Mason Proffit

Last night I had a strangest dream

Од музичкиот дневник на Ѕвеки

Чудниот сон на „Мејсон профит“

 

Не ја знаев. Не ја барав. Не ја сакав. А таа сепак дојде кај мене, што би рекол поетот, тивко и незабележливо. И остана со децении. И замина исто како што и дојде.

Навистина, немам поим на кој начин кај мене дојде плочата „Last Night I had a Strangest Dream“ на „Мејсон профит“ (белким така се чита „Mason Proffit“). Ама дојде. Станува збор за нивниот трет албум и, според она што може да се слушне преку глобалната мрежа, истовремено и за нивниот најлош албум од сите четири албуми што ги снимиле во својата куса кариера (1969 – 1973). Добро, за волја на вистината, албумот навистина и не е многу лош, особено ако немате некои особени очекувања. А плоча која на својата обвивка има фотографија на четворица исклучително чисти, заштиркани и тазе избањани каубојци, фотографирани како да се сватови на некоја малку посериозна селска свада и не може да се очекува премногу. Особено ако таа плоча се вика така како што се вика, односно по славниот антивоен стандард на Ед Мекарди (Ed McCurdy), конпониран уште во 1950 година. Имено, дури и на авторот на овој дневник му беа познати верзиите на Сајмон и Гарфанкел и на Пит Сигер на оваа песна, па секако не беше реално да се очекува нешто посилно од „нашминканите“ каубојци. На страна што во средината на 70-тите години од минатиот век (кога до мојот грамофон стаса оваа плоча) антивоеното движење веќе беше на своето издишување. На крајот на краиштата, претпоставувам дека овој бенд е прилично опскурен во нивниот роден Индијанополис или во Чикаго, каде што делувале во поголемиот дел од својата кариера, а камоли во Европа и да не зборувам воопшто за Македонија.

 

Mason+Proffit

Она што ми допира до сеќавањето е дека во тој период од мојот живот очајно сакав да имам плочи. А немав пари. Ги купував (онолку колку што можев), ги позајмував и не ги враќав, ги крадев од дуќани и пријатели (ова е застарено злосторство, а во тоа време крадењето плочи, како и книги, впрочем, претпоставувам дека беше подложно на најмала можна казна).

Како и да е, оваа плоча (единствената нивна за „Ampex“ – фирма позната како произведувач на магнетофони и засилувачи, а не како продукција на грамофонски плочи) беше едно од најпријатните изненадувања во мојата слушачка кариера. Самиот факт што не можев да ги ставам во ниту една графа од моите плочи беше доволен за моето воодушевување. Дали беше тоа рок музика? Да, беше! Дали беше американски фолк? Да, беше! Дали имаше свои лигави кантри елементи? Да, имаше! Дали имаше внатре блуграс? Секако. Дали беше поп албум? Никако! Дали звучеше бунтовно? Не, се разбира!

Сепак, кога ќе слушнете ваков фолк-рок албум каде што има еколошки песни уште во тоа време (In the Country/Sparrow, нумерата со која се отвора албумот), антивоени како насловната и, секако, прекрасната „Mother“, па дури и песни што би ги нарекле „бори се за своите права“, а тоа е неизбежната „Eugene Pratt“. Во секој случај, секоја од овие песни носи во себе некаква порака.

Пораката секогаш ми била многу битна, но „Мејсон профит“ не служат само како поштенско сандаче. Напротив. Браќата Тери и Џон Мајкл Талбот (овој последниот, судејќи според Википедија, од некои авторитети е наречен „најдобар бенџо музичар на сите времиња“), основната оска на бендот, имаат навистина атрактивни и силни вокали, вонреден сенс за мелодија и се однесуваат како точно да знаат што сакаат. Со други зборови, имаат став.

Но, оваа плоча, онака како што стаса до мене, само многу децении подоцна, на истиот начин и си замина. Знам точно кому му го продадов поголемиот дел од плочите, знам и кому му подарував плочи (барем дел од луѓето на кои сум им подарил мои плочи) и, за потребите на овој текст, се обидов да ги пронајдам „Мејсон профит“. Не успеав. И верувам дека никој од оние што ги прашав не ме излажа.

Како и да е, минатата ноќ имав чуден сон, најчуден на овој свет…

 

Другата страна на надежта
режија: Aki Kaurismäki

21.05.2017

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) ...

Depeche Mode во живо во Амстердам
Ziggo Dome | 7 мај 2017

18.05.2017

По четиригодишната пауза од издавањето на последниот студиски албум кој беше оценет како најслаб од страна на критичарите и публиката – Delta Machine (2013,  Columbia ...