Caetano Veloso, David Byrne

Live at Carnegie Hall

Овој „жив“ албум, во буквална смисла на зборот е снимен на вториот заеднички концерт на Caetano Veloso и David Byrne, на 17 април 2004-та година во Карнеги Хол, во Њујорк, САД.

Како дел од долгогодишната серија на концерти во Карнеги Хол, насловена како „Perspectives“, каде Артистот кој ќе биде избран за резидент има слобода да покани други музичари од било кои жанрови да му се придружат во изведбата, овој концерт се издвојува како прв на кој некласични артисти како Veloso и Byrne се куратори на програмата.

Добро познати еден на друг, имајќи претходно уште еден заеднички концерт и една заедничка песна, легендарниот бразилски тропикалиста и култниот Шкот од Америка кој ги сруши сите граници на алтернативниот рок, свират и пејат подзасрамени еден од друг и од своите величини, со што го прават овој акустичен албум уште пошармантен. Иако постар и далеку поголема легенда од Byrne, Veloso со голема почит во еден предговор вели: „Мора да си Бразилец за да знаеш колку е јако да пееш рамо до рамо со David Byrne“. Оваа изјава најверојатно се должи најмногу на придонесот кој Byrne го има кон бразилската музика, а најмногу кон нејзината промоција ширум светот. Всушност, Byrne ги има насочено очите и ушите на светот кон најсмелите остварувања на Tom Ze и останатите претставници на култното бразилско уметничко/музичко движење Tropicalia, чиј истакнат предводник е и Caetano Veloso.

Одтука доаѓаат симпатиите и срамежливоста на артистите еден од друг, но и нивниот подвиг, да успеат да соголат до коска две дијаметрално различни, а комплексни музички творештва. Да ги соголат до нивната суштина, донесувајќи ги на едно идентично акустично ниво, со идентична музичка и емотивна експресија. Дури ако се занесете добро во нивната заедничка песна “Dreamworld: Marco de Canaveses”, нема ни да забележите дека е на два различни јазици.

Албумот се состои од 18 внимателно селектирани хитови од кои 8 се на Veloso, 9 на Byrne и една заедничка. Тие двајца свират на гитари и пејат, Jaques Morelenbaum е на виолончело и Mauro Refosco на перкусии.

Оние кои веќе го слушале овој албум, нема никогаш да престанат. А на оние кои не го слушале, им љубоморам дека ќе го слушаат некогаш за прв пат.

21.11.2017

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово ...

20.11.2017

На претпоследната вечер од годинашниот „Синедејс“ имавме несекојдневна можност да го гледаме долгометражното остварување едноставно насловено „Хармс“. Се работи за, воопшто, првиот игран филм за ...