Bernays Propaganda

Политика

Како еден од првите регистрирани, но и најпребирливи фанови на Bernays Propaganda, можам да изразам големо задоволство од звукот и содржината на нивниот четврти по ред албум Политика. За бенд кој толку често посочува дека ставот им е поважен од музиката, ова е поприлично музички ориентиран албум. Не само како добри песни, туку и како музички став :)

Далеку најдискутираната тема во последнава година за овој бенд е нивната сонична трансформација кон lo-fi електроника, што од презаситеност со „стариот“ звук, што како последица на бурните персонални промени. Она што за еден број фанови претставуваше загуба на енергијата долж отсуството на фуриозните ритми и гитари, за мене е најхрабриот, најпаметниот и најмузичкиот нивни потег во последно време. Ретко кој бенд би се осмелил да ја напушти комфорната зона како што Bernays си дозволуваат и да ја предизвика сопствената (но и новата потенцијална) публика на вистинска сонична авантура. Но наводното губење на енергијата е само површен заклучок на прва топка. Сите одлични ученици знаат дека енергигата е невозможно да се загуби, ами само да се трансформира. Умната стратегија на бендот во овој случај е пренасочување на енергетскиот фокус во најистуреното и секако најубаво лице на бендот, вокалистката и (најчесто) автор на текстовите Тина Горовска, која е продукциски централна и најгласна фигура. Таа извонредно и трансцедентно се носи со улогата, со оглед на тоа дека е веќе мастер на својот занает, нејзината лирика и начинот на кој ја презентира. Цврстите ставови и социо-политичката ангажираност се и понатаму силно присутни во нејзините зборови, но дискутабилното копање ровови и завземање страна е некако маргинализирано во полза на една позрела поставка, во која на слушателот повеќе му се даваат опциите, отколку да му се прежвакува храната за само да ја голтне. Сепак, во општество каде анти-НАТО/империјалистичката доктрината е испародирана до степен на меинстрим политика на дегутантната десница, не е време за копање левичарски ровови во полза на каузата. Со задоволство го забележувам тој чекор кон еден пофин наративен баланс, а и убаво е да се остави простор на публиката да плута во мислите без сосем готови решенија. Сегментот во кој најповеќе уживав на овој албум, е речиси завршената еволуција на Госпоѓицата Горовска од хардкор-панк дива во зрел, сугестивен, мелодичен, па и заводлив вокал. Моќта, трансцедентноста, па и оригиналноста на изразот, ја дигаат на ниво на модерен и автентичен скопски крик. Ако вокалот на Ана Костовска е некој скопски феме екот од минатото, еве имаме и повеќе од адекватен градски одговор во новото време.

BP_Robert-Atanasovski

Главниот стратег на бендот, господинот Васко Атанасоски, освен идејно-продукцискиот мастерстроук со кој музиката ја става во функција на вокалот, прави нешто што ниеден гитарист не би го направил: ја рудиментира и трансформира гитарата до непрепознатливост во однос на стариот материјал. Сепак, наслушаноста со new wave, kraut rock, indie и што сè не, е невозможно да се сокрие, па споменатата „рудиментираност” всушност ја доживувам како имплозија на квалитет по слоеви. Политика звучи како некоја изгубена плоча од новиот бран, која одеднаш искокнала од некоја фиока и сега можеме да ја слушаме. Ми прави да мислам дека можеби и не ми е толку мака што во Македонија новиот бран и не се случил баш во 80-тите, зошто кога ќе видам колку добро го има разбрано оваа генерација и колку подобро звучи од останатите екс-ју конкуренти, ме обзема некаков волшебен зен.
Политика не е голем албум со историска релевантност. Повеќе би рекол голем албум со сериозен приватен значај, пресметка со надворешните и внатрешни демони од секаков тип. Ако некој мисли дека Bernays Propaganda тука застануваат, гадно се замајува. Ако смеам да и се обратам на публиката на овој бенд, би им рекол: handle with care, пошто ова е најблиску што сте стигнале до звезди.
А сега одете, купете ја плочата, ЦД-то, касетата, даунлодот, карта за концерт… Чекај, карти за концерт веќе нема 😉

 

фотографија: Роберт Атанасовски

Гогита и Мака – трезвена грузиска романса на свежа августовска македоксовска вечер
кон документарниот филм „Новиот живот на Гогита“

23.08.2017

Во едно сакартвелско зафрлено место се испреплетуваат приказните за животот после децениски престој во затвор, за важноста на семејството, виртуелните врски и нивното преминување во „вистинскиот” ...

[рецензија] War for the Planet of the Apes
режија: Matt Reeves

12.08.2017

Еден ден Andy Serkis (Gollum, King Kong) ќе биде номиниран за Оскар. Се надевам дека тоа ќе се случи токму за улогата на Цезар во ...