Хинки

Мигдал [Грал 2003]

[ ]

Еднаш како млад прочитав еден дневник на Кокто. Отварајќи ја првата страна следеше: „Без опиум – плановите, браковите и патувањата ми се чинат будалести како и надежта на човек кој паѓа преку прозорец дека ќе се спријатели со станарите на собата покрај која проаѓа“.

hmin

Златко го запознав по улиците како и сите од онаа сцена што некогаш постоеле како призрачни сенки на една мината ера. Се сеќавам дека ми зеде 7 штотуку купени плочи од Солун и никогаш не ми ги врати. Хм… Патем сè уште филмски живо паметам една забава кај Доминик (во периодот на првото прикажување на Twin Peaks), беше тоа време на мистерии и илузии и гнасни пијанчења. На истата забава Златко го посети Боб (еден лик од истоимената серија), забавата за малку ќе завршеше крваво, Златко се сопна од мене, па се закошкавме, за да тој потоа искрши една пивска флаша и почна да замавнува со неа кон неколкумина од нас (меѓу присутните беа Никола Гелевски Коља, Борјан Заревски, Картер и кој сè уште не од скопската недоделкана подземна и мрачна сцена). Беше лудо копиле. Сеедно, после долго шуткање и буткање излеговме надвор од дворот и набргу го смирив. Оттогаш станавме некакви сопатници или пријатели. Хм, зошто го спомнав Кокто? Веројатно поради опиумот, но исто така и заради зилион други причини. Поради сонот и животот. А има ли разлика меѓу сонот и животот?

Златко имаше повеќе фасцинантни перформанси на коишто многумина од нас присуствуваа, тој изгледаше како Маниту да се соединил со Фауст и гризнал кокошка за врат, па се раскрварел во подножјето на Катманду и се снебидил во некаков црковен Носферату – прав девијантен отпадник, би рекле инспекторите од МВР. Непрестано го задеваа. Српските елитни уметници коментираа „уметник ал’ ипак македонац“. И тогаш имаше кризи, непрестани кризи, сепак тие важеа за сите (не како денеска). Е сега, кризата како состојба подразбира многуслојна анализа и толкување. Златко во меѓувреме ја дефинираше кризата на повеќе нивоа и дури напиша песна за неа.

Можеби токму поради тоа го парафразирав Кокто: „Опиумот нè напушта оставајќи пустош во нас…“. Сепак Кокто е Кокто, а Златко е нашиот Златко и како и сите останати од тоа замаглено време полно со страсти и девијации (како да денеска ги нема?) не го доби заслуженото внимание. Останува вака да го споменеме во сеќавањата. Во тоа време ниту големата држава Југославија немаше почит за експериментирањата на ексцентричните, уште помалку некому му беше грижа за Скопје, Македонија беше само една успиена провинција во којашто се раѓаа чушки, лубеници и најквалитетниот опиум на планетава. Што имав заедничко со Златко (тој сè уште го чуваше приборот на прадедо му за обрежување на афион). Гемиџии бевме психоделични гемиџии- к’лна’ти г’ми’џи’ски деца. Прогнати од овој свет. Златко беше фасциниран од музиката, иако тој и не беше музичар во правата смисла на зборот, повеќе некаков вид на собирач на звуци и ритми, колаж мајстор. Неговиот вкус варираше и беше критериум за повеќемина од нас. Пристигнувањето на компјутерите конечно ги отвори портите на креацијата за Златко и тој започна со невронско-ритмичко семплирање кое понекогаш траеше со денови. Дуфтање и пуфтање помеѓу неговите мачји дремки, единствениот одмор му беше кога некој ќе дојдеше за некаков алхемиско-аптекарски совет. Тогаш тој ги пушташе креациите и тие лупаа од ушите на посетителите. Пуфте-пафте-дум-дум-буфта-буфта-буфта-буфта! Многу повеќе ме фасцинира употребата на звукот како слика од страна на еден уметник оттколку кога тоа го прави некој умислен музичар. Ќе се обидам да го доловам тоа што Златко се обидел да го прикаже, се разбира на еден повеќе сензитивен, поетски начин, отколку како љубител на самиот електронски жанр. Денеска секоја глава дреме пред компјутер и прави некаква музика. Не сум особено фасциниран од овој жанр. Сепак одиме со анализа на албумот Мигдал.

1. Stealth over Skopje – Динамична звучна слика за времето во кое над Скопје летаа авионите на Нато алијансата. Маршови и испрдоци на проектили, агресија и регресија. Златко седејќи од својата лабораторија ни ги раскажува хорорите на војната и надмоќта на технологијата за убивање. Но, со смирена глава.
Композиција бр. 2 Аggreason – Колаж на звуци и ритми што треба да нè воведат во некаква реалистичко-научнофантастична сеанса на деструктивно агресивно чекмежење. Златко е понесен од ритмите и фрагментите, тој трумпа и трампа.
Композиција бр. 3: Day after – Агресијата е веќе минато и монструмите се пуштени на улиците и во супермаркетите. Социјализмот се премрежува и претопува во немилосрдна феудо-капиталистичка касапница-импресија на некаков облик на фри-џез папазјанија.
4. Destructive relive – Up bit тарзанесктно мистична пиеса која Златко ја чувствува во своето опкружување и ја отегнува до една мегалитна, дванаесетминутна епопеја на звуци и ритмови, Златко сигурно релаксирано се воодушевувал и уживал во новооткриените компјутерски програми.
Бр. 5 Мan’s attitude – Да, човекот е несносна животинка и неговото однесување е повеќе од бизарно, ова ме потсетува помалку на Yello преточено со некаков резидентски ресентиман. Има порака.
Бр. 6 Downing – Приземјување во скопските дупки полни со испарувања и пост хептанонски исцедоци исполнети со некакво демонистичко шантање и будењето во приквечерината. Одлични гитарски фрагменти отсвирени од Венцислав Смаќоски. Златко е тука мајстор.
Бр. 7 Оnida – Овде како да го чувствуваме најеротскиот баланс на женските сукубни индукции коишто го движат индустриско забавниот комплекс кон празнењето на телата и мислите. Права онанична маестралност, завиткана со суптилни еротски вокали. Ниту Јоко Оно не би го направила ова парче подобро, двајцата имавме голема почит за неа.
Бр. 8 Dream is destiny – Конечно се наѕира малку нежност во изборот на звуците и малку сништа за ионака веќе заспаните. Музика што би го освоила секој простор во некој Red-light district. Интересна минијатура, скоро филмски исечок.
Бр. 9 Еpilogue – Епилогот мава по уши како трубите на Јерихо.
Бр. 10 Faust – Долгите нокти на изгрејноќта се појавуваат и тие започнуваат со потрагата по месото, крвта се згрутчува и секој вампир посакува ново, свежо количевство на крв. Таа хемијска реакција ги вознемирува граѓаните што боледуваат од анемија.
Бр. 11 Iluminati – Тие пристигнуваат (како да не се меѓу нас за сето време?), следи електронска калакурница и лесноритмичен чарлстон.
Бр. 12 Recolekt of the omen – Интересна проекција, оплеменета со исечоци и пејсажи, симболика и истражување на потсвесното, сакавме минијатури уште од белиот албум на Битлси. Работи што кратко трааат.
Бр. 13 Мorrning star – Додека дремев кај него на минување, оваа беше една од највибрантите композиции. Златковото техничко мајсторство тука доаѓа до поп димензија, со седуктивност исполнета од сите оние хемиско-алхемиски влијанија и зарази на тоа време, ечејки како ѓаволескно наркотичен храм на механицизмот од мислите и продавањето на лажните раеви. Интересна композициа, има некаков присен одек, шаманско-пештерска вибрантност, на моменти дури и екстатичност. Убаво… За некој што веќе го загубил умот (како во елоквентните излагања на Теренс МекКена) и чека просветлување.
Бр. 14 Seimeni – Сега Златко повторно навлегува во хордите на трансгресијата и гневот и јаукот на прог-рокот… долга пиеса, со оној несносен, за мене индустриски гитарски метеж на Александар Крстевски.
Бр. 15 Sentimantal in khaki – Се приметува дека е внесен напорен труд, но копмпозицијата ја избегнува сентименталноста, која се магли како некакво испарување, добивам слика за рано утринското будење, како кога после рејв забава некој заминува на работно место кое што не носи ништо друго туку некаква ситна пара за преживување. Златко во тоа време не говореше многу. Работата не чекала? Го парафразирам: Работа – работа – работа – само работа.
Бр. 16 D.O.C.R. – Метален вкус, еволуцијата на андроидите и мешањето на владата во пост-апокалиптичната визија на Хинки Мигдал, лишено од емоции и спремно за вечерна напивка, ординацијата е секогаш отворена за ново членство. Цитатологија за исчезнувањето на животот и сништата за смртта. Окултен обид за пенетрацијата на фотоните низ завесата на животот.
И… на крајот.. бр. 17 Whirpool’s end – Музиката е мојот живот, either you like it or not…

Бескрајни патувања до крајот на бескрајот, па од бескрајот кон крајот, па од почетокот до прапочетокот па повторно до пракрајот и така до недоглед со мислите, телата, душата, дамарите и кармите, занаетот и љубовта кон него. Патувањето и понатаму продолжува. Албум којшто секако заслужува многу повеќе внимание од сите домашни излети во оваа насока, го препорачувам за љубителите на овој жанр.


 

13.07.2018

Рускиот академско-младински театар од Москва, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Андреј Сипин, Рамилја Искандер, Александар Доронин   Третиот дел од оваа епохална сага на Том ...

11.07.2018

Оној кој го читал Господинов, го сака Господинов. Оној кој ја читал неговата „Физика на тагата”, е вљубен во романот. Оној кој ја гледал „Физика ...