Visible Cloaks

Reassemblage

Spencer Doran и Ryan Carlile (Visible Cloaks) се студенти по музичка историја од Портланд, Орегон, кои нема да се обесхрабрат така лесно и откажат од продукција кога нивниот звук би бил еднострано обележан како уште еден обид за new age ескапизам.

Visible-Cloaks-Reassemblage-Web-Pic-001-Credit-Jonathan-Sielaff-560x419


Нивната визија е да создадат сопствен музички дизајн, одмерен амалгам од источна и западна музика кој заслужено ќе завзема место во континуитетот на рециклирани жанрови во поново време. Како основа ја земаат идејата на Stockhauzen дека „Секоја личност има способност да го искуси целото човештво во себе бидејќи  различните култури се содржат внатре во неа“ и “Fourth World” концептот на Jon Hassell во кој слоевито се унифицираат музичките влијанија од светот во нови, дотогаш непознати форми на музичко изразување,  со тоа што во нивниот најнов албум одат чекор понатаму преку користење на бенефитите на модерната технологија.

Тие користат палета од виртуелни инструменти во Ableton Live, симулации на езотерични инструменти како на пр. ерменски дудук, западно-африкански балафон, мелодии извлечени од “wav to midi” конверзии на рандом семплови, дигитално процесирани вокали, така што финалниот резултат е виртуелна Зен градина од звуци со висока резолуција.
“Reassemblage” содржи богатство од фреквенции, прецизно поместени детали и гличови кои не ја нарушуваат целината на поединечните траки, како и разиграни мелодиски структури темелно информирани од new age, амбиент и поп музиката во Јапонија од 80-ти (Ruyichi Sakamoto, Haruomi Hosono, Dip in The Pool, Yas-Kaz), тло каде на симпатичен начин овие правци си влијаеле едни на други и тешко можеле да се одделат во засебни музички појави.
Иако може да се замери на одредена стерилност во пристапот, новиот албум на Visible Cloaks успева да не се претвори во уште една позадинска музика дефинирана преку нејзината употребна функција (медитација, релаксација, ескапизам), туку да нè потсети дека жанровите како new age  и world music во последно време го доживуваат својот revival и имаат потенцијал да раскажуваат нови и возбудливи приказни.