Фиктивна истрага за фиктивната стварност

кон „Ужегнатост“ во продукција на Артопиjа

[ ]

uzzegnatost

Од симболичната театарска понуда на почетокот на годината, во која допрва ќе видиме кои претстави субвенционирани од ресорното министерство ја исполниле својата основна цел да бидат тематски актуелни и уметнички издржани, една продукција секако вреди да се истакне, а не е работена со поддршка од државата, туку со малку пари од Град Скопје.U1

U2© Марјан Петковски

 

Задржувањето на целокупната драмска граѓа, од страна на режисерот, е проблем за публиката

 

Се работи за претставата „Ужегнатост“, која е трета премиера на независната театарска група „Артопиjа“, по „ Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ и „ Експеримент“. За разлика од првите две претстави кои беа поставени во Младинскиот културен центар, „Ужегнатост“, работена по текст на чешкиот автор Иван Вискочил, во превод на Ема Маркоска Милчин, а во режија на Владимир Милчин, е поставена во Детскиот театарски центар. Со неа режисерот Милчин се врати на театарската сцена во Скопје, по пауза од скоро три години.

Ретки се домашните режисери кои се трудат со секоја нова премиера на гледачите да им понудат нов, досега непоставуван драмски текст. Со Милчин, тоа е речиси редовна пракса, која и овојпат се покажа како исклучително вредна, заради изборот на делото, чија тема ја рефлектира позицијата во која се наоѓаме како општество, денес. Иако Вискочил го напишал текстот во 1965 година, инспириран од поинакви историски околности, режимското владеење и справувањето со него прозвучува актуелно и наше. Но „Ужегнатост“ не е претставата во која „се расчистува“ само со минатото. Таа е работена како коментар на стварноста, во која се критикува и претходната и актуелната власт.

Фабулата е фокусирана кон истрагата за работата на една непостоечка Управа, чија администрација само фиктивно си ја вршела работата. За да биде апсурдот поголем – и истрагата за работата на Управата е прикажана како фиктивно и немушто изведена од страна на новата власт, со што атмосферата во земјата е податлива за било какви интервенции отстрана. Дејствието во камерно поставената претстава го предаваат шесте актери – Симона Спировска-Костовска, Наташа Петровиќ, Тамара Ристоска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски и Мартин Јорданоски. Како работела минатата власт, дознаваме од ликовите во хиерархијата на Управата, доловени од Јорданоски, Митевски и Кирковски. Записник за нивното (не)работење прави остарениот и невешт записничар што го толкува Спировска-Костовска, а коментарот за состојбите во вид на нарација, доаѓа од Петровиќ и Ристоска. Младата, но е и неискусна актерка екипа, се справува со густо напишаниот текст, кој ја предава фабулата на претставата, повеќе низ раскажување и описи, отколку низ дејствие. Нивната игра е гротескно-фарсична и до таа стилска одредници се држат сите, повеќе или помалку. Сепак, најголемо и најпријатно изненадување приреди младата, свежо дипломирана Тамара Ристоска, која низ играта со текст, прилагоден на источен дијалект, не еднаш ја насмеа публиката.

U3

Околу обликуваниот сценски простор, омеѓен со лента за забранет пристап поради истрагата, гледаме обриси од градбите на „Скопје 2014-та“, во распаѓање. За нив беше задолжен сценографот Крсте Џидров. Тој на предна рампа поставува макета од белата партиска зграда на ВМРО-ДПМНЕ, која по текст е Управата. Таа пред крајот на претставата се заменува со макета на здрадата на Владата, исчистена од интервенциите на Шарената револуција, но, како што гледаме низ изведбата, е слаба за да се справи со актуелните предизвици, внатре и надвор. Гротескно-фантазмагоричниот приказ за покорната и неука администрација, (прикажана како причина за режимското владеење), е доловен и преку костимографијата на Марија Пупучевска и Бранкица Јордановска. Таа, како и дизајнот за плакатот, е инспирирана од делата на белгискиот надреалист, Рене Магрит. Црните костуми, со црвено порабени палта, црвени вратоврски и чорапи и црните шапки, го детерминираат основниот тон на бои во претставата, чија знаковност алудира на константната состојба на битисување меѓу животот и смртта. Ова е својствено за изгледот на ликовите на службениците, но не и за Првата и Втората, чија гротескна појавност е потенцирана со изборот на многу сребрена и златна шминка, накит и други додатоци нафрлени врз црните фустани во кабаретски стил.

Главен белег на претставата „Ужегнатост“ е мачнината со која се избориле актерите во совладувањето и предавањето на густо напишаниот текст на Вискочил, кој не е штрихуван. Но, тоа инсистирање на задржување на целокупната драмска граѓа, од страна на режисерот, е проблем за публиката зашто од неа се бара концентрација за секој искажан збор и реченица, во текот на изведбата, долга еден час и 40 минути. Тоа ја прави „Ужегнатост“, напати херметична, тешко комуникативна со гледачите, претстава во која под ударите на густиот текст, знае да падне и драгоцената динамика. А, тоа никому не му треба, ни на актерите, ниту пак на публиката, за која е наменет театарот.

U4

12.10.2018

„Слугинки“ е една од најизведуваните пиеси во историјата на театарот. Напишана и изведена за првпат во 1947 година во Париз во режија на легендарниот Луј ...

01.10.2018

Јетон Келменди е поет кој првиот чекор во стихот го прави од стаменоста на молкот. Кога ја читаме неговата поезија имаме впечаток дека неговиот стиховен ...