвук на страдање и тоа е континутирано присутно во скоро сите песни кои се занимаваат со љубовта, со жената, со атавизмот на женската плот. Песните „Го сонувам нејзиното спиење во мене“, „Ѓаволест дух“, „Како да те наречам“, „Се љубиме со зборови“, „После запознавањето“, како и опсежната „Дамски збор“ ја промешуваат таа алхемија на љубовните превирања наметнувајќи и еден експеримент во стиховната есенција и во содржинска и во формална смисла. Љубовната лирика кај Јетон Келменди плени со својата уникатност токму заради амбивалентноста на самиот стих, неговото волшебно двојство чиј впечаток не наведува да донесеме свои сопствени заклучоци, но после второто или можеби третото читање.

Рефлексијата, филозофскиот аспект во оваа збирка тече низ дамарите на општите реминисценции кои протекувајќи низ версот навлегуваат во една еклектичка децидност наведувајќи не како читатели да не се задржуваме само на општоста, туку да ги пронајдеме сите промисли и размислувања во своите животни искуства и самите да донесеме заклучоци:


Моите мисли несреќни
Тешко дека ќе ни дојде денот
Со брчките поведени по
Нашите ситни чекори.

Каде да ставиме забрана за времето
Како да ќе се менуваат времињата
А денот дапочива во идила.“

Каде да ставиме забрана за времето

 

Глобален е неговиот аспект, но како и секој мудар поет, Келменди во строго лексички детерминираниот стих успева да достигне до најдлабоките човечки дилеми, а притоа тој стих да звучи импресивно, без непотребни апстрахирања и раслојувања. Тој својата интелектуална загриженост за немоќта на зборот, за длабоките понори каде е леглото на злото и несреќата, за несреќното застранување тогаш кога треба да им се даде простор на чувствата и благосостојбата, ја пренесува низ вистинско „пеење“ кое белиот стих само го потенцира и го прави апсолутно податливо за читателот, податливо до мерка читателот да се врати на своите есенцијални филозофски промисли. Тоа е конечно и основната функција на секој книжевен род – да му фрли ракавица в лице на основната човечка импертинентост и да наведе човечкиот род сам да си направи подобро место а интелектуално осознавање. Дотолку повеќе поезијата има потешка задача затоа што тоа треба да го направи во помал зборовен опсег за разлика од прозата и драмата. Тука лежи мудроста на поетската книга на Јетон Келменди која има и таков наслов: „Судбински простор“ – во тенкиот, бел, но масивен стих полн со филозофски длабока промисла.

jeton kelmendi

Иако помал дел од неговата поезија, третиот сегмент има епска проминенност и се однесува на значајни луѓе кои ја одбележале оваа цивилизација со своето дело, а се дел од неговата авторска егзалтација: Мајка Тереза, Исмаил Кадаре. Овој поет во овие доста подолги песни ја вткаил и епската родова одреденост во неговиот верс и со тоа докажал дека лириката и епиката се два дијаметрално различни родови, но дека песната како книжевен израз има апсолутно поголема зависност од инспирација отколку од експресијата.

 

„Беше малку Гонџа малку Калкута
Повеќе Албанка и повеќе светлина
За човештвото
се молеше и самата
Станувајќи светлина.“

Живот оддалечен од самиот себе

 

Епскиот момент и рефлективните стихувања се слеваат во една сензуалност која епиката ја ослободува од паролаштво, а рефлексијата од неразбирливост. Уште една карактеристика на поезијата на Јетон Келменди – литерарната сплотеност. Тоа е книжевна органика која пленува и инспирира, затоа што конечно, литературата е таа која низ инспирација се репродуцира самата себе во нови и нови изрази. Лириката во оваа сјајна стихозбирка е тивок бран на емотивната реинкарцација која циклично се одвива во сите песни од оваа провиниенција исто онака како што се регенрерира и човековото духовно битие под влијание на љубовта и страста.

Поетската збирка „Судбински простор“ има антологиска вредност и временска сонда и во минатото и во иднината затоа што се занимава со цивилизациски вознеси и таги. Тоа е конечно едно од најновите дела на овој автор кој е преведуван во повеќе од четириесет јазици, академик и врвен европски интелектуалец чии книги се наоѓаат на полиците на респектабилни институции, а неговите песни во безброј светски антологии. Јетон Келменди е млад, но со импозантна биографија на книжевник и научник. Мисловноста на неговата поезија е процес кој својата зрелост ни ја дарува континуирано, се дотогаш додека умот ни помислува на вечноста.

19.11.2018

Поетскиот ангажман на Лидија Димковска има една in flagranti конотација која интригира и восхитува. Поетскиот ракопис „Црно на бело“ започнува од едноставен бел стих, а ...

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...