Пост-авангардниот берлински бенд "Die Wilde Jagd" пристигнува во Скопје

Rotko Books&Music ви го претставува концертот на берлинската група Die Wilde Jagd која ќе настапи на 17 март (петок) во Денсинг салата во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

DWJ

Die Wilde Jagd (Дивиот лов), е стар германски мит познат во многу делови од Европа кој зборува за бестрашните ловци кои во периодот помеѓу Божик и 12-от Ден, јаваат низ земјата по патишта на кои многумина се плашат да ги поминат. Ралф Бек и Себастијан Ли Филип, креативниот двоец на бендот, првпат се среќава во 2006 година во центарот „Салон на аматери“ во Дизелдорф, место познато како германска „пост-панк“ хациенда, каде што се собираат најзначајните музичари и уметници. Затоа и не е коинциденција што токму во Дизелдорф ова дуо работи и твори музика која што е полна со суптилни референци за локалните бендови како Kraftwerk, NEU!, D.A.F., Liaisons Dangereuses, Pyrolator…
Отттогаш, Бек и Филип редовно ги спојуваат своите творечки енергии и снимаат во добро опременото студио на Бек, користејќи бројна аналогна опрема и синтисајзери. Со разновидните уреди за снимање, тие комбинираат широк спектар на ударни инструменти и креираат сопствена „ловечка“ музика која на моменти звучи вознемирувачки – како мочуриште во темна шума, но истовремено и енергично, како хипнотички танц. Нивната звучна слика ја одликуваат репетитивни гитарски лупови, електронски перкусии, тапани и синтисајзери, но и средновековни звуци кои се слушаат на почетокот на „ловот“ и шепотливи и рецитирачки гласови кои ги повикуваат духовите на шумата.
Во бендот членува и Нико Ромел на ударни инструменти. Музичарот и продуцентот Ралф Бек е роден во Дизелдорф и досега реализирал неколку албуми како дел од дуото „Nalin & Kane“. Колекционер е на стари синтисајзери и педали за ефекти и има сопствено студио „Uhrwald Orange“ во кое се снимени бројни албуми претежно на германски бендови. Себастијан Ли Филип е дел и од берлинското електро-вејв дуо „Noblesse Oblige“, а компонира музика за театарски претстави и радио-драми. Во периодот од 2001 до 2006 година живеел во Лондон каде што го водел ноќниот клуб „Калигула“ и настапувал како диџеј.

Локална поддршка: Тодор Караколев
Тодор Караколев создава композиции со силен емотивен набој и луцидна лирика, движејќи се лесно и непретенциозно помеѓу различни жанрови на електронската музика.