Цврсто сошиените крилја на копнежот

Кон збирката раскази „(Со)шиени раскази“ од Оливера Ќорвезироска, Или-или 2017

Почитувана Оливера Ќорвезироска,
Ти се обраќам вака, без „Вие“ затоа што еднаш бев опоменат за тоа и во оваа форма затоа што имам две добри причини. Но, за тоа подоцна.


На кратката прозна форма и пријдов со голема возбуда во раните студентски години кога во возот од Белград кон Скопје, враќајќи се од во тоа време невидено возбудливиот Битеф, ги прочитав „Случаите“ на тогаш се уште непожелниот на овие простори и загадочен Данил Хармс. Имав впечаток дека сум го прошверцувал затоа што и покрај релаксираната политичка ситуација во пост-Титовото време, сепак тоа беа кратки раскази на кои многумина гледаа со резерва. Заедно со таа книга неугледно отпечатена со бели корици од добро познати причини си го донесов и Рејмон Кено и неговите „Стилски вежби“ и тоа беше мојата поаналитична дружба со кратките прозни форми.

И еве, Оливера, повторно сум во возот и повторно возбудливо се дружам со овие „(Со)шиени раскази“ кои имаат форма на песочен часовник и физички, и значенски. Расказите со прецизна и јасно исцртана „кројка“ ми приредија огромно задоволство и воодушевување. Од почетокот до крајот на оваа прекрасна книга расказите се собираат содржински за на крајот да се сублимираат во по една реченица, во неколку слоевити мудри максими. Затоа овој песочен часовник од густа креативна гама после протекувањето низ теснецот на последните страници се проширува подоцна во значенска смисла и остава силни траги во нас како читатели.

Што се однесува до твојот tailoring процес каде има и „основен бод“, и „слеп бид“ и „оверлок“ и „цик-цак бод“ имам една далечна меморија како многу малечок додека седев под шивачката маса на мојата баба во Битола која беше една од пореспектираните. Седејќи под таа маса пред мене паѓаа парчиња од разни ткаенини кои јас ги редев пред себе и воедно ги слушав приказните на сите дами кои доаѓаа да сошијат нешто убаво и прикладно за свадба, за веридба, за пречек или „не дај Боже“ за погреб. Ете на тие шепоти и гласни интерпретации на судбините од градот ме потсети оваа збирка раскази „сошиена“ токму како што треба, збирка која ќе те насмее ќе те натажи но и да те замисли. Јас секако не го развив афинитетот кон шиењето, но тие навеви ми останаа како духови кои на неколку наврати во твоите раскази ми делуваат цивилизациски многу блиску.

Поделена на четири дела оваа книга се занимава со урбаните митови на Скопје, а во некои раскази и на другите градови на Македонија. Во „основниот бод“ ставен е акцент на улиците кои ги снема во онаа форма на која граѓаните на главниот град навикнале да ги препознаваат. Во целата таа галерија на судбини и ликови од кои повеќето се тука, нарацијата е компримирана во само неколку странички, но чиниш дека авторката во нив пренела цел еден живот на урбани ликови кои се дел од една широка семејна и социјална митологија. Тоа се раскази кои ја враќаат меморијата на една младост (Џасмин) која едноставно сакате никогаш да не помине, но реалноста со еден потег само ќе ве потсети дека времето е сурово и дека не поштедува никого, раскази кои широко ги отвораат портите на една неодминлива традиција, воглавно трагична (Маж за бегање), како и раскази за една токсична современост која не само аудитивно, туку и цивилизациски многу брзо го истребува сè она што значи племенитост и рационалност (Аспиратор). Во сите овие раскази од овој прв, „основен бод“ ликовите сноваат по улиците кои веќе не ги познаваат за свои и трчаат по животот онака, наслепо барајќи урбаниот универзум да им прости или можеби тие да му простат нему.

 

 


Вториот бод метафорично наречен „слеп бод“ кореспондира со една, би ја нарекол, „проза во проза“ затоа што покрај ликовите кои се доста познати со име и презиме, се појавуваш и ти почитувана авторке, „главом и брадом“. Тука е првата причина зошто јас се одлучив вака да ти се обратам, едноставно затоа што оваа необична збирка раскази ме инспирира и јас да се појавам во својата рецензија. Точно, оваа збирка раскази е и инспиративна и крајно ерудитивна затоа што ти, почитувана авторке имаш необично голема смисла за лингвални лупинзи кои навистина пленат. Овие раскази се лепат за моите емоции, за еден одживеан живот на кој
сакам да се сеќавам. Бескрајно е впечатлив расказот во кој робустниот камионџија го прави она свое антологиско „свака час“ кочење за да го изрази воодушевувањето што во неговиот камион се наоѓа авторката на единствената книга која ја прочитал „Зооки Поки“ , расказот за 99-годишната баба на Емилија и конечно, еден од моите најомилени, расказот за Калина Малеска која пие кафе со имагинарниот лик на Марија Мислева на тераса во хотелот „Дрим“ (Крајно убав ден). Почитувана Оливера, восхитуваат тие патувања кон тој урбан имагинариум и ви предизвикуваат трпки кои некако мазохистички ги издржувате затоа што се метаболизираат во вашата заумна стварност, во контекстот на копнежот кој Вим Вендерс извонредно го анализираше во своите „Крилјата на копнежот.“ Искрено, ова е мојот најомилен дел од оваа збирка, додека „оверлокот“, како трет дел ни донесува нешто што се вика систематизиран хаос каде и сеќавањата и реалитетот се обидуваат да најдат компромис, но ти, Оливера како мудра авторка не им даваш да го направат тоа. Овде, чинам се препознава и вистинскиот твој стил кој кога би го превел на друг јазик, би го превел со еден музички термин кој се вика „тембр“. Темброт е најтежок во актерството и апропрно звучи фалш ако не си талентиран и затоа е многу редок аудитивен стил на треперење кој се употребува во многу специфични ситуации, но, пак би констатирал, многу е зависен од талентот. Твојот талент ги подигнува овие прекрасни раскази на ниво на треперење кое одживува цел еден живот во многу краток временски период. Така се чувствува читателот кој има убава средба со твоите раскази. Во третиот дел се задржуваш на тие споеви на традиционализмот и модерното урбано милје и тоа е една егзалтација која во Битола би рекле дека „чини пари.“

„Цик-цак“ бодот ни подарува вињетки кои ме потсетија токму на Кено, но во оваа книга почитувана Оливера, ти успеваш да ни ги фрлиш животните ситуации в лице со само неколку реченици и (барем мене така ми се случи) да не натераш за момент да запреме со читање и да земеме длабок здив велејќи си во себе: „Ех, да бе, така е, Оливера има право“. (Страв, Валкан снег, Катанец). Тука и самата го споменуваш тоа треперење кое е особено сигнификантно, (Тесни и широки) и крајно опсесивно. И тука е, конечно втората причина зошто ти пишувам вака, а тоа е необичноста која ја краси оваа фантастична книга раскази, необичност која од обичните животни ситуации гради предел со галерија од ликови кои се тука со нас, или биле тука за нас, од нас и во нас. Биле тие ликови дел од судбински предодредена страст и копнеж, дел од една љубов и искреност, дел од една традиција и од едно по малку неподносливо современо виреење, ликови кои се in situ, кои својата еклатантност ни ја потенцираат со својот придушен хероизам, а кој ти, почитувана Оливера мајсторски си го опишала со сублимат од добро одбрани зборови.

Погоре кажав дека мене во оваа одлична збирка раскази најмногу ме пленат расказите каде реалните ликови кореспондираат со имагинарните. На една од читачките проби на „Хамлет“ пред скоро 30 години, неодамна починатиот режисер Љубиша Георгиевски говореше за тоа дека и во втората негова режија на оваа безвременска трагедија духот на Хамлетовиот татко нема да го појави како лик затоа што тоа (како што тој имаше обичај да го каже) „на прва топка“ и му делува како бајка. На таа негова реченица отворената врата од салата за читачки проби се затвори со тресок. Ние сите замолчавме. Немаше никаква промаја, беше сончев септември. Духот се налути и си замина трескајќи ја вратата, а мене ми замрзна крвта. Но, ми остана возбудата од тоа еве до ден денес и истата повремено се регенерира и во овој прочит, во оваа голема возбуда наречена „(Со)шиени раскази“.

Почитувана Оливера, авантурата наречена „(Со)шиени раскази“ некако махинално не ја вратив на полицата каде што се и другите книги што сум ги купил од „Или-или“, а тоа значи дека пак ќе ми треба да се потсетам на некоја искра која ме интригира или ме возбудува, можеби да ме инспирира или да ме натера да мислам поинаку затоа што ете, нешто што овде го прочитав како расказ ме потсетило на животно искуство што ќе ми стане духовно богатство.


Со почит,

Сашо Огненовски