На светот му е потребен вистински бунт | Интервју со Grant Hart

[ ]

Како изгледаше Америка тие години кога ги формиравте Hüsker Dü?
Кога почнувавме со Hüsker Dü, Carter беше пред крајот на својот претседателски мандат, а иранската заложничка криза сè уште траеше. По неколку месеци Реган ќе се кандидира за претседател. Општото расположение беше лошо затоа што конзервативците ги притискаа луѓето да ги менуваат работите, да гласаат за нив и сл.
Горивата беа скапи, а и економијата беше лоша. Многу ветерани од војната во Виетнам беа оставени на цедило. Дрогата беше во мода меѓу моите врсници. Трева, есид, пилули… но не и многу кока и сè уште не крек; метамфетамин ретко. Главно лесната дрога. Тревата беше толку многу раширена што полицијата најчесто не се мачеше да пишува пријави ако фатеше некого.
Музичката сцена беше разновидна и панкот не се делеше на една или на две поголеми стилски целини. Немаше насилство на концертите – тоа дојде со Henry Rollins, кога разни „батиња“ се појавија на хардкор сцената за да тепаат. Регето беше насекаде. Rockers rocked and rollers rolled… Сите панкери беа како уметници. Имаше одличен потенцијал.

Која е првата песна што си ја напишал за Hüsker Dü?
Првата песна што самиот ја напишав за Hüsker Dü најверојатно беше „I’m Not Interested“, но го напишав текстот и за „Sex Dolls“ (така е насловена затоа што звучеше како NY Dolls и Sex Pistols), а и за повеќето од останатите рани песни. На сите песни стоевме тројцата како автори сè до 90-тите кога Bob Mould ги заведе одделно.

Бев на твојот концерт во Белград 1995 година, и мислам дека тогаш испорача неверојатна енергија на публиката. Како се најде во позиција да настапиш на Балканот во тоа прилично турбулентно време? Тогаш требаше да настапиш и во Скопје, но тоа не се случи од смешни причини…
Дојдовме во Белград, Tommy Merkl и јас, на покана на Драган Амброзиќ, пријател што го запознавме пет години претходно. Бев револтиран што Америка ме сметаше за предавник после тоа. Пет години по тоа патување не можев да си го обновам пасошот. Моето чувство беше дека доаѓаме да им донесеме музика на ЛУЃЕТО во Србија, а не на власта, на војската, на банките или на сите оние што ја подгреваа тензијата и сееја омраза за да можат да крадат од народот додека ширум поранешна Југославија владееше хаос. Луѓето сè уште страдаат.
Купувањето бензин во канта на црно и на улица ми помогна да сфатам колку музиката е важна за човечката душа. Една девојка ми направи сендвич со две јајца до коишто тогаш тешко се доаѓаше. Никогаш претходно не сум уживал толку во јадење приготвено со толку многу љубов. Се сеќавам дека спиев кај луѓе дома затоа што хотелските соби беа зафатени од војници кои исто така беа жртви на десничарската пропаганда. Многу од овие луѓе беа манипулирани да извршуваат страшни работи против својот народ. Колку банкари беа затворени за воени злосторства?
Ја напуштивме Србија со кола и се упативме кон Будимпешта. Додека со Томи патувавме со воз кон Виена, во нашето купе влегоа двајца многу сомнителни мажи и рекоа дека се полицајци. Едниот рече, „Сигурен сум дека сте по дрогите“ и почнаа претрес.
Се сеќавам дека концертот во Скопје не успеа поради времето. Тешко паметам концерти, особено оние што не сум ги отсвирел. Само се сеќавам дека шетавме низ Виена во потрага по туристичка агенција.

GH_1

Запрашан “Стравински или Шенберг?”, Славој Жижек го одбира Шенберг и, повикувајќи се на Теодор Адорно, појаснува дека во сите уметности постои процес на “ренормализација на пробивот (re-normalizing the breakthrough)”, односно (оригиналниот) уметник прави пробив во уметноста, но т.н. “придружен уметник” е тој кој е обично попознат; тоа е уметникот кој ги отсекува субверзивните краеви на пробивот. Судејќи според едно интервју кое неодамна го имаше со Clash Magazine, дали би бил во право кога би заклучил дека во hardcore-от, според тебе, “придружниот уметник” е Хенри Ролинс (кого ти го опишуваш како поп фигура)? И кој е/ кои се според тебе оригиналните уметници кои го направиле пробивот во hardcore-oт?

Навистина уживам во добра анализа на моите идеи и ми се допаѓа вашето мислење за мене, но 95% од светот воопшто не ми е битен. Уживам што работата, изданијата и концертите ми го овозможуваат ова. Ми се допаѓаат патувањата што ги носат турнеите, но понекогаш концертите ми скратуваат задоволства како посетите на музеи и галерии или вечерите со стари пријатели. Мојата музика ми дава чувство дека ги исполнувам моите должности како гениј/идиот. На светот му е потребен вистински бунт, а не само ова хипстерско срање. Насилството не е одговор. Можеби е време за нео-дадаистичка доминација.

Денес постои сé поголем притисок на артистите да заработуваат сè повеќе и повеќе. Како ја гледаш алтернативната сцена, ако таа воопшто постои?
Секогаш сум се обидувал да функционирам полуилегално… и никој не знае што навистина правам. А каде свирам и кој каков удел има тука – сето тоа одговара на „реалниот“ свет, но сепак моето лично постоење е тајно и скромно. Бенкси е херој. Можеби алтернативната/андерграунд сцена навистина ќе стане андерграунд.

Не си голем љубител на модерните технологии, компјутер, мобилен…?
Токму спротивното. Го сакам мојот нов iPhone 6+ и мојот Macbook Air. Не можеме да се оставиме да живееме без компјутерите. Но, се нервирам кога гледам колку малку луѓе на пример си играат со јојо или жонглираат. Излегува дека сме многу чувствителни и многу зависни од нив. Ако GPS системот требаше да исчезне поради сончевите зраци ќе требаше да побрзаме и одново да ги изградиме светилниците што сме ги напуштиле во минатото.

GH_2

Но сепак, може да се каже дека модерниот елемент во научно-фантастичната верзија на “Загубениот рај” од William Burroughs е она што ти го предизвика вниманието за оваа поема. Дали пренесување на приказната од доменот на религиското во “нашиот реален свет” беше изворот за инспирацијата (заменувањето на ангелите со човечки ликови или на ангелските војни со атомската војна)?

Барав еден вид „либрето“ инспирација, класика врз која ќе можам да направам нешто свое. Ја снимив „Narcissus, Narcissus“ на „Hotwax“, албумот пред „The Argument“. Уживав во смешниот аспект на рокабили песната за Echo and Narcissus (опера). Ехото наречено ROLAND SPACE ECHO беше дел од магијата што ме обзеде. Јас живеам со игрите на зборови. Тридимензионални, еднодимензионални… какви сакате. Мислам дека сликите на Пикасо со минотаури беа еднакво добри за инспирација – повозрасен уметник што се враќа на „класика“. Го мразам тој ебан збор. Претходно бев решен да ја исфрлам сета религиозна содржина од делото. И така повеќе личеше на сезона од „Династија“. Може да биде приказна за „созревање“ помешана со љубовни триаголници и страст. Ако го направев албумот троен ќе имаше многу страст… верувајте ми.

Дали “ For Those Too High Aspiring” е предупредувачкиот знак ака “Tree of Life” во “The Argument”?
Клучот на последната песна отвора други порти, но најважните порти се веќе отворени. Тоа навистина е сè што можам да кажам во моментов.

Во еден познат говор на Милтон, тој вели “Дадете ми ја слободата да знам, да ја користам, и слободно да аргументирам според моето убедување, пред било која друга слобода”. Што ни кажува “The Argument” за слободата на говор, доколку ни кажува нешто се разбира…? И, од денешна перспектива, дали би рекол дека Милтон бил во право?
Слободата да тврдиш нешто свесно е бенигна, а слободата да тврдиш нешто слободно БЕЗ свест е малигна и е основа за каква било политика.

По разорувачкиот пожар, успеа не само да го изградиш твојот “нов Пандемониум” туку и да го доживееш овој процес како ослободувачки. Доколку не е премногу лично, можеш ли да ни кажеш кои беа твоите демони со кои се соочуваше во овој процес, во кој беше свој сопствен Мулцибер или Вулкан, и која е пораката што би ја пренел на другите, особено на младите, кои денес живеат во конзумеристичко општество?
Јас сум сентиментален идиот и во првиот дел од мојот живот собирав и правев колекции. Пораснав во златното време на „американскиот“ шопинг во маркети наменети за хуманитарни цели. А потоа дојде панк-рокот. Ги чував плакатите од секој концерт. Потоа дојде мојот ентузијазам за авто-механика, „Еј види! Бош пумпа за „McCullouch T-57“”.
Колку многу верував во обична гола егзистенција и ненатрупан живот, а на крајот завршив со РАБОТИ! СОБИ ПРЕПОЛНИ СО РАБОТИ! Почнав да исфрлам цели собирани комплети од нешта. А потоа имав и пожар кој ми помогна во тоа. „The Argument“ не е премногу инспириран од приватниот живот, но следниот можеби ќе звучи како создадено од човек чии вредности биле наштелувани.

 

19.11.2018

Поетскиот ангажман на Лидија Димковска има една in flagranti конотација која интригира и восхитува. Поетскиот ракопис „Црно на бело“ започнува од едноставен бел стих, а ...

10.11.2018

Кон „Царството на мракот“ од Л.Н.Толстој во продукција на Народно позориште од Белград Режија: Игор Вук Торбица Главни улоги: Олга Одановиќ, Хана Селимовиќ, Вања Ејдус, Љубомир ...