Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин
Третиот дел од оваа епохална сага на Том Стопард го следи исклучиво емигрантскиот период на Александар Херцен каде што тој ги доживува последните прекршувања на неговите политички и идеолошки убедувања, како и доследноста на нивната инфлуентност во турбулентна Русија каде анархијата го достигнува својот врв посебно после смртта на царот и политичките превирања пред да биде консолидиран т.н. социјал-утопизам, а кој многу брзо преминува во комунистички бастион. Максимата на Александар Херцен „Нашето значење е во тоа како ние го живееме нашето време во еден несовршен свет“ е лајт-мотив на овој најзадушен дел од оваа исклучително динамична трилогија. Дејствието се одигрува на двата плана – политичко-идеолошкиот и на интимниот план. Емигрантскиот конгломерат на интелектуалци кој ќе го извлече оној најнепосакуваниот крај од утописките тенденции и интенции станува жртва на својата сопствена реторика и тоа токму во време кога паѓа империјализмот во нивната родна земја. Утопистичкиот концепт нема практична примена и тоа во една бунтовна сценска варијанта го истакнува Михаил Бакунин, еден од најконсеквентните ликови на ова замашно дело на Том Стопард, се разбира после комплексниот лик на Александар Херцен. Руските интелектуалци во овие сцени авторот ги покажува како емотивни ликови кои се обидуваат да ја искршат својата патетика и да понудат нешто практично како идеолошка матрица за својата земја. Тургењев, еден од најголемите руски автори од тоа време е пример за патетична констелација, за необјасниво неодлучна интелектуална појава чиј реалистички начин на пишување ја нема критичката нитка, а Стопард го отсликува точно во таа гама, во таа лебдечка состојба на идеолошка несигурност. Како и да е, се чини дека Херцен во овој дел, и покрај априорната разочараност од текот на настаните после смртта на империјализмот сепак е среќен заради импактната улога на неговото „Ѕвоно“, како и заради континуитетот на анархоидната инструраност на надоаѓачката социјалистичка струја.
Режијата на Алексеј Бородин на овој дел е еден вид на сублимат на претходните два дела. Дејствието секако, се одигрува на истата сцена, но овојпат режијата наметнува една експлицитна симплифицирана сценичност налик на онаа на Гротовски каде егзалтацијата и асамблеичноста скоро и да ги нема. Свесен дека дејствието во овој дел е најмногу посветено на љубовниот триаголник Херцен – Наташа – Огарјев режисерот обраќа повеќе внимание на динамиката на тие случувања, додека политичките превирања ги сведува на брзи сцени така што реториката добива на својата импулсивност, а интимистичкиот контекст на акцентираност. Сцените исто така се слеваат една во друга со тоа што групните сцени кои во првиот дел импонираа со прекрасните музички парчиња и со инспиративната кореографија во овој дел се решени минималистички и се сведени повеќе на хорски артифициелизирана активност. Третиот дел како „кода“ на целиот драматуршки подвиг има еден бекетовски мирис во воздухот и режисерот токму заради тоа не ги одвојува визуелно сомнабулните сцени на Херцен кои ги има најмногу во овој дел. Единствено, тоа го потенцира во костимските решенија во последната сцена кога Марл Маркс и Чернишевски се појавуваат во ирелистички бели костими и тоа на некој начин ја потенцира мисловната калиграфија на овој интелектуален руски гигант. Ваква каква што е, оваа режиска концепција на Алексеј Бородин како еден вид на компромис со авторовиот поглед на анархистичко-утопистичка Русија во средината на деветнаесеттиот век нуди висока актеркска амплитуда што е за секоја пофалба. Кога го гледате третиот дел ги имате во предвид и другите два и некако не ви недостигаат многу визуелни климакси и аудитивни татнжеи за да ве понесе актерската игра и доследноста на режиските решенија кои, повторно ќе потенцирам, импонираат со својата едноставност и искреност.
Илја Исаев во улогата на подостарениот Александар Херцен покажува дека знае да го одигра и она што во животот уште не го доживеал – староста. Без интенционални физички и аудитивни поместувања, овој сјаен актер одлично ја одигрува токсичноста на неговите недоразбирања со младата интелигенција, но и самокритиката која ја подгрева незапирливата еротичност и неодлучност на неговата животна сопатничка Наташа. Неговиот Херцен иако во текстуалните реторички каденци се чини дека се обидува во третиот дел се повеќе да ги убеди другите, изненадувачки ги задржува бунтовните импулси, но со мудро задржување, начин на кој тој го индицира остарувањето на овој значаен мислител кој не се дава толку лесно на практичните инсталменти на новата генерација револуционери. Илја Исаев извонредно го одигрува задржувањето на духот на веќе остарениот Херцен, една актерска паритура која претпоставувам е многу тешко да се одигра. Фантастична актерска кода на особено комплексна улога.
Скоро сите ликови во третиот дел на оваа сага ги играат своите ликови во подоцнежно доба. Така и актерот Андреј Сипин го одигрува својот Огарјев, пријател на Херцен кој е на некој начин и политички и интимен опонент со оглед на тоа што Херценовата сопруга Наташа станува негова сопруга. Овде, во кругот на руската емиграција во Лондон (Хемпстед) меѓу многуте родени деца се случуваат низа љубовни премостувања и триаголници особено меѓу интелектуалците каде што нивните сопруги се обидуваат да се снајдат во интимните превирања инфлуентирани од политичките превирања. Огарјев е поимпулсивен и поемотивен од Херцен, па така неговите еротизирани застранувања уште повеќе го комплицираат љубовниот триаголник. Андреј Сипин оваа улога ја игра доста инспиративно, со крајно динамички реторички делници и делува одлично како пан-дан на главниот лик. Лик, натопен со една недефинирана еротика и со непродуктивна политичка конвергентност, тенки деталји кои младиот Сипин ги дава многу јасно и актерски доста умешно.
Меѓу овие дијаметрално различни типови на емигрирани интелектуалци и политичари Наташа е жена која својата интимна филозофија и својот брачен постамент залудно го бара за цело време додека се одвиваат сите дејствија и во другите два дела, а секако и во овој, последен дел. Имено, таа со себе ја носи недоумицата – сопруг или интелектуалец, и дилемата дали за нејизниот брак е поделотворна славата на Херцен или набиената еротика на Огарјев за која точно знае дека излегува и надвор од нивната спална соба. Таа заминувајќи од едниот се разочарува во другиот за конечно да одлучи да си замине и од двајцата. Актерката Рамилја Искандер во оваа, би рекол најкомплксна женска улога во целата трилогија штедро го раширува целиот свој актерски талент. Извонредно контролираните емотивни амплитуди, како и сјајните говорни перформаси говорат за цврсто конципиран и одигран лик кој останува во сеќавање и по одгледувањето на претставата.
Како еден од главните ликови во другите два дела, но како епизода тука се појавува и Михаил Бакунин на Денис Шведов, актер кој импонира со својата динамичност и полетност, и како млад и бунтовен интелектуалец кој не е разбран ни од својот татко ни од своите сестри, но и како напатен затвореник, жртва на рускиот империјализам, како прекален револуционер кој се откажува од идеалошките премиси на неговиот пријател Херцен и повикува на оружан бунт. Денис Шведов до крај импонира со својата неотповиклива бунтовност, со својата стаменост типична за руски револуционер, но и со доследноста на сите елементи на овој исклучително допадлив, но и комплексен лик. Режисерот и во третиот дел вметнува актери кои во другите делови играат други ликови. Но, тоа не е направено таксативно и само од практични причини. Овде ликот на опонентот Чернишевски го игра Александар Доронин, актер кој во првиот и вториот дел го игра Станкевич, исто така отровен опонент и критичар на интелектуалната дезориентираност во Русија. Доронин и во овој дел е импресивен како актерски персоналитет со тоа што и овде, во една егзалтација говори сличен монолог како оној во првиот дел од трилогијата. Една актерска појава која има густа емотивна смеса и која носи многу потребен навев во целата драматургија – навевот на гнев и неиздржливост. Во оваа плејада влегува и лелеавиот Тургењев на Алексеј Мјасников, лик кој својата мекост ја провлекува низ целата трилогија, а овде, во третиот дел ја надополнува со зрелоста на веќе реализиран автор, состојба која е противречна, но овој актер ја одигрува мошне умешно.
Аудиовизуелниот момент во третиот дел е во иста линија како и другите два дела, со тоа што костимографка овде е Олга Поликарпова, но сепак, со малите интервенции на костимите посветени повеќе на интервенции во темните бои (со оглед на тоа што се работи за подостарени ликови) чувството е скоро исто како и во другите делови. Како што споменав погоре, костимската разлика во сјајно белите костими на Карл Маркс и Чернишевски ја потенцира сомнабулноста на последната сцена во престатавата. Сценографијата во овој дел е останата на симплифицираната сцена на која се менуваат само мали деталји и со малиот акцент на појавата на Нихилистот на брод кој плови низ несигурно море како симбол на новите идеолошки и политички превирања во Русија сценографот Станислав Бенедиктов како да ја повикува онаа инвентинвост која раскошно ја изложува во целата трилогија. Музичките делници на Натали Плеже ги има само во неколку кратки пасажи кои се скоро на ниво на ефекти или на потенцирање на соништата на Херцен.
Том Стопард многу мудро овде ја завршува својата трилогија „Брегот на Утопија“. Кога ќе ја погледнеме претставата која воопшто не отстапува од текстот или кога ќе го прочитаме самиот текст си поставуваме прашање дали можело тоа да биде тетралогија или пенталогија итн од едноставна причина што овде не завршуваат превирањата во Русија. Токму имагинарните сцени ставаат крај на оваа утописка Одисеја на Херцен и плејадата идеолози кои се дават во морето од нихилизам и недефинираност. Сонот е единствениот излез на исцрпените мислители, а бунтовноста во оваа беспрекорна драматургија на Стопард останува голема дилема меѓу младите емигранти. И во таа една несомнено логична претпоставка авторот го заокружува овој значаен дел од руската историја. Претставата на Рускиот академско-младински театар со оваа импозантна трилогија понуди една комплексна претстава која го завртува вниманието и со својата компактност, но и со прецизно исцртаната режиска предлошка како и со сјајните актерски бравури.